Интервју со Александар Николовски: млад писател на кој му претстои блескава кариера

Денес нашата редакција ја имаше честа и задоволството да поразговара со Александар Николовски, наш млад и надежен автор. Зборувавме за неговите почетоци, за неговото творештво и плановите за иднината. А, какви се одговори ни даде тој, прочитајте во продолжение.

Претстави им се на нашите читатели, кој е Александар? И кој е Александар кога не е писател?
– Александар е младо момче кое покрај тоа што е дипломиран информатички инженер и хонорарен професор по математика, исто така е и огромен љубител на пишаниот збор и воопшто на литературата. Ако не беше ова последното, сигурно немаше ни да го водиме ова интервју. А кога Александар не е писател, е обичен млад човек кој како и многумина сака да се дружи со пријателите, да слуша добра музика или да погледне некој интересен филм, да патува на места на кои никогаш не бил и да прави планови за иднината.

Од кога почна да пишуваш и кој беше клучен момент за да одлучиш да го напишеш првиот роман?
– Пишувањето е мојата љубов уште од дете, да бидам попрецизен уште од второ одделение, уште тогаш напишав некаква песна за животните ако добро се сеќавам и наставничката дури ја испрати на училишниот конкурс. Што се однесува на романите, мислам дека немаше некој клучен момент или пресврт за да почнам со нивно пишување, едноставно сакав да почувствувам како е да се читаш самиот себе и верувајте чувството е неописливо.

Читателите те запознаа со книгата насловена „Џокер по покер“, која има привлечен наслов. Ако не се лажам таа е трилер и кажи ни колку време ти беше потребно за да ја напишеш? И од каде инспирацијата за ваков потфат?
– Да, така е, иако првичниот работен наслов на книгата беше ,,Ас во ракавот”, назив под кој и е наградена на конкурс распишан од страна на УНЕСКО. Се сложувам дека насловот е привлечен, па дури и се римува. Времето за пишување варира во зависност од тоа колку време имам да пишувам покрај секојдневните обврски. Искрено, мене пишувањето ми оди релативно брзо, за месец-два со редовно секојдневно пишување можам да ги завршам првичните верзии на книгите, така беше случај и со оваа. Но, она што одзема многу повеќе време пред да се почне со пишувањето и она што не е воопшто лесно за на крај да се добие добра книга е воопшто смислувањето и склопувањето на самата приказна, сижето, концептот, ликовите, вклопувањето на сцените и настаните и секако пресвртите и расплетот како едни од најважните елементи на трилерите. Ако почнете без никаков план или без сите овие елементи, ќе заглавите максимум до дваесеттата страница.

Последно ја издаде „Невестата од соништата“, повторно доста интересен и привлечен наслов. Како таа е прифатена од читателите, какви се нивните реакции и што може да се очекува при читањето на овој роман?
– Да, ова е романот кој сите долго го чекаа, но мислам дека вредеше. Книгата засега е одлично прифатена и читателите се задоволни што за мене како автор е најголемата награда. Дури бараат и друга книга со истиот детектив, желба која се надевам дека ќе им биде исполнета.

Од која вистина се плаши Александар (овде се алудира на насловот на твојот роман „Страв од вистината“)?

– Александар единствено од што се плаши на моменти е од самиот себе и од сè она што може да му текне додека пишува некоја книга. Шега настрана, за да се плашиш од некоја вистина треба очајно да се обидуваш да ја прикриеш со милион невистини, што не е случај со мене.

Какви беа почетоците на пишувањето, од кога почна тоа? Можеш ли да им дадеш некој совет на идните писатели? Која е тајната за успешно напишано дело?
– Сечии почетоци се тешки, па така и моите. На почеток пишував само песни и по некој краток расказ, но веќе во моите тинејџерски години, особено во средно училиште, успеав да напишам пообемно дело какво што е романот. Мојот совет за идните писатели е пред сѐ многу да читаат различни жанрови и типови на литература, дури и од она што не им се допаѓа на прв поглед можат да извлечат некое знаење кое ќе им помогне подоцна во пишувањето. Дополнитело, да бидат самокритични и секоја критика да ја прифаќаат како добронамерна зошто токму тоа ќе им помогне во иднина да бидат сѐ подобри и подобри. Тајната на успешно напишано дело според мене е дека нема тајна, едноставно бидете свои и оригинални.

Дали постои некој автор од кој црпиш инспирација?
– Да, постојат. Светото тројство од авторите на кои најмногу им се воодушевувам последниве години, го сочинуваат Агата Кристи, Донато Каризи и Ју Несбе.

Кој жанр обожаваш да го читаш, а да не е трилер?
– Дефинитивно, драма.

Кави се генерално критиките за твоето творештво? Реакциите на читателите опиши ни ги накратко.
– Реакциите во главно се позитивни. Нормално има и читатели на кои не им се допаѓаат книгите или им се така-така што е сосем нормално, не е можно на сите да им се допаѓаат, но верувам дека ќе ги придобијам и нив со некое уште позрело дело во иднина. Ако ништо друго, не можам да се пожалам од интересот за сите три книги. Јас сум презадоволен во тој поглед.

