Добредојде во клубот – Силвана Панева

Неколку денови Лидија седеше сама во станот, не знаеше каде отиде и кога ќе се врати нејзиниот Иван. Седум години живееја среќен и исполнет брачен живот, но повеќе не беше сигурна дека среќата вечно ќе им трае. Многу прашања ја мачеа и не успеа да го совлада: стравот, стресот и неверувањето од однесувањето на сопругот. Без причина и без кавга, во вистинската смисла на зборот ја нокаутира и како ништо да не било, си замина од заедничкиот стан. Со денови како рането животно го чекаше да дојде, да ја бакне, да ѝ се извини, и да продолжи нивниот поранешен живот. Од него немаше ниту трага ниту глас!

Откако ѝ поминаа модринките требаше да го земе синот кој повеќе од десет дена беше на гости кај родителите. Возејки се сама по патот размислуваше на глас:

„Што му се случи на Иван? Никогаш претходно ме нема удрено, а пред некој ден безмилосно ме тепеше и ми упати безброј погрдни зборови, и за моите родители многу лошо зборуваше! Силно ме удри, да. Па што! Двајцата ќе го надминеме лошиот период и уште повеќе ќе се сакаме. Јас, колку бракови имам спасено за овие години работа како психолог……..се ќе биде добро” – се тешеше самата. Додека гласно го зборуваше тоа, како некој внатрешен глас да ѝ велеше дека деновите на среќа со Иван веќе завршија.

Мајка ѝ се изненади кога ја виде, не ја очекуваше и разочарано кажа:

– Остави го детето, ќерко, уште малку. Ние убаво се забавуваме со него, а сега ќе го затвориш во станот. Чекај да те видам убаво, леле, колку голема модринка имаш под окото!

Лидија веднаш се снајде, кажа дека паднала по скалите, а во истиот момент сакаше силно да ја гушне мајка си ѝ да плаче во нејзиниот скут, исто како во детството. Но ништо не рече туку ја поголтна кнедлата што ѝ стоеше на грлото, а мајка ѝ ја прекори да внимава следниот пат зашто можело и полошо да биде. Набрзина го спакува куферот на синот, имаше чувство дека секој момент ќе се расплаче, и без многу зборување го стави детето во автомобилот.

Од некаде ѝ пријде сосетката на родителите, Марија, не престануваше да гледа во нејзиното лице, истрча кон неа и силно ја прегрна. Веројатно има нешто по што се препознаваат жртвите? За момент помисли дека Марија ќе ѝ се насмее и ќе и каже “ добредојде во клубот”, но, жената видно возбудена извика:

– Немој да трпиш како мене, ти си уште млада, за тебе, животот само што почна.

– Не му дозволувај да ти го уништи животот! Еднаш штом те удрил, секогаш ќе те удира! Треба ли да бидеш како мене? Жена, која секојдневно ќе очекува како и колку ќе биде малтретирана?

Лидија, низ солзи ја гледаше и сакаше да ѝ каже дека таа не е како неа, дека нејзиниот Иван бескрајно ја сака…….дека, навистина сама падна по скалите.

Стоеше немо и не можеше да изусти ниту збор, а грлото и беше суво од трепет и солзи.
Не можеше да ја излаже жената која повеќе од три децении трпи насилство, а додека успеа некако да ја оттргне од себе, знаеше дека не сака заврши како Марија.
Мрморејки нешто во себе, го погледна со љубов синот, ја затвори вратата на автомобилот и се упати кон неизвесноста која веројатно ќе и биде сопатник во деновите што следуваат.

Автор: Силвана Панева

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.