Ти си доволна на самата себе!

Девојко, крени ја главата! Да, токму тебе ти велам! Остави ја настрана целата тага што те прави кршлива и ранлива. Знам, ќе помислиш „лесно е да се каже, но потешко е да се изведе“. Те разбирам. Зборовите можат полесно да се кажат отколку да се преточат во дела, тоа досега сите го научивме. А, кој не го научил не го почитува ниту својот, а ниту туѓиот збор. Ако стоиш на својот збор и истиот го исполнуваш, знам дека зборот ти значи многу. Исто така знам дека неисполнетиот збор многу те нервира, дека штом не е претворен во дело или постапка оној што ти го упатил се однесува како да не те цени доволно. Ќе ти кажам едно: „доволно е самата себе да се цениш, никогаш немој сопствената вредност да ја проценуваш преку туѓото исполнување на кажаните зборови“. Досега сигурно ја имаш научено лекцијата дека денес само на себе можеш да веруваш, и евентуално на минимален број луѓе што ти мислат добро. Верувам дека има такви околу тебе, и не мора тие да се дел од твојата фамилија или семејство. Некогаш оние што ги знаеме со години, децении не ни мислат толку убави нешта како некој што го знаеме пет месеци. Главата горе, ти вредиш! О, колку само си му потребна на овој свет. И колку тебе ти треба овој свет иако ваков, изопачен, ранет, суров, злобен, небезбеден, опасен, непредвидлив…Ти досега постигна онолку колку што знаеше, можеше и умееше. Знам дека можеше повеќе, никој не го оспорува тоа. Исто така сигурна сум дека можеш да дофатиш поголеми висини, но со верба во себе!

Многу работи те променија, те сменија до степен на непрепознатливост. Некогаш кога и самата себе не можеш да се препознаеш, сфаќаш дека луѓето навистина се менувале. Ти си самата доказ за и пред себе. Отсекогаш беше поразлична, се издвојуваше од толпата. Продолжи да го правиш тоа, бидејќи ти успева. Не го правиш тоа намерно, ниту пак за да привлечеш внимание, едноставно учиш да живееш со тој факт.
Биди горда на себеси! Дури и ако во моментов не можеш да се сетиш поради што треба да се гордееш. Не дозволувај твојата горделивост да направи да не може никој да ги сруши ѕидовите што ги градеше. Но не дозволувај прелесно да ги урнат ѕидините…Ти макотрпно ги градеше, не преку ноќ. Во името на тоа, остани цврста, но истовремено и мека за сите оние што ти ја галат душата. Ги имаш околу тебе такви доволно. Можеби не ги гледаш често, но тука се. Верувај дека за да успееш, не ти треба тапкање по рамо, не треба да ти викаат дека си најдобра, најпаметна, најспособна. Некогаш спротивното од ова може да те мотивира за да се искачиш повисоко. Чекори со сигурни, лесни, но и цврсти чекори. Биди приземјена, колку високо и да се „издигнеш“. Ти ќе бидеш истата ТИ која што стануваш, без оглед на сѐ, не го заборавај ова. Твојот успех нека говори за тебе, а злобните усти секогаш ќе имаат што да кажат, каде и да си. Што и да правиш, секогаш ќе постојат оние кои ќе сакаат да го искоментираат твојот живот. Но знаеш што? Твојот живот е само твоја работа, а не нивна. Ти си го живееш твојот, а ним само посакај им да го живеат нивниот. Доволно си зрела за да знаеш дека никој не ти треба за да ги оствариш твоите сонови, да не речам цели. Ти си доволна на самата себе. Не ти треба никој за да те комплетира бидејќи ти веќе си цела, туку да застане покрај тебе, самиот комплетен, и така комплетирани да ги споите световите надополнувајќи ги комплетностите. Ме сфаќаш што сакам да кажам? Не ти треба никој за да се чувствуваш убаво, самоуверено или целосно, да не речам исполнето. Запознај се себе, ќе видиш колку магични се мислите кога ќе се задлабочиш во своето внатрешно битие. Кога ќе увидиш колку малку е потребно за насмевка, за среќа, за благодарност. Ако мислиш дека грешам, веднаш прекини со читање.

Штом продолжи да ме читаш, значи сепак сум разбудила некоја емоција во тебе. Сакам да бидам сурово искрена и реална, затоа можеби нема да ти се допадне секоја мисла, но ако е вистината и можеш да се поврзеш со неа – поработи на нејзе. Чувствуваш дека можеш повеќе? Мислиш дека не го поминуваш квалитетно времето што го имаш на располагање? Сметаш дека си го губиш времето со погрешни луѓе? Поминуваш премногу време на интернет и притоа се прекоруваш за тоа? Списокот може да оди до бескрај, поентата е дека ТИ ЈА ИМАШ КОНТРОЛАТА над тоа што го правиш, и врз твоето однесување. Коренот на сите овие прашања, односно нивниот одговор лежи во тебе. Или поинаку кажано, зависи од твоите постапки, од твојот став кон нештата. Направи си листа со приоритети. Првично, биди си себе приоритет. Не крати од своето време за да му удоволиш некому само затоа што мислиш дека ќе ти се налутат или ќе те заборават. Верувај дека на оние што им значиш вистински ова нема да им смета – тие го ценат нивното, но и твоето време. Бидејќи го ценам и сопственото, но и твоето, ќе го скратам текстот до овде, за да не ти крадам повеќе драгоцени минути од нештото кое не можеме да го вратиме назад. Биди храбра, силна, одлучна, и верувај во себе. Ти си доволна самата на себе!

Наталија Наумовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.