7 лекции што ги научив во текот на седумгодишното блогирање

Денес покрај роденденот на блогот, се означува и светскиот ден на театарот, а овие датуми сосема случајно се поклопуваат. Мило ми е што во ист значаен ден за културата во светски рамки сум ја започнала нашата приказна, па датумот има двојно големо значење. Традиционално со вас ги споделуваме најпосетените објави на блогот во изминатата година. Рековме дека бројките не ни претставуваат пресуден показател за квалитетот или за нашиот труд, но ги користиме само за споредба и за некои статистички податоци.

Топ најпосетувани објави во изминатава година:

  1. Ода на радоста – химна
  2. Крајбрежје на два спротивни света објавува КОНКУРС за поезија
  3. Трагање по душата близнак, мит или вистина во денешно време? – Рецензија на „Души близнаци (11:11)“ од Весна Здравковска Трајковска

Во оваа објава пишував за работите што сум ги научила кога сме славеле 4 години.

Следуваат седумте лекции што ги научив во изминативе седум години.

1. Трудољубивоста е особина од која може да се има само придобивка

Ова не го поврзувам само со сопствената трудољубивост и блогирањето туку може да се припише и општо за сè што правиме во животот и има универзално значење и надвор од овие рамки. Викаат трудот секогаш се исплаќа, и јас се согласувам со ова. Зошто? Бидејќи ова што го правиме бара време, внимание, желба, труд и секако многу љубов. Самото сознание дека постојат такви кои што го ценат сето тоа, нè следат, поддржуваат и охрабруваат е сосема доволно сознание дека сме на вистински пат и вреди повеќе од секоја награда, за мене и за моите колеги. Коментарите што ни ги упатувате и фидбекот што го добиваме од секој еден, кога ќе ни ставите до знаење дека сме успеале да влијаеме позитивно на повеќе начини знајте дека премногу значи – повеќе и од секоја награда или материјална добивка, едноставно не се споредуваат овие нешта.

2. Тимската работа е подобра од индивидуалната за поголем успех

Можам убаво да функционирам и индивидуално, но во текот на овие последни три години ми се потврди дека можам одлично да се снајдам и во тим. И не само да се снајдам, туку и да бидам оној што сакал или не, успева и се снаоѓа да го води тимот. Таа улога се наметна природно, а благодарение на моите колешки и колега кои се прекрасни соработници ми стана јасно дека за успешноста на тимската работа мора сите подеднакво да допринесуваат и да се вложуваат. Ми се потврди она дека „повеќе глави мислат подобро од една“ бидејќи сите наши заеднички активности ги договараме во дискусија, секој ги ислушува останатите и го кажува својот став, критичка настроеност во одредена мера мора да постои секако, како и голема искреност и меѓусебна доверба на сите членови што го сочинуваат тимот. Имав среќа да се спојам со одговорни луѓе, пишувачи и вљубеници на пишаниот збор кои се големи пријатели пред сè. Благодарна сум за сè што постигнуваме заедно, и се надевам продолжуваме во оваа насока сите со сплотени сили да ја пишуваме заедничката приказна.

3. Можеш да почнеш од ништо и да создадеш нешто

Ова толку многу го опишува моето блогирање што дури и не знам што да дополнам. Бидејќи секогаш имам што да кажам за секоја моја научена лекција, така и за оваа – пишувачите создаваат. Градат цели светови со моќта на перото, создаваат мостови што можат да обединат цели нации. Сосема е доволно ова.

4. Без идеја реализацијата е потешка, но секогаш постои импровизација

Што сакам со ова да кажам? Секогаш е добро да се има идеја. И не е воопшто лесна одлуката на прашањето „што денеска да се објави?“ Бидејќи нас квалитетот секогаш ќе ни биде поважен од квантитетот се задржуваме до тоа да има некаков баланс помеѓу тоа што го објавуваме, како и сè друго што споделуваме. Се работи за книжевен блог, сосема поинаков од сте останати што може да се забележи уште при првата посета, па идејата да бидеме свои и оригинални заедно со мотото: „Блогот што ќе го промени вашиот свет“ мислиме дека ни успева. А, ние ветуваме дека ќе продолжиме да ја исполнуваме нашата мисија, ќе продолжиме да внесуваме шаренило во виртуелниот свет и квалитетно поминато време на секој што ќе одлучи да одвои дел од сопственото време посетувајќи ги нашите содржини.

