Изгубената сенка – Божана Тренческа

Човекот чекореше по празната улица замислен, а изгледаше и напуштен, алиштата му висеа на слабото тело. Тој оставаше впечаток на неуреден човек, кој не се грижи за себеси а уште помалку за тие околу него. Во главата му се вртеа илјадници прашања за кои немаше одговор зошто одамна се имаше оддалечено од луѓето кои му носеа радост и со кои некогаш делеше сè. Со годините поминати сам, беше лошто друштво за секого. Тој секојдневно чекореше по истата улица ги среќаваше истите луѓе кои како да не ги гледаше и со кои едвај и да се поздравуваше, а за разговор не стануваше збор. Но денес додека чекореше по улицата забележа дека некој го следи.

„Кој си ти? Што бараш од мене? Оди си јас немам пари да ти дадам.“ – рече и побрза да се оддалечи. По некоја минута се заврти назад и нештото сè уште го следеше. Човекот се вознемири од необичното друштво до него, зошто секогаш тој одеше сам, а денеска како да се залепил некој до него.

„Зошто постојано ме следиш? Ајде замини, оди некаде и остави ме!“ – рече нервозно. Нештото што го следеше застана, зшто и човекот застана. Тој залудно зборуваше бидејќи ѕверот продолжи да го следи секое негово движење. И после многу зборување самиот со себеси, се јави и нештото што го следеше.

„Неможам да заминам! Јас сум твојата сенка. И да сакам неможам да се одделам од тебе.“ – му врати таа, неговата сенка. „Знаеш кој е виновен за сè, тоа е Сонцето. Но сепак, треба да ти објаснам некои работи. Сонцето, јас и ти сме една целина. Сами еден без друг ние не би постоеле. Јас сум твоето ти, ти си моето јас, а сонцето е алката што нè поврзува.“

„Знам како да се ослободам од тебе“ – рече човекот брзо смислувајќи начин да ѝ избега. „Еве вака!“ – се заврти и тргна по другата страна на улицата. Мислејќи дека се ослободил од сенката, почна да се радува, зборувајќи си „Таа мене ќе ме следела.“ Сега среќен и не размислувајќи за ништо се почувствува ослободен и олеснат зошто претходно сенката го нервираше, но кога се заврти назад повторно зад себе ја виде сенката и тоа многу блиску, одма до него. Налутен ја крена раката да ја удри, и сенката ја крена раката, за да му го врати ударот. Изнервиран ги свитка колената и се наведна, се наведна и сенката. Таа постојано ги правеше истите движења како и човекот.

„Еее ова сега е премногу“ – ѝ рече со викање. „Сега конечно ќе се ослободам од тебе.“ Човекот застана и сенката застана. Тој почна да се поти, од лутина го соблече палтото од себе, го соблече и сенката.

„Мора да најдам начин да ја оставам зад себе!“ – си зборуваше во себеси, а одвреме навреме и мрмореше нешто.

„Залудно си ја трошиш силата“ – му врати сенката. „Прифати ја вистината и биди среќен живеејќи со мене, така и на двајцата ќе ни биде убаво!“

„Не и не!“ – одговори бесен тој. „Реков не и те молам, доста зборуваш, остави ме да размислувам.“

Надвор жештината стануваше неподнослива, а и дијалогот помеѓу човекот и сенката стануваше се понапнат. Тој се умори расправајќи се со сенката и капки пот го оросија неговото чело. Човекот повторно застана убеден дека најпосле ќе ја натера да си оди, застана и сенката.

„За последен пат ти велам, остави ме и бегај од мене.“

„Не!“ – рече таа.

Човекот избезумен почна да трча по празната улица со надеж дека ќе ѝ избега. Тој беше уморен зошто трчајќи помина доста пат и затоа застана, а и беше среќен, мислејќи дека ѝ избега. Погледна наоколу и за чудо повторно ја најде сенката како залепена до себе.

„Значи и таа трчала“ – си помисли. „Морам да се ослободам, морам да ѝ избегам, но како?“ – си мислеше чешајќи се со рацете во разбушавената коса и тогаш еден темен облак го покри сонцето, светлината полека исчезнуваше зад облакот и сосема се изгуби. На земјата за миг се стана некако посиво, потемно. Човекот погледна околу себе, за првпат не ја виде сенката, од нејзе не останала никаква трага. Тој се израдува зошто сега чекореше сам без сенката која денес во сè го имитираше. „Ете така, ја нема“ – си шепотеше во себе. Човекот пооди кратко сам, но за чудо сега се почувствува некако напуштен и затоа почна да се врти околу себе.

„Каде си сенко?“ – праша љубопитно, но не доби одговор. И самиот не знаејќи зошто почна да ја бара, клекна на колена како да ја моли, викајќи се едно исто „Сенко, сенко“. Повторно не доби одговор од нејзе. Мислејќи дека се сокрила кај него во пазувите почна да се чепка по алиштата барајќи ја.

„Сенко каде си? Доволно си играше со мене, ајде појави се да те видам. Очаен зошто од сенката не најде трага почна да ја убедува да се врати зборувајќи „Зарем може толку брзо да се откажеш од мене? Јас не те бркав, само си играв со тебе. Излези!“ Човекот некако се замисли и се сети, ако некој си замине, не се враќа повеќе, нели така му избега љубовта во младоста. По време проба да ја најде, но без успех, а таа самата не се врати никогаш повеќе во неговиот живот. „Поминаа годините, а не ги вкусив убавите работи во животот“ – тагуваше сега тој. „Сенко гледај, лицето ми е збрчкано од тага живеејќи не посакуван од некого. Не паметам кога последен пат му се имам радувано на изгрејсонцето и на денот, зашто секогаш чекорам сам. Сенко излези, каде и да си. Доста си играше со мене криејќи се. Ако мислеше да ме казниш, ти успеа. Како јас ќе живеам сега, кога се навикнав на тебе.“ Повторно не доби одговор и продолжи да талка низ улиците. А тие улиците, опустошени без други луѓе ги обви темнината зошто одамна денот замина, а со него замина и сонцето кое ја украде сенката. Човекот беше уморен од барање и довикување, ништо друго не му преостана, освен да се врати дома. Тој сена на прагот од куќата во која никој не го чекаше, сега беше сигурен дека повторно згреши што денес ја избрка сенката. Беше тажен, беше очаен.

„Не требаше да ја бркам, таа ќе ме сакаше мене. Не требаше, и овај пат згрешив, не требаше…“

Темнината ги покри скалите, куќата и сè околу дворот беше потонато во темнина и тишина, а тој како да не дишеше, а уште помалку можеше да стане за да си влезе дома. Денес беше многу уморен што не можеше да разбере дека сенката отиде да се одмори за утре да можe да оди со него. Скршен од болка плачеше, а солзите се тркалаа по лицето и немаше кој да му ги избрише или да му каже убав збор.

„Не требаше да ја бркам, таа ќе ме сакаше мене, не требаше“ – беа неговите последни зборови. 

Божана Тренческа

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.