Блез Паскал – христијанскиот филозоф и математичар кој нѐ учи да веруваме во Бога

Најпосле, што е човекот во природа? Ништо во однос на бесконечноста, сè во однос на ништото. Централна точка помеѓу сето, ништото и бесконечноста – а тоа е премногу далечно за да се разбере.

Блез Паскал, Мисли #72

Ова е само една од околу 1000 мисли на еден од моите омилени филозофски писатели Блез Паскал, од неговото филозофско дело „Мисли“ во кое тој застанува во одбрана на христијанската религија. За него човекот е само едно осамено битие кое опстојува во светот без Божја милост, тој е истовремено и велечествен и мизерен, неспособен да стигне до вистината, да го достигне врвното добро кон кое се стреми. Само религијата може, но не и филозофијата да ги разбере овие противречности, затоа треба да биде „почитувана и сакана“. За оние кои не веруваат и се скептични во Бога, Паскал ја направил својата теорија за верба во Бога, наречена Паскалова опклада :

Ако Бог не постои, скептикот не губи ништо верувајќи во него; но ако тој постои, скептикот добива вечен живот верувајќи во него.

Односно, неговата опклада е еден аналитички процес со кој едно лице може да ја процени вредноста на верувањето во Бог. Паскал, според тоа, дава само две опции: да верува или не да верува.

Вие верувате во Бога.
Ако Бог постои, одете во рајот по смртта; што значи дека вашата добивка е беск
онечна.

Ако Бог не постои, ќе изгубите; вашата загуба е конечна и затоа е занемарлива.


Вие не верувате во Бога.
Ако Бог постои, одите во пекол; вашата загуба е бесконечна.
Ако Бог не постои, вашата добивка е конечна и затоа е занемарлива.


Со овие опции и статистика, Паскал се надевал дека ќе докаже дека единственото разумно решение за човекот е да верува во Бога.

Според Паскал, во човечкото срце нема вродена благородност, туку меѓу луѓето има само физичка страст и суета; нема љубов, туку користољубие; а нема ни чисто милосрдие, туку сè е однапред пресметано; исто така, сите луѓе инстинктивно се мразат.

Биографски податоци

Блез Паскал е роден во Клермон Феран во 1623 година на 19 јуни, со што вчера се славеа 397 години од неговото раѓање. Тој бил син на раководителот на Управата за ревизија  во Оверњ- Етиен Паскал. Татко му не го праќа на училиште, туку наместо тоа самиот се грижи за неговото образование. Блез Паскал е генијално дете, чудо од дете, вистински вундеркинд, знае  да чита и да пишува на четиригодишна возраст,  постојано чита и  покажува особена заинтересираност за геометриските форми и постојано бара од  неговиот татко повеќе информации за нив.

Сепак, според Етиен, сè уште е рано да ја проучува математиката на мала возраст, така што тој воопшто не го одобрува неговото самоуко учење. Во неговата соба, Блез, тајно од татко му, црта геометриски фигури со јаглен, давајќи им на овие бројки фиктивни имиња: кругот е „тркало“, линијата е „црта “, итн. Детето само доаѓа до заклучок дека збирот на аглите во триаголникот е 180 степени. Тој се занимава со комплексни геометриски проблеми (како што е една од теоремите на Евклид), без претходно да учел математика и без да ги знае точните имиња на геометриските фигури.

Таткото, кој е аматер математичар, е шокиран од знаењето на неговиот самоук син. Тој го запознава со познати математичари во Париз, кои сеповеќе од импресионирани  од  детето. На 16-годишна возраст, Блез Паскал го објави својот кус трактат кој бил наречен Есеј за конусите (“Essai pour les coniques”) и своето прво посериозно дело од областа на математиката му го испратил на отецот Марсен во Париз; тоа е денес познато под името Паскалова теорема. Отпрвин се сметало дека ова научно дело е дело на неговиот татко, затоа што се чинело неверојатно што дете од оваа возраст да има таков генијален ум. На 18-годишна возраст, Блез го измислил првиот компјутер во историјата, кој го добил името по него – „Паскалина“ (Паскалов сметач) – видете слика подолу.

