Детална биографија на Франц Кафка, мајсторот за создавање апсурдност

Франц Кафка е чешки писател со еврејско потекло. Се смета за еден од најголемите писатели на 20 век. Роден е во Прага на 3 Јули 1883 г. Му припаѓал на авангардниот стил на пишување, правец од средната фаза на модернизмот. Во делата тематизира за отуѓување на личноста, мистицизам, бруталност и конфликти помеѓу различни личности. Негови најпознати дела се романите: „Процес“ и „Дворец“, како и „Преобразба“. Пишувал текстови, романи, дневници, афоризми и писма. Сите овие книжевни видови ги соединил низ тематски спиритуално искуство.

Семејство и образование

Франц Кафка е роден во Прага или тогашна Австро-Унгарска монархија, во богато еврејско семејство. Неговиот татко Херман Кафка бил исклучително строг, опишуван како тирански тип на личност. Неговата мајка се викала Џули. Во неговото семејство се зборувало германски јазик. Се труделе да зборуваат на германски литературен јазик бидејќи истиот го сметале како средство за општествен напредок.

Во семејството се родиле шест деца, а Франц е првороден. Имал три сестри по име Габриела, Валерија и Отилија. Двајца браќа Георг и Хајнрих кои умреле уште како деца кога Франц имал седум години. Нивните родители многу работеле. За време на работните недели не биле присутни во семејниот дом. Децата ги воспитувале бројни гувернанти бидејќи татко му и мајка му се занимавале со семејна работа. Кафка поради родителското отсуство често се чувствувал осамен. Од најраните денови на својот живот имал големи проблеми со татко му. Татковиот строг пристап влијаел и на животот на Кафка, како и на неговата кариера како писател. За разлика од татко му, мајката на Кафка била срамежлива и повлечена.

Кафка од својата шеста до деветта година одел од Германско училиште за момчиња (Deutsche Knabenschule). Неговиот авторитативен татко му го наметнал изборот на ова училиште. Кафка многу учел за своето еврејско потекло. Не сакал да се посветува на синагогата, па тоа го правел само за време на најголемите еврејски празници. Во 1893 г. се запишал во германска гимназија (Altstädter Deutsches Gymnasium). Тоа била строга ориентално-класично училиште каде што наставниот процес течел на германски јазик. Во гимназија одел осум години со исклучителен успех. Матурирал во 1901 г., но напоредно го усовршувал и чешкиот јазик. Најпрво се запишал на факултет за хемија на универзитет во Прага, но за многу кратко време се презапишал на правни студии. Иако не се пронашол на полето на правото, неговиот татко бил многу задоволен со овој избор. Истовремено неуморно Кафка следел предавања и од историјата на уметноста. Бил редовен член на студентскиот клуб „Читачки и наставен клуб на чешки студенти“ (Lese- und Redehalle der Deutschen Studenten).

Во клубот се организирале различни книжевни настани. Кафка благодарение на општествената ангажираност склопил разни пријателства со многу уметници од тоа време. Меѓу бројните негови тогашни познанства, најзначајно било со колегата по име Макс Брод, со кој остварил доживотно пријателство. Брод ја согледал интелигенцијата на Кафка. Тој знаел дека зад неговата срамежливост се крие длабокоумна личност. Кафка бил страстен читател. Го прочитал „Протагора“ на изворниот јазик, како и Флоберовите дела на француски. Ги обожавал писателите како Фјодор Достоевски, Франц Грилпарцер и Хајнрих фон Клајст. Измеѓу другото, многу ја сакал чешката книжевност. Во 1906 г. дипломирал и се стекнал со звање доктор по правни науки. Наредната година волонтирал како приправник во граѓанскиот и кривичниот суд.

Сестрите од Кафка

Приватен живот

Според изворите од неговиот најдобар пријател Брод, Кафка имал изразена сексуална желба. Бил чест гостин во борделите. Интимни односи имал со голем број жени. Роднината од Брод, Фелис Бауер ја запознал во 1912 г. во Берлин. Таа работела во дискографска компанија. На прв поглед не му оставила посебен впечаток, но според речениците од Кафка од неговиот дневни, подоцна тој имал поинакво мислење за неа. Оствариле љубовна врска која главно се свела на пишување писма. Се гледале повремено, и два пати се свршиле. Во двата наврати Кафка ги прекинал свршувачките.

