Максим Горки – основач на социјалниот реализам и политички активист

Еден од основачите на советската книжевност, на социјалниот реализам, Алексеј Максимович Пешков (руски: Алексей Максимович Пешков), алијас Максим Горки (Максим Горький) (Нижни Новгород, 28 март 1868 – Горки, Москва, 18 јуни 1936), починал на денешен ден во Москва вo 1936 година. Тој бил политички активист и револуционер кој оставил творештво кое  претставува еден вид енциклопедија на руското општество од крајот на 19 век и почетокот на 20 век.

За да ги запознае што потемелно односите во руското општество, Максим Горки крстосувал низ широката руска земја, еден дел изодувајќи пешки, со торба на рамо, откривајќи го животот на луѓето од дното на тоа општество, но и животот на последните аристократи, животот на буржоаските семејства.

Потекнува од сиромашно семејство и кога се обидел да се запише на студии на Казањскиот универзитет,  „тешките врати на универзитетот засекогаш за него останале затворени“. Така, како млад човек ги запознал своите животни универзитети: во детството чевларски чирак, фурнаџиски помошник, подоцна бродски мијач на садови, носач на сол, истоварувач по железниците, за да стане лекарски помошник без диплома, писар и што ли уште не!

Но, другарувал со книгите постојано и го восхитувале делата на Пушкин, Лермонтов, Чернишевски, Гогољ, Плеханов, Тургењев, Толстој, Достоевски. Го читал Балзак, Флобер. Од теоретичарите го заинтересирал Адам Смит, а посебно го одушевило делото на Маркс.

Младиот Горки му пристапил на руското револуционерно работничко движење. Во него се вклучил, пишувајќи агитациони материјали, но во исто време, користејќи го својот писателски талент, палел во срцата на обесправниот револуционерен пламен. Симболичните текстови Песна за соколот, Срцето на Данко, Мајка и многу други, речито зборуваат за ангажираноста на Максим Горки на страната на пролетаријатот. Затоа властите во царска Русија го следеле. Дури и откако станал светски познат писател наидувал на големи пречки. Меѓу другото, бил поништен и неговиот избор за академик.

Во револуционерната 1905 година го затвориле во Петропавловската тврдина, од која го извлекло светското јавно мислење што се кренало протестирајќи против неговото затворање. Потоа бил присилен да емигрира. Престојувал во повеќе западноевропски земји, а најмногу се задржал во Италија. Едно време поминал во Америка. Целиот негов емигрантски живот се одвивал во знакот на една револуционерна дејност. За сето време создавал и литературни дела. По враќањето во татковината се зближил со поетот Владимир Мајаковски.

Максим Горки се разболел, и се лекувал во Италија. Малку подоцна станал претседател на Сојузот на советските писатели. Здравствената состојба повторно му се влошила и Горки починал во 1936 година во Москва.

Во основата, творечкиот пат на Максим Горки познава три фази: критичарите уште во она време, во првата фаза забележале извесни романтичарски елементи во неговиот потход: романтичен патос во првите негови творби, користење на фолклорот и, пред се, инсистирање на симболиката.

Во втората фаза Максим Горки навлегол со веќе здобиениот авторитет сред масите. Но тогаш започнала неговата вистинска борба за естетските квалитети. Уште во расказот Челкаш Горки се задржал на еден мошне карактеристичен животен мотив: отуѓеноста на човекот од општеството, неговото пропаѓање поради недоразбирањето со самото општество. Човекот со благородни соништа не може да го најде своето место во суровата средина, па во името на сопствената слобода ги бира тешките патишта на бездомништвото и пијанството. Со овој расказ била најавена галеријата од типови, претставници на најнискиот слој од руското општество – луѓето од дното. Така Горки на широко ги слика претставниците на речиси сите слоеви, надополнувајќи ја својата галерија со ликови од селската средина, иако преку понепознатите раскази.

Третата фаза од неговото творештво ги опфаќа делата: недовршениот роман Животот на Клим Самгин, Делото на Артомонови третиот дел од автобиографската повест Моите универзитети и други осврти и статии „за разни прашања од литературата, уметноста и естетиката“. За овој период на творештвото на Горки карактеристично е свртувањето на авторот кон животот на претставниците на буржоаската класа, анализирајќи го развојот, кулминацијата и пропаста на тој слој од руското општество во годините непосредно пред Октомвриската револуција. Од друга страна, Горки го замислил на широк план идеолошкиот судир на класите, но смртта го спречила да го заврши тоа свое монументално дело, романот Животот на Клим Самгин.

Негови најпознати дела се драмите „На дното“, „Малограѓани“, романите „Животот на Клим Самгин“, „Делото на Артанови“ и „Мајка“.

„Мајка“ (руски: Мать) е објавен во 1906 година. Го напишал за време на Првата руска револуција (1905-1907),  под влијание на бурните настани, како и неговата вклученост кон револуционерното движење. Главен лик е  Пелагија Ниловна Власова, мајка на еден млад работник кој се приклучил на работното движење и е уапсен од царските власти за учество во штрајкот. Заплетот следи кога таа  првично неуспешно се обидува да го ослободи нејзиниот син од „лошото општество“ само за на крајот да ја прифати неговата револуционерна идеологија и да учествува активно во предавањето летоци и револуционерните активности. „Мајка“ подоцна станува  едно од најпознатите дела на социјалистичкиот реализам и се прослави како класично книжевно дело во СССР и другите комунистички држави.

Делото може да го прочитате на следниов линк:

https://www.marxists.org/makedonski/gorki/1906/majka/del1/gl01.htm

Максим Горки не само што ја прифатил идејата за преобразување на општеството, не само што се вклучил во активноста на политички план, туку оставил бесмртен споменик што ја симболизира борбата на пролетаријатот за уривање на власта на буржоазијата.

За крај неколку убави цитати од овој познат писател:

„Ако секирата не сече, може да се наостри, но ако жената не те сака – ништо не може да ти помогне.“

„Човекот е украс на светот.“

„Кога работата се извршува на сила, тогаш животот е затвор.“

„Луѓето понекогаш лажат затоа што тоа бара пристојност.“

„Лагата е религија на робовите и господарите. Вистината е Бог на слободниот човек.

„Не бидете рамнодушни, рамнодушноста е смртоносна за човековата душа.“

„Не суди – за да не ти судат.“

„Несреќата е најдобра за спојување на карактери кои се инаку сосема спротивни.“

„Најубаво уживање и најголема радост во животот е да чувствуваш дека си им потребен и драг на луѓето.“

„Она во кое веруваш, тоа и постои.“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.