Монолог – Софија Петковска

Во ноќта ко земја црна,

во собата која во тишина се капе,

дишењето бавно ко полжав

го растреперува повик.

Трепери срцето нежно,

трепери телото кревко,

треперат мислите нескротени,

трепери душата жедна,

ко жици на мандолина.

И во тоа глуво доба,

во ноќта без месечина,

повик.

Глас.

Спиеш ли стар пријателе?

Не, ти не можеш да заспиеш.

Гуши длабоката тишина.

Болат мислите нескротени.

Но, еве сѐ уште слушам, дишеш.

А сѐ дур дишеш, ти живееш.

Затоа, не грижи се, пријателу мој,

јас сум тука за рака да ти подадам.

Да ти помогнам да сфатиш,

да размислиш,

да визуелизираш,

да успееш

и да победиш.

Затоа се јавив.

Бидејќи вистинскиот пријател во неволја се познава.

Не грижи се,

нема долго да трае ова патешествие.

Но, на крајот од тунелот светлина ќе видиш.

И крвта в жили ќе ти заигра

ко играорец на тапан.

А во срцето топлина ќе сетиш,

небаре сето сонце во тебе се збрало.

И мирот ќе го сетиш.

Оној мир кој на темјан мириса.

О, драг пријателе,

спастри се во името на Бога!

Време е.

Alea iacta est.

Погледни во небото.

Нишани во ѕвездите.

Раскажи им ги целите и плановите тивко, нечујно.

Желбите исповедај си ги.

Нека ветрот ги дувне зборовите во небото.

Нека ги скрие под некој облак.

И потем,

остави.

Сѐ остави.

Дозволи му на универзумот да прави магија.

Ти?

Ти само тихо помоли се,

пријателе мој.

И заблагодари се.

За страдањата,

за солзите,

за храброста и волјата,

за животот.

И потем,

заспиј мирно.

Безгрижно.

Детски.

А сега,

јас си заминувам пријателе.

А да,

ќе заборавев, пријателу драг.

Не заборавај да љубиш.

Себе,

другите,

Бог.

И тишина.

Тишина со мирис на јасмин.

И во ноќта ко земја црна,

во собата која во тишина се капе,

душата дарови зема.

Аcta est fabula.

Автор: Софија Петковска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.