Неговите писма упатени кон вереницата се објавени во вид збирка „Писма за Фелис“. Третиот пат бил верен со хотелска собарка Јули В. Според некои извори, Кафка имал син со пријателка од неговата вереница Фелис Бауер, која се викала Маргарит Б. Детето е родено 1914 г., а умрело 1921г. Меѓутоа, не постојат докази за татковството на Кафка. На селскиот имот отишол кога дознал дека боледува од туберкулоза во август 1917 г. Селската атмосфера му годела до таа мера што овој период го опишувал како најдобро поминато време во целиот живот. Времето го поминувал во одмарање и пишување. Нова љубовна врска остварил во 1920 г. со Милена Јесенска. Таа била чешка новинарска и писателка. Бидејќи Кафка сакал да се допишува, несомнено му одговарала кариерата на неговата нова љубовница. Допишувањето се зачестило, а писмата кои ѝ ги праќал на Милена се објавувани под наслов „Писма за Милена“. Следната негова љубовница се викала Дора. Поради нејзе тој се преселил во Берлин. Оваа преселба иако краткотрајна убаво влијаела врз неговата писателска кариера, бидејќи се ослободил од семејното влијание. Тој имал ирационални стравови за личната психичка и физичка одбивност. Бил сталожен и тивок, но очигледно интелигентен со забележлива смисла за хумор. Бил згоден, неговата појава никогаш не оставала рамнодушен. Најдобрите пријатели ја истакнувале неговата реалистична способност за детално опишување на одредена ситуација. Страствено рецитирал, а во таа прилика сите присутни толку уживале што секогаш барале уште. За негови најзначајни особини се сметале совесност и вистинољубивост. Уживал во разните облици на физичка активност. Редовно се занимавал со пливање, нуркање и велосипедизам. Викендите ги поминувал во долги прошетки. Покажувал голема заинтересираност за алтернативната медицина, образовниот систем и методите од Монтесори, како и многу технички иновации во негово време од кои се издвојуваат филмот и авионите. Најмногу од сè ја сакал тишината за време на пишување. Некои сметале дека боледува од шизоидно растројство на личноста судејќи според стилот на пишување во многу негови дела. Кафка никогаш не се оженил, но многу го ценел бракот како институција. Според некои лекари, боледувал од атипичен облик на анорексија.
Во 1912 г. размислувал за самоубиство.

Кафка со Фелис Бауер

Деловен живот

Кафка првата работа ја добил во 1907г. во италијанска осигурителна куќа „Assicurazioni Generali“. На ова место работел една година. Најмногу бил незадоволен поради долготрајното работно време кое му пречело за пишување. Работното време во траење од единаесет часа го принудило да пишува ноќе, а тоа било исцрпувачко. Поради тоа во 1908г. дал отказ. Повеќе време за пишување имал кога во 1908г. работел во „Институтот за работничко осигурување од повреди Кралство Чешка“. Работел на истражување и процена на повредите од индустриските работници. Кафка не уживал во оваа работа, но останал таму бидејќи така си ги плаќал сметките. Во работата напредувал, па пишувал извештаи и решенија со апел од разни бизнисмени во врска со осигурување.

Во подоцнежните години поради болеста морал често да оди на боледување, а болеста го попречила и пишувањето. Во 1911г. Кафка станал партнер во чешка фабрика за азбест „Prager Asbestwerke Hermann & Co“. Иако во почеток имало кај него ентузијазам, многу брзо почнал да ја занемарува работата во фабрика бидејќи повторно му недостигало слободно време за пишување. Страствено се заинтересирал за еврејскиот театар, а речиси поголемиот дел од 1911г. ја посветил на проучување на јудаизмот и еврејската книжевност. Во овој период станал вегетаријанец. Покана за војска добил во 1915 г. Од војска го отпуштиле благодарение на неговите работодавци бидејќи Кафка работел на места кои се сметале есенцијални за државата. Иако во подоцнежниот период се обидувал да ѝ пристапи на војската во тоа го спречиле здравствените проблеми.

