Излегувањето на месецот – Федерико Гарсија Лорка

Во својата поезија, Лорка најчесто обработувал мотиви од суровата Андалузија, за кулите, камбаните и зорите на Гранада, биковите и тореросите, Циганите и нивните песни и ритми, насадите со маслини и портокали итн.
Неговите стихови се полни со сликарско-музички елементи, со компликувана оркестрација, голема звучност и меѓузвучност и бројни јазични пресврти.
Иако во основата на неговата поезија лежат народните и циганските песни од Андалузија, Лорка изградил оригинален и модерен поетски јазик.
Лорка останал настрана од тогашниот водечки поетски правец во Шпанија – ултраизам (шпанска варијанта на модернизмот), но од него ги презел најсмелите и најтешките елементи.

Своето прво дело Лорка го објавил во 1918 година – збирката песни во проза „Импресии и пејзажи“, а во 1921 година се појавила неговата прва поетска збирка, „Книга песни“.
Во 1925 година објавил неколку песни од подоцнежните збирки „Цигански романсеро“ и „Песната на Канте ходно“ и ја завршил драмата во стихови „Маријана Пинеда“ која била поставена на сцената две години подоцна, во режија на Маргарита Хиргу, а сценографијата била дело на Салвадор Дали.
Во 1927 година го напишал есејот „Поетската слика кај Гонгора“; една година подоцна излегла од печат збирката „Цигански романсеро“, а истата година напишал неколку песни од подоцнежната збирка „Поетот во Њујорк“; во 1930 година, во Мадрид била поставена неговата пиеса „Чудесната чевларка“.
Во 1931 година била објавена збирката „Песната на Канте хондо“, како и некои песни од „Поетот во Њујорк“, а истовремено почнал да го пишува циклусот „Тамаритски диван“; во 1933 година биле прикажани драмите „Крвави свадби“ и „Љубовта на дон Перлимплин“.
Во 1934 година се одржала првата изведба на драмата „Јерма“ и ја напишал поемата „Тажачката за И. С. Мехијас“, која ја прочитал во Мадридскиот театар при стотата претстава на „Јерма“. Во 1935 година излегле од печат шесте галициски песни, како и неколку газели и касиди, а ја напишал и „Дона Росита или говорот на цвеќето“.
Во 1936 година биле објавени „Крвави свадби“ и „Први песни“, а пред поетите Гиљен, Алонсо и де Торе за првпат ја прочитал драмата „Домот на Бернарда Алба“.
Првите собрани дела на Лорка биле објавени во 1938 година, во Буенос Аирес, а во Шпанија, неговите собрани дела биле објавени дури во 1954 година.

Во продолжение прочитајте го преводот на неговата песна:
„Излегувањето на месецот“

Кога месецот излегува,

ѕвоната исчезнуваат,

а се јавуваат стази

непроодни.

Кога месецот излегува,

морето ја прекрива земјата,

а срцето се чувствува

остров во бескрајот.

Никој не јаде портокали

под полн месец.

А, треба да се јаде овошје

зелено и ладно.

Кога месецот излегува

со сто еднакви лица,

сребрените парички

во џебот липаат.

Превод: Наталија Наумовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.