Дали може да се очекува од тебе нешто ново во иднина на полето на пишувањето? Можеби веќе нешто ново се подготвува во меѓувреме?
– Нормално, дека ќе има нешто ново и веќе на големо се пишува и подготвува. Ама повеќе, ни збор не смеам да кажам инаку нема да биде изненадување.

Ако твојот живот би се опишал со наслов на книга…тој би се викал…
– Прекрасна катастрофа (од Џејми Мегвагер)

Потврди дека одлично ти оди со зборовите и дека можеш да создаваш романи речиси рамни на оние што ги пишуваат странските, но и нашите најдобри писатели: Дали покрај проза и романи, од твоето перо може да се прочита поезија?
– Да, секако. Јас имам и доста песни, сигурно над педесет. За разлика од мојата проза каде трилерот и мистеријата се најзастапени жанрови, во поезијата доминираат љубовните мотиви што е баш голем контраст.

Која од твоите книги е најбарана?
– Сите се барани, но златниот медал без сомнение е за ,,Страв од вистината” на чиј крај никој не остана рамнодушен и ретко кој не беше во шок. И јас сум просто изненаден поради самата специфичност што ја има книгата, но очигледно читателите сакаат да прочитаат и по нешто несекојдневно.

На што се должи бараноста на твоите книги? Дали има и такви читатели кои условно речено те тестираат прво со купување на една книга, па ако им се допадне тогаш ги бараат и останатите?
– Мислам дека тоа се должи пред се на уникатните приказни и пристапните цени. Оние што ме читале знаат дека ќе добијат книга која нема воопшто да биде здодевна, напротив ќе уживаат во многуте крајно непредвидливи пресврти и краеви кои засега ретко кој успеваше сосема да ги погоди. И нормално, од секоја книга може да се извлече по некоја поука што е и главната цел ако ја гледаме пошироката слика. Што се однесува на ова второто, да има и такви читатели. Ќе побараат прво една книга ама по читањето речиси сите ги бараат и останатите.

Кој лик ти бил најтежок за пишување?
– Има неколку, но ако морам да се одлучам за еден со гаранција тоа би бил ликот на Кристијан од ,,Страв од вистината”. Овде најтешката задача е да ги прикажеш ликовите како ,,сиви”, какви што се и луѓето во вистинскиот живот. Не е дозволиво сите ликови да бидат еднодимензионални и само црни или само бели.

Колку е тешко да се издаваат книги без поддршка од издавач зад себе?
– Колку и да звучи клише, сѐ е потешко кога немаш на кого да се потпреш, па така и овде. Секој кој сака да пишува не треба да дозволи тоа да го обесхрабрува зошто не значи дека Вашите дела се лоши ако на корицата не стои лого на некоја издавачка куќа, иако во овој случај ти си тој кој мораш да мислиш баш на се, а и да го правиш. За жал, со пишувањето на книгата не сте завршиле уште ништо. Постојат и многубројни други фактори за кои треба да се погрижите: корица, средства за печатење, промоција, маркетинг, подготовка и достава на побараните книги, поединечна комуникација со секој читател, грижа за да нарачките стигнат и сл. Сѐ ова бара многу време, нерви и енергија, но кога уживате во тоа на крајот ништо не ви изгледа тешко. Гледате само читателите да се задоволни. А тие се најважни, без нив сте ништо.

Може ли да се живее во Македонија само од пишување?
– Го очекував ова прашање и мојот одговор е не. Барем засега, тоа е научна фантастика кај нас за разлика од странските автори кои со хонорарот од само една книга можат да живеат комотно со месеци, па и години.

Колку читањето е важно за целокупниот развој на личноста?
– Според мене игра значително голема улога. Една индивидуа која редовно чита многу полесно може да се развие и како личност или веќе ако е развиена со читањето може само да се надоградува уште повеќе.

Кој е твојот лајтмотив?
– Главен мотив и инспирација ми е самата психологија на луѓето омашна библиотекаи она добро познатото – до каде се подготвени да одат за своите цели? 🙂 На тоа и се темелат добар дел од трилерите.

Ти благодариме за одвоеното време. 🙂 Кажи ни како за крај, која би била твојата порака до нашите читатели, и сите оние што ќе го прочитаат овој разговор?
– Мојата порака до сите е првенствено да се чуваат и да се грижат за своето здравје со оглед на моменталната ситуација. Би им порачал да им дадат шанса и да читаат што повеќе македонски автори, да јадат добра храна, да пијат добро вино и да уживаат во се она што ги исполнува и ги прави среќни.

*Доколку сакате да ја збогатите вашата библиотека со неговите книги и да се уверите во точноста на неговите изјави, истите можете да ги порачате директно преку авторот.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.