Дали ѕверот ќе биде конечно ослободен? – „Архангел – Ослободување на ѕверот“ од Даниел Бибовски

Случувањата во одреден дел од светот после третата светска војна е проткаена во научно-фантастичната приказна раскажана преку зборовите на главниот протагонист, младиот јунак Адам. Тој живее во една прилично нова тест-населба населена од врвни научници, психолози, инженери, биолози, економисти, лекари, физичари. Интересен податок е дека на истата населба не може да живее секој што ќе посака, па затоа постојат посебни услови што треба да се исполнат за да се добие дозвола за преселување. Главниот јунак кој ќе нè воведе во неговиот свет, живот и авантури е жител на Архангел 2009 токму поради тоа што одлучиле да го посвојат за двајцата да можат полесно да дојдат до новиот град сместен на Антарктикот, изграден на јужниот пол со цел. Целта луѓето со текот на времето ќе ја заборават, но постоењето на овој град е потсетник само со што се справувало човештвото пред и после третата светска војна. Покрај напреднатите технологии и во голема мера полесниот начин на живот, на Адам не му е воопшто лесно од повеќе причини. Главната причина е соочувањето со болната вистина дека неговите вистински родители го оставиле, а не знае на што точно се должела нивната одлука, потоа е принуден секојдневно да се соочува со Белардови и нивните каприци. Од задушување на неговата слободна волја, правото на избор до полнење на неговата глава со измислици поврзани со неговите вистински родители…Адам покрај сè се труди да го следи својот сон и да ја негува љубовта кон технологијата и роботиката посетувајќи го институтот каде што ќе го создаде роботизираниот пријател со квантен компјутер. Вештачката интелигенција во голема мера е развиена во периодот кој е претставен во романот, а се појавува и нова наука наречена 3-ФИ, спој на психологија, филозофија и физика. Нејзините главни начела се интересни, како и правилата, а самото користење на 3-ФИ техниките и моќта што ја има истото е за воодушевување, но не смее да се користи за злобни цели и да се искористува моќта. Се смета дека е потребен долг период за човекот да се научи да ја користи техниката на читање на човечките емоции и ставање во кожата на другиот со можност да се проникне подлабоко за да се доживеат сите чувства што другиот ги чувствува со долго гледање во очи, како и откривање на причините зошто некој има таква емоционална состојба. Со оглед на фактот дека досега никој не научил да чита човечки мисли, ниту со помош на напредна технологија, ова со читањето на туѓите емоции е возбудлив концепт па дури и кога би бил реалност после 100 години отсега. Дури и ако еден ден е возможно се надевам дека нема да биде злоупотребуван од луѓето. На Адам му е ставено до знаење дека има посебна дарба за 3-ФИ, а најпрво со него го запознава неговата пријателка Ема која го изучува тоа и истото му го демонстрира оставајќи го него збунет, зачуден, изненаден и истовремено воодушевен. Бидејќи таа е нова во градот, тој ќе има шанса да ѝ покаже и некои други објекти и простории во школото. Сознанието за постоење на друг свет надвор од Архангел којшто тој не го познава, уморот од неговите врсници што постојано безделничат на Ворлдбук и нивната популарност што не им носи ништо корисно, препирките со домашните и неговата разгалена сестра која секогаш го омаловажува, го прават љубопитен за тој непознат свет и истовремено одлучен дека мора да преземе нешто. Да не беше курсот по историја никогаш немаше да ја запознае Ема, но и против негова волја е принуден да ги следи часовите по историја само за да може да го посетува институтот за технологија. Првиот допир со технологија бил со подарокот што му го испратиле неговите вистински родители, кој бил мал т-рекс што тој самиот успева да го склопи без гледање на упатствата, и тогаш после единствената средба со нив каде што има можност да ги види онлајн преку камера точно знаеше што сака да биде и што ќе стане подоцна. Можеби и тие му ја „одредиле“ судбината, но тој е цврсто убеден дека подеднакво ќе ја сакаше технологијата дури и да не беше во допир со тој подарок. Сепак одлучено е дека му било запишано во гените бидејќи тој е генијален со неговите изуми и со тоа што го прави во институтот. Биви е плод на неговата исклучителна интелигенција, фантазија и љубов кон роботиката и занимавањето со неа. Ретко кој од тамошните деца на Архангел би можеле да ја разберат оваа негова пасија бидејќи сите се зафатени со виртуелната реалност и не се многу заинтересирани за човештвото. Адам надарен со повеќе дарби отсекогаш поинаку гледал на светот и на луѓето, па впуштајќи се во една долга и непредвидлива мисија конечно може да ги напушти границите на градот со помош на летечкиот Биви. Постоењето на различни заедници со различни цели е повеќе и од доволно за тој да посака да посети барем дел од нив. Но, неговата мисија е многу поголема од шетање и обиколување на светот. Господин Код, Данагер, темниот генерал, професорката и останатите ликови со кои ќе дојде во контакт само му ги прошируваат хоризонтите. Мисијата за спречување на изградбата на кулите Тесла што се главна причина за несреќи со смртни последици како и желбата да се одложи нивното пуштање за да се спасат животите на многу невини луѓе ќе трае подолго од предвиденото и ќе биде проследена со многу предизвици за Биви и Адам. Во текот на таа авантура од огромни размери за двајцата која можеше да биде фатална по живот, Адам ќе успее да ги пронајде одговорите и ќе ја научи вистината по која трагаше за време на неговото постоење. Стравот од разделбата со Биви е главен двигател за почеток на таа авантура, но и од алтруистички побуди главниот јунак решава да преземе акција. Најважната лекција што може да се извлече од овој научно-фантастичен роман е дека колку и да напреднала технологијата, без оглед каква преродба и надградба доживува планетата, а со тоа и целата цивилизација – луѓето ќе бидат само луѓе и ќе продолжат да имаат емоции. Исто така, и после многу години отсега чувствата нема да престанат да постојат и колку голем замав да земат роботиката и виртуелната реалност, човекот секогаш ќе има потреба од друг човек што ќе може да го разбере и да ги сфати неговите потреби и желби. Но, и човечката алчност, себичност, злоба, моќта за превласт, за владеење, потребата за влијателност, за популарност, за стекнување со слава и богатство никаков развој на цивилизацијата нема да може да ги надмине. Дали Адам ќе успее да ја исполни својата мисија и ќе влијае врз подобрување на општото добро и правење на светот подобро место за живеење ќе откриете ако ја прочитате оваа книга.                                                         
Мене успеа да ми го задржи вниманието од првата до последната страница и затоа ѝ дадов предност при правење на нејзин осврт кој сакав да го споделам на блогот.
Романот е полн и со животни лекции склопени во некои делови од дијалозите или скриени во размислувањата на главниот протагонист. Можноста за проникнување во неговиот ментален склоп е успешно остварлива со помош на читливиот и разбирлив стил на пишување на авторот. Одлично раскажана приказна што особено ќе им се допадне на фантазерите, на љубителите на технологијата или студентите по информатика или на сите љубопитни да дознаат на каков начин се ослободува ѕверот и што се крие под оваа метафора.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.