Пјер Корнеј – таткото на француската трагедија кој изјавил: „Само на самиот себе си должам за својата слава“

Пјер Корнеј (6 јуни 1606, Руан, Франција – 1 октомври 1684, Париз, Франција) француски трагичар, еден од тројцата големи француски драматурзи на 17 век, заедно со Молиер и Расин. Со драмското творештво од речиси четириесет години, Корнеј се смета за „татко на француската трагедија“.

Љубовната афера со Катерина го означила почетокот на книжевното творештво на Корнеј, кој во нејзина чест напишал повеќе песни меѓу кои особено се истакнува еден сонет, подоцна внесен во неговата прва пиеса. Всушност, врз основа на оваа љубовна афера, тој го збогатил бројот на ликовите, внесол елементи од своремениот живот на Руан, настанот го дотерал преку внесување заплет околу кој се врти дејството и така настанала неговата прва драма, комедијата „Мелита“ (Mélite) од 1625 година. Во согласност со тогашната мода, „Мелита“ била исполнета со галантност, но за разлика од тогашните тешки и компликувани трагикомедии, таа е првата чиста комедија, но се разликувала и од популарните простачки фарси. Корнеј создал комедија со издржан стил, со лесни и пријатни стихови, со актуелна содржина и со живо дејство во кое учествуваат лица од секојдневниот градски живот. Поради тоа, во 1629 година, претставата била прикажана и во Париз, постигнувајќи огромен успех.

По успехот на „Мелита“, во 1631 година, Корнеј ја напишал трагикомедијата „Клитандар“ (Clitandre), која се одликува со патетичен стил, со компликуван заплет и со развлечена содржина. Таа доживеала голем успех кај публиката, но не донесла ништо ново, поради што подоцна била критикувана од самиот Корнеј. Исто така, успехот на „Мелита“ го охрабрила Корнеј да напише уште неколку комедии: „Вдовица“ (La veuve) и „Галерија во судската палата“ (La Galerie du palais) од 1633 година, „Придружничка“ (La suivante) и „Кралскиот плоштад“ (La place royale) од 1634 година, како и „Комична илузија“ (L’illusion comique) од 1636 година. Сите тие се во духот на тогашниот стил, но содржат и некои нови елементи: невкусните шеги се исфрлени, декорот е париски, дијалозите се секојдневни и природни, амбиентот и дејството се актуелни, стилот е грациозен, јазикот е чист и воедначен, а стиховите се беспрекорни и сугестивни. Исто така, во овие драми се јавуваат и некои од основните обележја на подоцнежниот класицизам: стегнатост, стилска изедначеност и јасност, морална анализа, силна личност што се одликува со хероизам итн. Иако постигнал голем успех со комедиите, Корнеј не нашол задоволство во овој жанр и постепено се префрлил на трагедијата.

Во 1633 година, веќе како славен писател, Корнеј бил претставен пред кардиналот Ришелје (Richelieu), кој составил план за нов вид на драма која ќе ја нагласува доблеста. За таа цел, Ришелје избрал петмина писатели, кои требало да ја остварат неговата визија, така што ќе пишиуваат драми во согласност со неговите насоки. Во групата на таканаречените „Пет поети“ (Les Cinq Auteurs) се наоѓал и Корнеј, заедно со Гијом Колте (Guillaume Colletet), Буаробер (Boisrobert), Жан Ротру (Jean Rotrou), и Клод де Летуал (Claude de Lestoile). На тој начин биле составени три пиеси кои биле прикажувани со раскошен декор, а Корнеј учествувал само во првата од нив – „Тилериската комедија“ (La Comédie des Tuileries) од 1634 година. Според Волтер, Корнеј имал задача да го состави третото дејствие, но тој се осмелил да ја измени скицата на Ришелје, кој поради тоа се налутил и Корнеј ја напуштил петорката и се вратил во Руан.

Во тоа време, Корнеј работел на својата прва трагедија „Медеја“ (Médée), која била прикажана во 1635 година. Во неа биле впечатливи новите квалитети кои подоцна станале препознатлив знак на Корнеј, така што драмата била прифатена со воодушевување од критиката и од публиката. Корнеј бил задоволен од успехот, но не и занесен, туку продолжил неуморно да работи. Во тоа време, тој се заинтересирал за шпанската книжевност и за шпанските теми, а се смета дека за тоа бил заслужен поранешниот секретар на кралицата Марија де Медичи, де Шалон, кој по своето повлекување од службата живеел во Руан и таму го запознал Корнеј. Како последица на новиот интерес, Корнеј ја напишал комедијата „Комична илузија“ (1636) која обработува шпанска тема, иако таа била претставена претерано и карикатурално. Неколку месеци подоцна, кон крајот на 1636 година, Корнеј ја создал трагикомедијата „Сид“, која исто така се занимава со шпанска тематика.

Драмата „Сид“ постигнала огромен успех и го запечатила местото на Корнеј како централна личноста на француската драматургија. Но, истовремено, тоа било повод за обединување на непријателите на Корнеј, кои започнале жестока дискусија позната како „Расправа за Сид“ (Querelle du Cid). Група писатели (Мере, Скидери, Клавре и Шаплен) се обиделе да докажат дека „Сид“ има големи недостатоци, па дури и дека нема никаква вредност.

Насловната страница од изданието на „Сид“ од 1637 година.

После драмата „Сид“ тој ќе напише многу други дела кои биле изложени на остри критики, и кои ќе го одредат неговиот понатамошен творечки тек. Нејзината премиера се одржала во јануари, 1637 год. во „Театар де Маре“ во Париз.

Пјер Корнеј зазема централно место во францускиот класицизам од 17 век. Неговата големина е дотолку понеспорна, што тој не им должи ништо на своите претходници. Свесен за своите квалитети, а испровоциран од прогонувањата по повод драмата „Сид“, во една прилика тој извикал: „Само на самиот себе си должам за својата слава.“ Корнеј направил бројни иновации во класичната драма. Спротивно на драматурзите пред него, тој го поставил принципот според кој внатрешната драма е повозбудлива од надворешната, а внатрешните духовни конфликти се поефектни од надворешните. На тој начин, Корнеј го пренесол интересот од надворешното кон внатрешното и успеал да создаде психолошка драма која ќе биде основа на класичната драматургија и суверено ќе владее на европската театарска сцена над 150 години.

Концентрацијата на дејството не го спречила Корнеј да даде суптилна анализа на човечките чувства и нагони. За разлика од неговите претходници, тој нераскинливо ги поврзал барањата за концентрација на дејството со душевната драма на ликовите. Оттука, заслугата на Корнеј лежи во тоа што драмскиот тек го поврзал со ликовите, односно создал единство меѓу формата и содржината, што е еден од основните елементи на класицизмот. Корнеј создал нова драмска техника, но и нова тематика шри што неговите ликови не се нереални и неземски, туку тие се дел од реалниот живот, а нивната дејност не е придвижена од судбината и божјата сила, како што било случај со античкиот и средновековниот театар, а делумно и со ренесансниот.

Корнејовите ликови се еманципирани, слободни херои, кои судбината ја држат во своите раце, а нивната дисциплиниранa и цврста волја ги победува сите внатрешни и надворешни пречки.
Воопшто, хероизмот е главен белег на неговите трагедии, со што Корнеј ги надминал другите драмски писатели и ја дополнил Аристотеловата поетика. Притоа, во делата на Корнеј често се работи за војни, заговори и востанија во кои централното место го имаат автентични историски ликови, со што неговите трагедии станале еден вид политички трагедии во кои тој ги прикажал основните естетски и идејни струења од неговото време.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.