На денешен ден е роден Патрик Вајт – добитник на Нобеловата награда за литература во 1973 година

Патрик Виктор Мартиндејл Вајт (28 мај 1912, Лондон, Велика Британија – 30 септември 1990, Сиднеј, Австралија) бил австралиски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 1973 година.
Тој потекнува од старо и имотно австралиско семејство. Израснал во Сиднеј, а на тринаесетгодишна возраст заминал во Британија, каде го завршил средното образование (во Челтнам).
Потоа пак се вратил во Австралија и две години работел во живинарска фарма, а истовремено почнал да пишува.
Во 1932 година, Вајт се запишал во Кингс колеџот во Кембриџ, каде што ги изучувал англиската, француската и германската литература.
По дипломирањето во 1935 година, тој заминал во Лондон и, со скромна финанскиска поткрепа од татка си, се посветил на писателската кариера.
Од 1941 до 1945 година служел во разузнавачка служба на Кралските вооружени сили во Азија и во Грција. По војната, се вратил во Австралија и формирал мало стопанство во предградието на Сиднеј, од кое се издржувал.

Вајт ја започнал книжевната кариера во Англија, каде ги објавил својата единствена збирка песни (1933 година) и неколку кратки раскази. Првиот роман „Среќна долина“, објавен во Лондон (1939) и во Њујорк (1940), го покажува неговото воодушевување од симболизмот на Дејвид Херберт Лоренс. Вториот роман, „Живи и мртви“ бил објавен кога тој веќе бил на боиштето за време на Втората светска војна. Третиот роман, „Приказната на тетката“ го почнал во Лондон, но го објавил во Австралија, во 1948 година. Овој роман со своите тенденции кон задлабочена социјално-психолошка анализа е посебен момент не само во творечкиот развој на Вајт туку и во целата повоена австралиска проза.
Во него, Вајт се покажал како зрел и изграден писател, а романот наишол на добар прием од страна на критиката во Англија и во САД, но не и во Австралија.
Централниот лик во романот е зачетник на галеријата на „согорените“, т.е. луѓето кои ги уништил огнот на животот.


Во 1951 година, Вајт ја почнал работата над „Човечкото стебло“ (1955) – четиритомна семејна сага што ја опишува борбата на доселениците да создадат живот во пустината.
Вајт ја проширил таа често среќавана тема во австралиската проза – секојдневниот труд на обичните луѓе не е само средство за здравје, туку и за дружење со природата, т.е. „поезија и танство кои го осмислуваат животот“.
Во следните дела, исто така за Австралија и за проблемите на австралиското општество, Вајт обработувал универзални теми за врските на индивидуата со општество и природата – романите „Вос“ (1957), „Патници во колесница“ (1961), „Неразбирливо мандало“ (1966) и други, збирки пиеси и раскази „Сезоната на Сарсапарила“.

Со романот „Окото на бурата“ (1973) и до други кои се одликуваат со богата поетска сликовитост и со блескаво изградени карактери и композиција, Вајт се потврдува како одличен стилист. Меѓу подоцнежните негови творби се истакнува делото „Мемоарите на многумина во едно“ (1986), кое се одликува со мајсторско експериментирање со стилот, карактеристично за Вајт.

Појавата на Патрик Вајт ја означува пресвртната точка во развојот на австралиската книжевност, зашто неговите зрели дела не се вклопуваат во традиционалното конвенционално, моралистичко, несовршено и сурово опишување на тешкиот иселенички живот. Иако се образувал во духот на англиската и европската култура, неговите дела го носат печатот на австралиската природа и сензибилитет при што не се вклопуваат ниту во англиската книжевна традиција.
Оттука, во образложението по повод доделувањето на Нобеловата награда во 1973 година, стои дека тој воведол нов континент во книжевноста.
Тој е единствениот австралиски писател кој е широкот познат надвор од Австралија, затоа што успеал да остане верен на локалниот колорит а сепак да излезе надвор од рамките на провинциската книжевност и на своите дела да им даде општочовечко значење.
Тој успеал да создаде своја „традиција“ – свој свет, свои митови и посебен вид реализам со елементи на импресионизам, натурализам, надреализам или пак лесно преминува во комика и во сатира.

На почетокот од неговата кариера, делата на Вајт предизвикале слаб интерес кај публиката и голем отпор кај критиката, а главните забелешки се однесувале на неговиот стил.
На пример, критичарите му забележувале за необичната употреба на релативните заменки која не само што била чудна, туку не била во духот на англискиот јазик.
Навистина, тој многу слободно ги користи зборовите и ги конструира речениците кои понекогаш делуваат како да се недовршени, а продолжуваат по неколку реда или неколку страници. На тој начин, тие стануваат јасни во контекстот на целото дело, зашто тие се прецизно вградени во ткивото на текстот.
Тој често користи многу прости реченици за да ги опише сложените состојби и во тој случај, речениците се полни со емоции.
Од друга страна, за одредени ликови и состојби тој користи сложени реченици, кои често се доближуваат до надреалистички описи.
Во неговата проза нема раскошни украси и се состои од внимателно поврзана градба од која не може да се одземе ниту еден збор.
Исто така, силата на Вајт не е во градбата на дејството или приказната, туку во сликањето на атмосферата и во впечатливите ликови кои обично не се преплетуваат, туку само се допираат.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.