Малиот точкаџија

         

Небото беше црно таа мартовска вечер, како да сакаше да заплаче за присилата која требаше да се случи, да ја исплаче црната судбина на народот за кој никогаш не се знаеше дека ќе преживее. Благоја легна порано знаејќи дека утрината треба да оди на работа и ја изгаси газијата која едвај светеше таа темна ноќ. Тешко спиеше веќе неколку денови и помислуваше на Љубица која живееше на другиот дел од градот, таму каде тој ретко одеше зошто се плашеше да не ја види или да не разберат нејзините за нивната притаена љубов.

Беше скромно но работливо момче кое живееше благодарение на своите две раце. Работеше кај мајсторот Тиро поправајќи точаци на имотните луѓе во градот и често го возеше својот велосипед низ градските улици. Еднаш дури ја возеше и неа, Љубица, без никој да види и срцето му забрза толку брзо и беше толку возбуден што за малку ќе ја паднеше.

 Имаше чувство дека ќе биде негова и чекаше да дојде викенд за да ја види. Секоја недела имаше игранка во Офицерскиот дом и Благоја се спремаше во текот на целата недела за таа вечер.

Живееше со стрико си и стрина си на горниот спрат од нивната куќа и ретко ги сретнуваше, сакаше да се осамостои и да си живее сопствен живот без да биде терет никому.

Беше воено време, но луѓето се снаоѓаа како можат и умеат. Благоја работеше од утро до ноќ за да може да преживее и секој ден во работилницата често се расправаше со бугарски офицери за точаците и за тоа колку треба да платат ако газдата Тиро не беше на работа. На игранката во недела ги сретнуваше и кога тие ќе го видеа се чудеа како малиот точкаџија се дотерал, се стросал и игра со една од најубавите девојки во градот.

И таа вечер мислеше на неа и на игранката која веќе беше закажана.  Утрото го разбудија сирени и викотници. Во текот на целата ноќ ги слушаше но мислеше дека нешто сонува. Погледна низ прозорецот и виде луѓе кои се враќаа дома трчајќи и со страв во очите  и слушна како една жена  почна да плаче пред да влезе во својот дом.

  • Што се случува? Дали е некој напад? – ја праша.

Таа само немо го погледна и влезе низ портата од каде се уште се слушаше нејзиниот пискот.

 Брзо се облече и тргна да оди на работа.  Знаеше дека мора да оди без разлика на се. Мораше да се бори во светот на возрасните иако беше дете. Дете кое без родители се пробиваше низ животот трпејќи ги сите тешки удари кои ги задава.

Го грабна точакот кој секогаш го чекаше пред вратата и забрза кон пазарот кој беше само на неколку улици од местото каде живееше. На крајот од улицата го пречека колона од полиција.

  • Каде си тргнал?
  • На работа, се знае. Ме чекаат и ќе ми вика мајсторот ако не се појавам на време.
  • Денес нема работа. Врати се назад.
  • Нема, како нема?
  • Ќе чуеш зошто нема, сега не е време за муабетење. Враќај се назад ако не сакаш ние да те вратиме.

Благоја се врати дома видно вознемирен и се качи во својата соба.

  • Евреите, ги носат Евреите!! – викаше сосетката Марица.

Сѐ беше како во сон. Одма помисли на Моша. Каде е? Дали го земаа и него? Дали може успеал да се скрие?

Реши да излезе, да се скрие и ако може да го најде. Моша беше неговиот најдобар другар. Се знаеја од школските клупи и заедно ги делеа сите детски игри и радости. Некогаш одеше кај нив дома и знаеше да се наслади од нивниот фалафел или вкусните кнедли кои мајка му стално ги приготвуваше.  

Кај нив беше како дома. Ја слушаше молитвата на татко му на јазик кој не го познаваше, но никогаш не се почуствува дека е меѓу други, дека не ги разбира, дека е странец меѓу странци. Тој дом беше за него потопол од оној каде сам живееше кај стрико му и стрина му кои скоро и да не знаеја дека живее таму.

За татка си кој никогашне го видел имаше наслушнато многу приказни кои беше ги потиснал длабоко во себе, а мајка му живееше надвор од градот кај друг човек со кого не се беа ни виделе ни запознале.

Моша за него беше близок како брат и мораше да му помогне. Знаеше дека ќе ги носат на железничката станица. Помисли на краткото патче низ ливадата која водеше до крајот на градот каде беше железничката станица. Таму сигурно нема полиција, си помисли.

Се искраде без да го види никој и претрча низ уличката која водеше до ливадата. Немаше никој. Беше ладен ден и тмурните облаци најавуваа дожд. Брзиот чекор го водеше сѐ поблиску до станицата каде се беше насобрал народ кој не знаеше што се случува. Полицијата ги редеше и ги сместуваше во вагоните а тие смирено и некако достоинствено се помируваа со судбината.

 Се криеше зад една грмушка и бугарската полиција беше зафатена со собирање на рајата што не можеше да го забележи.

Чекаше да го види другарот, неговиот другар Моша Мордехај. Срцето силно му чукаше и не сакаше да верува дека ќе го види, дека ќе го види како си заминува за последен пат. Длабоко во себе го носеше помисла дека сѐ е во ред и дека ова не е вистина.

После само половина час го здогледа. Со наведната глава и неговата позната кашкета се тетереваше фатен за рацете на мајка си.

  • Побрзајте – им викна еден од бугарските офицери.  

Тие го забрзаа одот и влегоа во еден од вагоните .

Благоја воздивна и не можеше да ги задржи солзите.

Зарем не може да направи нешто? Зарем не може да оди да го спаси својот другар кој толку многу го сакаше?

Но, не тој беше само еден мал точкаџија кој се бореше секој ден за да преживее. Таа мисла остана да го прогонува целиот живот и никогаш не најде одговор на прашањата кои си ги поставуваше тој проклет ден 1943 година за време на бугарската окупација на неговиот град.

Никогаш веќе не се сретнаа, но Благоја секогаш веруваше дека Моша е жив зошто живееше во неговито срце, во неговите спомени од најубавите години на неговиот живот.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.