Како во сон

По петнаесет минутниот разговор по телефон, Виолета се поздрави со ќерката која оддамна живее во Австрија. Не тагуваше повеќе поради нејзиното заминување со фамилијата во странство, имаа убав живот и таа неколку пата отиде да ги посети таму, децата им беа веќе возрасни со сопствени фамилии и работеа како лекари во Виена. Виолета на свои осумдесет и три години добро се држеше и живееше сама во куќата што ја направија со веќе починатиот сопруг. Последните два месеци постоеше забрана за излегување на улица, заради пандемијата на ковид – 19. Се трудеше во дозволените два часа да ги обави сите обврски, а синот секојдневно несебично ѝ помагаше.

Со насмевка на лицето, секое утро седнуваше на омилената фотеља и со љубов ги гледаше сликите кои беа наредени на комодата. Тоа ѝ беше секојдневен ритуал и многу ѝ значеше, макар оддалеку можеше да ги види насмеаните лица на саканите. Многу оддамна сфати дека децата си имаат свој пат и треба сами да патуваат во животот, иако ќе можат секогаш да се вратат ако го погрешат патот. Но додека убаво функционираат со своите семејства, родителите можат да им бидат само непотребен багаж. Затоа идејата и дветте деца со партнерите да живеат посебно ѝ беше најлогична.

Секое катче од куќата ја потсетуваше на сопругот, кој целиот свој живот се занимаваше со сликарство, и ѕидовите на куќата ги красеа неговите слики. Не се препушти на тагата по неговата смрт, знаеше дека саканите луѓе никогаш не умираат и додека е жива, ќе ги носи спомените за него. Во пензија отиде како медицинска сестра во операциона сала. Во вистинската смисла на зборот, секојдневно, заедно со лекарите учествуваше во борбата за животите на сите пациенти. За разлика од неа сопругот не беше практичен човек, живееше во својот имагинарен свет, не зборуваше многу и сакаше неговите слики да зборуваат за сите негови, желби, мечти и соништа. Двајцата беа различни како небо и земја, но, љубовта и толеранцијата во бракот ја негуваа до крајот на неговиот живот.

На Виолета не ѝ падна тешко карантинот со кој се соочуваше некое време, напротив, во последно време ѝ здосадија комшивките со нивните оговарања и празни муабети.
Воопшто не ја интересираа туѓите животи и не сакаше никому да биде судија, затоа социјалната дистанцата од нив многу убаво ѝ дојде. Иако веќе седум години живееше сама, не беше осамена, а многу често ја посетуваа синот и внуките. Љубовта и вниманието што додека беа мали внуките им го даваше, сега ѝ се врати, иако не побара надокнада од нив.
На тие години одлично, со очила се снаоѓаше на компјутер и повеќе од пет години ја изучуваше астрологијата. Знаеше со часови да се занесе и да ги проучува значењето на планетите и нивното движење во зодијачките знаци.
Нејзините внуци, понекогаш на шега ѝ се јавуваа да каже дали им е добар периодот за почнување на некоја важна работа. За неа астрологијата беше разонода и начин да ги оттргне лошите мисли, кога некогаш ќе ѝ дојдат. Виолета е жена која животот постојано го гледаше од неговата ведра страна, нејзиниот младешкиот и позитивен дух секогаш ѝ даваше сила да продолжи понатаму.

Во последно време ќе прочиташе неколку реда од безвременската “Ана Каренина”, но, многупати ја имаше читано и знаеше со часови да ги оживува спомените од својата младост. Како на филмска лента ѝ се редеа сцените од запознавањето со сопругот, и на перипетиите што ги имаа двајцата. Се сети на лекарот со кој работеа заедно. На секој начин се трудеше да ја освои и не бираше средства во своите намери, на целиот персонал се пофали дека е негова девојка и дека во најскоро време ќе се пресели кај него. Следуваа жолчни препирки со лекарот и побара, револтирано да ја преместат кај друг лекар, зашто не можеше да ја поднесе неговата опседнатост со неа.

“Проживеав доволно години да увидам дека не постојат добри или лоши нации, постојат само добри и лоши луѓе без оглед на нивното образование или верска припадност” – помисли во себе.
…………..
На крајот се свршија со таткото на нејзините деца и имаа убав и исполнет живот…..Но се во животот има свој почеток и крај. Беше свесна за минливоста на животот и како мало дете му се радуваше на секој ден, и покрај целата напната ситуација со вирусот, разонода си најде во одгледување на сезонските цвеќиња. Овој период од годината најмногу го сакаше, во мај за првпат се вљуби, во мај ѝ беа родени и двете деца а ружите во градината беа најубави во мај. Дури и лекарите прогнозираа дека со топлото време и овој невидлив непријател ќе си замине. Во деновите што следуваа чуствуваше болка во слепоочниците, но, како хроничен метеопат претпостви дека тоа е од промената на временските услови, и не обрати внимание на болката. Таква болка имала и порано и секогаш по неколку денови ѝ минуваше, како ништо да не било. Сепак седна да одмори во градината, се смести на омиленото место, а зуењето во главата стануваше тапо и подносливо. Со милина во душата го гледаше зајдисонцето, и направи ретроспектива за целиот живот. Со мали падови, во суштина имаше убав и исполнет живот, и не би менувала ништо и повторно да се роди.
Еве, и овојпат како и минатиот болката помина и веднаш ѝ се врати спокојот во душата, а само пред неколку дена прочита дека астролошката прогноза за оваа 2020 година ќе биде тешка за старите луѓе. Но, тоа не мора да значи дека ќе биде лоша за сите!!!
Со радост се обиде да стане и да продолжи со работата, почуствува слабост и се потпре на ѕидот ……. не успеа да се задржи на нозе и се струполи на земјата.

Не знаеше дали е сон или јаве. Оддалеку го виде сопругот, стоеше на едната страна од градината и со раката ја довикуваше да му се придружи.
Срцето ѝ чукаше како лудо, а лицето и гореше од возбуда, додека од другата страна ги здогледа синот и ќерката, беа малечки и спокојно си играа.
По кратка недоумица оддлучи прво да го виде саканиот човек кој беше млад, исто кога пред многу години за првпат го виде. Дури и нејзиното тело не беше повеќе старечко, туку младо и полетно и со трепет во душата поита кон него. Сето тоа како магија се изгуби…Од некаде се појави една светла точка и со раката се обиде да ја дофати светлината.
Точката, најпрво беше голема, кога помисли дека конечно ја фати, се намалуваше полека, но сигурно. На крај ја снема светлината, се отвори огромна црна дупка и за миг ја проголта.

Автор: Силвана Панева

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.