Писателска кариера

Во многу негови романи и раскази прикажано е сивото секојдневие во еден алогичен вид на реалноста проникнато со постојан страв. Неговите ликови се прогонувани од разни чувства на вина, често се збунети и дезориентирани. Нивната реалност по сè е поблиска до сонот отколку до стварноста. Слика на поединецот кој се чувствува беспомошно наспрема силата од бирократскиот апарат го направила Кафка доста познат и влијателен после втората светска војна, па сè до денес. Во анализата на неговите писма воочлива е неговата доминантна несигурност проследена со психоаналитички комплекси. Во објавената книга „Сина осмина ракопис“ видлива е неговата опседнатост со спиритуалниот сегмент во човекот. Делата од Кафка се подеднакво пофалувани од критичарите и читателската публика. Некои го ставале на самиот врв – писател на 20 век. Неговото творештво ја освежило светската книжевност, со самото тоа што Кафка пишувал на поинаков начин. Ги принудувал читателите да ги читаат повторно неговите дела.
Помеѓу другите, пофалби добивал и од Вистан Хју Одн, Владимир Набоков, Габриел Гарсија Маркез. Анализата на неговата литература овозможува различни интерпретации. Различни критичари го класифицирале во различни правци, додека некои објаснувале дека неговото творештво не може да се класифицира во ниеден правец. Некои сметале дека одредени негови дела се сфатени премногу сериозно, т.е. дека тие во нивната срж биле доста повесели отколку што изгледало на прв поглед.

Лични цртежи на Кафка со негов ракопис пронајдени многу години после смртта

Сите негови објавени дела се пишувани на германски јазик. Малку трудови издал за време на неговиот живот, а и тоа малку не привлекло многу внимание. Книжевната слава ја стекнал постхумно. Голем книжевен пример му бил германскиот писател Хајнрих фон Кјаст. Многу свои дела во ракопис, како и многу скици сам ги уништил запалувајќи ги. Исклучително плоден бил во пишување раскази и кратки приказни. Некои од неговите кратки дела се: „Преобразба“, „Во Казнената колонија“, „Пресува“, „Откажи се!“, „Мала басна“, „Опис на една борба“. Расказот „Преобразба“ е објавена во 1915 г. и спаѓа во неговите најдобри дела со магичен реализам. Главниот лик едно утро се буди во својот кревет преобразен во голема лебарка. Приказната го прикажува нејзиното пропаѓање, отуѓувањето од околината, семејството и на крајот од личниот живот. Овој расказ преполн со метафора и симболика се класифицира во редот на најдобрите книжевни дела од 20 век. Познато е дека 90% од книжевниот опус си го запалил, исто така познато е дека ниеден роман не му бил довршен.

„Процес“ е негов најпознат и најчитан роман. Главниот јунак е банкарски службеник. Едно утро одненадеж го апсат и е обвинет од страна на непозната влада, а сето тоа поради злосторство кое не му е јасно ниту нему, а ниту на читателите. Запаѓа во нејасни ситуации, а помош добива од погрешни луѓе. Ниту овој роман не му е довршен. Според одредени критичари негов најдобар роман е „Дворец“. Дејствието на овој мрачен и на сегменти надреален роман засновано е на алиенацијата, бескорисни обиди за борба за власт и бирократија. Многу негови приказни се објавувани во книжевни списанија. Кога почнал да ја насетува смртта што надоаѓа, му ги оставил на неговиот најдобар пријател Макс Брод. Кафка го замолил сите да ги уништи после неговата смрт. Брод не ги послушал овие инструкции туку ги објавувал неговите дела во период од 1925 до 1935 г. Дури тогаш делата почнале да привлекуваат внимание од јавноста. Кафка често не ги пишувал делата хронолошки. Некогаш почнувал со пишување од средина, а понекогаш од крајот кон почетокот. За да ги објави неговите дела Брод многу од нив ги довршил.

Крајот на животот и смртта  

Кафка во март 1924 г. од Берлин се вратил во Прага за да се лекува од туберкулоза. Болеста во поодминат стадиум го врзала за кревет. Во таква немоќна состојба за него се грижеле членови од неговото семејство, а најмногу сестра му Отилија. Во април истата година е одведен во санаториум во Киерлинг во близина на Виена каде што и умрел на 3 јуни 1924 г. Погребан е на 11 јуни 1924 г. во Прага на Новите еврејски гробишта.

Извор.

2 comments

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.