5. Некому ќе се допаднеш, некому не

Во ред е да има поделеност помеѓу читателската публика. Да тргнеме прво од фактот дека постојат луѓе што читаат книжевни блогови, и луѓе што не читаат, но читаат статии и други објави од различни веб сајтови. Постојат и такви кои читаат книги во слободно време и оние кои истото го трошат на поинаков начин. И ова е сосема во ред и ние никого не осудуваме, впрочем секој има право каде и како сака да си го троши времето. Научивме дека тоа е драгоцено, а нашите читатели речиси 90% се сочинети од луѓе што сакаат да читаат книги во нивното секојдневие. Значи да сумирам: вистинските љубители на пишаниот збор и читатели во реалниот живот најмногу нè следат и читаат, тие без проблем одвојуваат минути или часови читајќи ги содржините, и истите најчесто го поздравуваат она што го правиме. Но, има и такви кои се рамнодушни, не им се допаѓа да нè читаат или кои воопшто не ги интересира што се крие зад „Крајбрежје“. Ги разбираме и едните и другите, сосема е нормално да не се допаднеш некому, дури и на најстраствениот читач, и тоа не е лошо. Станува збор за различни вкусови, преференции, претпочитање на нешто и слично. Овде ги поздравуваме сите што се задржале повеќе од десет минути на блогот во еден ден, благодариме за заинтересираноста, и тука спаѓаат и сите оние што секојдневно си го отвораат како рутина или навика без која не може да помине денот. Најредовните од вас се токму тие, вие ни давате мотив да продолжиме да споделуваме со вас, да не се откажеме и да ви го понудиме она што најдобро го знаеме.

6. Нема ден кој е залудно поминат ако барем еднаш не си покажал благодарност

И нема ден кој е залудно поминат ако во него си прочитал нешто корисно, или ако си читал книга. Знајте дека и 10 страници па дури и 5 прочитани од некоја книга се бројат и важат! Битно е да не се прекинува рутината, и да се активираат мозочните клетки. Благодарност кон себе, благодарност за најблиските и пријателите, па познаниците, за сите што влегле и излегле од животот бидејќи биле убава лекција. Благодарност што со секое отворање на блогот имам можност и простор да ги запишам своите мисли и притоа истите да можат да бидат прочитани од други, благодарност што постоите вие читателите, за сите следбеници и поддржувачи, за сите мотивирачки луѓе што ги запознав во текот на изминатите години поминати во блогирање. Благодарност за секој ваш клик, и вие не сте бројка – сите ни значите многу повеќе од тоа, вие сте енергија, битија коишто зрачите со вашето онлајн присуство, вие сте цели светови кои одлучиле да дојдат на гости кај нашиот свет и заедно да се прошириме спојувајќи ги книжевните и секојдневните светови.  

7. Секој го добива тоа што го дава – убавото се враќа со убаво, лошото со лошо

Да, цврсто верувам во оваа мисла што е еден вид на лекција. Како е поврзана со блогирање? Еве вака едноставно: ние даваме парче од нашите души, несебично ги споделуваме мислите со вас, поминуваме некогаш и со часови за нешто кое може да се прочита во 3 минути, а за возврат добиваме поддршка, коментар, и ваши реакции. Значи дека постои размена на мисли, како и тоа дека меѓусебно си влијаеме едни на други. Убавото се враќа со убаво, а лошото со лошо. Нашите мисли се чисти, искрени, па дури и благородни колку и да имаат негативен или лош набој секогаш се кажани со најдобра намера. И за општо добро, и за ширење на позитива, негување на убавиот збор, препораки, споделувања, меѓусебно мотивирање и инспирација.

Се надевам дека некоја од овие лекции ќе можете да ги примените и во секојдневното живеење на друг начин. Бидејќи тие се универзални и не важат само за блогирањето . Јас ги научив на мој, некој друг на свој начин. Да не постоеше оваа приказна сигурно ќе ги научев на поинаков начин. И за крај, во ниту еден момент не се покајав што во изминативе седум години несебично одвојувам време за ова што го правиме со многу љубов.
Среќна 7-ка! И љубов до сите. 🙂

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.