Еден поинаков Велигден – Снежана Паноска

Со денови седиме дома. Карантин. Се поместуваме од кујната, до дневната, па спалната соба. И сé така во еден замрсен, невидлив круг.
Се станува, се јаде, се руча, се вечера, кафе, се спие. И пак одново, одново…. Секојдневно…
А, доаѓа Велигден, голем ден, најголем.
Вапсавме јаца, колку за адет. За дечињата, за внучињата, да се најде  за нив.
Сабота вечер. Последни подготовки, за утре, за големиот ден. Воскресение Христово.
Излегувам во малиот двор. Тишината ја нарушува само  лаење, од некое улично куче.
Се обидувам да наслушнам низ тишината. Ја нарушува мрморење, еднолично, постојано. Тоа е звукот на молитвата која одекнува во висините од блиските две цркви.
А потоа, плашливо, со свеќите во раце, со изгаснати светилки во салонот, излегуваме на улица. Пред нашата порта.
И таму, до нас, комшиите веќе стојат со запалени свеќи, молкум загледани во височините, кон ѕвездите. Полека, се отвараат портите од сите куќи од улицата, од сите излегуваат молчаливи луѓе, со запалени свеќи во рацете. На блискиот балкон, излегува едно младо семејство, со своите деца. И светлото на свеќите нè топли, нè заштитува сите нас, што стоиме и очекуваме…очекуваме…молчиме…
Тишината ја распара звукот на градскиот саат. Бројам, еден, два, три….дванаесет.
Го задржувам здивот….И…Звукот на камабаните одекнува….одекнува…одекнува…
А ние…се смееме, радосно, солзи навираат во аглите на очите…
Христос воскресна….довикуваме….Навистина воскресна….враќаме….
Земаме секој јајце….Се кршиме…се смееме…низ солзи…се смееме.
Ете го дочекавме и овој голем ден….На улица…Ако… Што ако е на улица. Улицата, нашите
порти станаа нашата црква, нашите свеќи ја осветлија темнината…
По долгиот пост, за првпат некој каснува варено јајце. Комшијата донесе и ракија, кој можеше се напи, колку за адет.
Светлината и топлината ја внесовме дома, ги оставивме свеќите да догорат во дворот, во земјата.
И душата ни се наполни со убавина. И навистина, Бог е во нас, во сите нас.
И дојде еден поинаков Велигден, ама сепак голем ден за сите нас христијани, кои веруваме дека на крајот на тунелот секогаш нè чека светлото на новиот ден.
Нека ни е за многу години, ако е поинаков, сепак е наш, голем.
Догодина…можеби поинаку ќе биде, се надеваме, посакуваме…
Ама ако…и вака е убаво, ако си го направиш убав, во душата, до срцата.
Нека ни е за многу години.

Снежана Паноска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.