Подоцна во животот се занимава со физика, поточно со со хидродинамика и хидростатика, го создава „Паскалов закон“, именуван по единицата за притисок (Паскал).

 Во последните години од животот, Блез Паскал се врти кон Бога. Тој се интересира за теологијата и ни го остава неговото генијално литературното наследство: „ Провинциски писма “ и „Мисли“. Литературните потраги на Блез Паскал се тесно поврзани со неговата благородна борба против цинизмот. Тој јавно ја осудува максимата на езуитскиот отец ЕскобарЦелта  ги оправдува средствата“ – во „ Провинциски писма “ . Провинциски писма “  е серијал од 18 писма кои ги напишал со псевдоним и со кои застанува во одбрана на јансенистот Антоан Арно, кој во 1656 година беше осуден од страна на Теолошкиот факултет во Сорбона во Париз за ставовите за кои се тврдеше дека се еретички. Според Паскал, логиката на езуитите е логика на мнозинството, па затоа таа е општо прифатена.

„Провинциски писма “- книгата со која Паскал ја стекна славата како писател, доби многу пофалби од просветлените умови од неговата ера. Според Волтер, тоа е „Првото прозно дело напишано од генијалец. Ова дело беше наменето да создаде една нова епоха.“За Шарл Перо: „Ништо посовршено досега не е напишано во овој жанр кај нас“, додека пак Оноре де Балзак го нарекува: „Бесмртен модел за памфлет и ремек-дело на хумористична логика “.

Зошто Блез Паскал се спротиставувал на езуитите?

Езуитите ( католички црковен ред, основан од Игнасио Лојола во Париз во 1534 година) имаат право под одредени околности да ги убијат и клеветат неговите противници, а овие гревови се простени затоа што биле извршени во име на повисока цел. На Езуитите му е дозволено да му дадат пари на еден благородник со цел да се здобијат со повисока титула, но оваа акција не е мито, туку праведно дело. Покрај тоа, на Езуитите им е дозволено да имаат двајца исповедници: пред едниот да ги исповедате вашите смртни гревови, а пред другиот – помалите. Паскал заклучува дека „подобро е да имате работа со атеисти отколку со луѓе кои на овој начин ја разбираат религијата.“

Сите овие негови  напади се диктирани од неговата желба да се стави редот во хаос за да може вистината и добрината конечно да триумфираат.

Можеме исто така да разгледаме неколку негови животни случки кои исто така довеле до тоа да тој да се спротистави на езуитите и да се преобрати во јансенист.

 Блез Паскал и неговата сестра Жаклина се приклучиле на едно верско движење во рамки на католицизмот познато како Јансенизам, наречено по името на основачот, холандскиот теолог Корнелиус Јансен (1585-1638).

Таткото на Паскал на своите деца им овозможил христијанско образование преку нивната гувернанта Луиза Делфо. Тоа може и да се согледа преку читањето на поемите на сестрата на Паскал, Жаклина.

Во 1646, Етјен Паскал, си го скршил колкот паѓајќи на некоја голомразица и бил лекуван од страна на двајца јансенистички лекари, ученици на Жан Дивержие де Оран (опат во Сен-Сиран) којшто го вовел јансенизмот во Франција. Блез имал чести разговори со нив во тек на тримесечниот период додека тие го лекувале татко му. Тие го снабдувале со јансенистичка литература и тој посебно бил восхитен од делото Расправа за реформата на внатрешниот човек (Discours de la réformation de l’homme intérieur) напишано од Корнелиј Јансен во 1628, и својот восхит им го пренел и на најблиските. Некои тврдат дека тоа е моментот на неговото « прво преобраќање ».

После осумнаесеттата година се разболел од нервна болест од која прекумерно страдал. Во 1647, добил напад на парализа и морал да се движи со помош на патерици. Имал јаки главоболки, болки во стомакот, рацете и нозете постојано му биле студени поради слабата циркулација која за да ја подобри и да си ги затопли нозете, морал да носи чорапи потопени во ракија. Заради лекување отишол во Париз со сестра му Жаклина. Здравјето му се подобрило но нервниот систем му бил трајно оштетен. Оттогаш, станал жртва на една длабока хипохондрија, која влијаела врз неговиот карактер и филозофија. Станал раздразлив, добивал напади на бес и многу ретко се смеел.

Паскал се оттргнал од својот прв религиозен ангажман и неколку години го живеел како што тој вели, својот « монденски период » (1648-1654). Тогаш целосно бил обземен со работата врз вакуумот, следејќи ги трудовите на Торичели . Од 1646 до 1654, правел огромен број експерименти со секаков вид инструменти. Едниот од нив во 1648 му овозможил да го потврди постоењето на вакуумот и на атмосферски притисок и да ја воспостави теоријата на течностите.

Неговиот татко починал во 1651 и Паскал станал наследник на неговиот имот и оној на сестра му Жаклина. На 4 јануари 1651 и покрај противењето на нејзиниот брат, Жаклина се закалуѓерила во Порт-Ројал во Париз со што ги изгубила своите граѓански права и имот. Тоа кај него довело до депресија. Лекарите го советувале да се ожени но тој се противел на таа идеја. Во септември 1652 отишол во Клермон каде по средбите со својот другар од детството Блез Шардон кој бил верник, повторно се повлекол во религијата но набрзо потоа повторно живее монденски, уживајќи во своето богатство, во жени и во коцкањето (што му ја дало идејата за теоријата на веројатноста). Жаклина го прекорувала и го молела да ги смени навиките и животот . При крајот на 1654, со кочија доживеал несреќа на мостот Неји и исплашен при средбата со смртта, се онесвестил и западнал во кома. Откако се освестил, петнаесет дена подоцна, на 23 септември 1654, имал интензивна религиозна визија која си ја запишал на куса белешка што содржела текстови од Библијата која си ја пришил на палтото и секогаш ја носел со себе; некој од слугите случајно истата на открил после неговата смрт.

Кога му се вратила вербата во Бог, Паскал престојувал во постариот од двата манастира на Порт Ројал во 1655 и во тек на следните четири години редовно патувал на таа релација. После тоа, веднаш почнал да го пишува делото Провинциски писма , неговото најголемо дело за религијата. Паскал учествувал и во преведување на Библијата на француски.

Во чест на неговите придонеси во науката, името Паскал е дадено на SI мерната единица за притисок, на програмскиот јазик -Паскал, и на Паскалов закон (важен принцип во хидростатиката). Паскаловиот развој на теоријата на веројатноста бил значаен придонес и извршило големо влијание во математиката. Првенствено аплицирана на коцкањето и опкладите, денес оваа теорија е крајно значајна во економијата.

За крај неколку негови цитати кои ќе ве воодушеват:

·  „Човекот е голем бидејќи знае дека е беден.“

·  „Не можејќи да ја засилиме правдата, ја оправдуваме силата.“

·  „Не можам да ја разберам целината ако не ги знам деловите, а не можам да ги спознаам деловите ако не ја знам целината.“

·  „Вечниот молк на тие бескрајни простори ме плаши.“

·  „Срцето има свои логики што логиката воопшто не ги познава.“

·  „Состојбата на човекот. Непостојаност, досада, вознемиреност.“

·  „Кралот без разонода е човекот полн со беда.“

·  „Две претераности : да се исклучи разумот, да се прифати само разумот.“

„Срцето има свои причини кои разумот не ги познава.“

„Да знаете не значи и да бидете. Мора да се обидете наученото да го пренесете во секојдневниот живот.“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.