7 години постоење и благодарност за секоја научена лекција

Денес блогот полни точно 7 години, чинам прва објава беше некој расказ што го напишав непосредно пред да се роди идејата за создавање на едно поинакво „катче“. Во 2013-та блогерството не беше толку „популарно“ кај нас како денес, книжевните блогови речиси и можеа да се избројат на две до три раце (поправете ме ако грешам), а јас со никакво предзнаење за она во коешто решив да се впуштам решив да го креирам моето „експериментално“ катче.  Првично создадено без никакви очекувања ниту цел, го замислив само како онлајн дневник до кој ќе имам пристап само јас, но потоа стана јавно место каде што ќе имаат пристап сите читатели  што ќе дојдат во допир со него.
Замислата ја нареков експериментална бидејќи како што кажав и погоре, не знаев во што се впуштам, како што не знаев ништо за платформата во која почнав да создавам и се „нурнав“ сосема сама и на своја иницијатива и не знаев каде ќе ме насочува целиот процес, немав апсолутно никакви планови. Мојот начин на изразување преку блогот стана моето хоби покрај факултетските обврски, и стана онлајн простор во кој јас имав дозвола да творам и да создавам објави по моја мера. Никогаш не го сфатив пресериозно, блогерството никогаш не сум го гледала како професија или како можност за заработка. Досега во сите овие години постоење сум немала ниту еден надворешно спонзориран пост (баш поради мојот став дека не го гледав како „извор за приход“ туку како начин на пополнување на сопственото време), ниту пак ми била испратена некоја книга од страна на нашите издавачи за да ја рецензирам или да ја рекламирам. Сè штом сум го напишала, препорачала, споделила, било направено со толку љубов за чијшто труд не ми биле потребни надворешни поткрепи ниту дополнителен „ветар во грб“. Не сакам никој да ме сфати погрешно со оваа изјава. Го споделувам ова со една цел: да бидам искрена со сите вас што редовно ме читате од самиот почеток, како и намерата да останам таква, и со искреност и да ја продолжиме (сега веќе заеднички ние петмина) нашата мисија. Кога спомнав околу спонзорирани објави и издавачки куќи, не е можно ниту еден вработен во некоја издавачка куќа кај нас да не дошол во допир барем еднаш со блогот и со тоа што ние го презентираме и правиме, но никогаш не сум добила понуда за соработка од никого. Потенцирам: од ниту еден издавач. Кај нас важи она – тропни за да ти отворат, па најверојатно тие чекаат да им се обратиш за да преземат нешто. Мојот личен став е дека никогаш нема да се наметнуваме со ова што го правиме, затоа што квалитетот и вредноста на нештото еднаш ќе биде препознато од вистинските луѓе.
Што мислам под ова? Вистинските луѓе се кријат таму помеѓу вас, сите вие што без умор го читате и ова сега во моментов, и конечно да ја завршам мислата: мислев дека без сите нас, обични луѓе пред сè, па потоа читатели и потоа сè друго, ништо немаше да биде возможно, ниту ќе опстоеше или постоеше. Ниту книжарниците, ниту библиотеките, па ниту издавачките куќи ќе можеа да постојат без нас – луѓето, па потоа сè останато. Дали сфаќате колку сме поврзани сите, секој со секого? Дали знаете дека сите сме дел од еден голем Универзум и дека секој го добива за возврат она што го дава? Јас се извинувам однапред на предолгиот текст, но ме преплавија емоциите, морав да се искажам, сметам дека сум должна да се изразам пошироко за да ме разберете и да ја сфатите поентата. Секој човек сака да биде разбран, тоа е во нашата природа. Мојата природа сега вели дека сакам да покажам и изразам јавна благодарност, пред сè до човекот (или луѓето) што го измислил/е компјутерот, потоа до човекот што го измислил интернетот, па човекот што го измислил програмирањето и сите останати што овозможиле јас ова да го напишам во документ, а потоа да го средам и да го прикачам во „таблата за објави“ за вие да имате можност да го прочитате во било кое време и истото да го споделите, да ви се допадне, да пишете коментар и да дојде до процес на размена на мисли – виртуелно.
Списокот на благодарности е многу долг, некои луѓе што ни ја овозможиле оваа технолошка предност не се ниту помеѓу живите, како на пример од неодамна го напушти овој свет човекот што ја смислил опцијата „копи-пејст“, и сите останати што придонеле и придонесуваат во компјутерската и мрежната технологија, како и во сите останати сфери, како на пример Томас Едисон и Никола Тесла без кои сè од ова денес што го имаме на дланка би паднало во вода. Ја сфаќате нашата мрежна и историска поврзаност? Едноставно е, не можеме едни без други. Сите ние не можеме без интернет – сакале да си признаеме или не. „Интернет“ е широк поим и мене ми е сосема јасно дека сите не читаат или не сакаат да читаат книжевни блогови, и тоа е во ред како што сите не читаат блогови за автомобили или за храна. Но сосема е јасно дека читателот си го наоѓа она што го интересира, истото го следи и си наоѓа начин да се инспирира во тоа што секојдневно го посетува. Постојат многу опции – широки хоризонти и навистина безброј извори на информации, сајтови, и останати платформи што нудат доста „забава“, „едукација“, „мотивација“, „инспирација“ итн., и за сите нив верувале или не – си има одбрана група на посетители. Не се разбирам многу во алгоритмите и останатите нешта што се одговорни за оваа „појава“, но одговорно тврдам дека нашиот блог во последните три години многу ја зголеми својата читателска публика токму благодарение на тоа што во нашиот начин на изразување вие нешто сте препознале. (Отворам список со благодарности), овде е редот да ви се заблагодарам на сите вас за секој клик, за секое несебично споделување, лајкување, коментирање, учествување во нашите наградни игри, и за поминатото време читајќи нè нас и нашите содржини! Сега и по ново и слушајќи нè благодарение на нашата емисија „Кулитерација“ која е најголемиот новитет и еден од најголемите заеднички чекори досега. Нема да ве оптоварувам со бројки, впрочем тие никогаш не играле никаква улога во ова што го правам/правиме. Тие само се „доволен“ показател дека нашиот пишан збор стигнува до доста луѓе и тоа низ цел свет, не само во нашата држава.

Кога ќе помислам само колку време сум вложила во оваа сега наша заедничка приказна наречена „Крајбрежје“ ми доаѓа само да си честитам сама на себе за упорноста и истрајноста. Не ми беше крајната опција откажување никогаш зошто не знаев до каде ќе ме одведе целата авантура, но после долго размислување сфатив која ѝ била целта. Авантурата нема крајна дестинација, таа тек почнува, а благодарение на неа јас заклучив дека кога се работи тимски е многу подобро, и сакам да изразам јавна благодарност до сите мои колеги или членови од малиот тим кои несебично одвојуваат дел од нивното време и овозможуваат оваа авантура да расте и да стигнува до многу од вас.
Каде ќе нè одведе еве и сега не знам и не можам да бидам сигурна, но ги знам моите чекори, цврсто верувам во својот труд и способност, а знам дека и нашите идеи и заеднички залагања, како и нивните способности, талент, иновативност, креативност, ведрина, трудољубивост, ќе продолжат да прават оваа наша „приказна“ да продолжи да живее.
Знам само дека „тимската работа“ ни донесе многу нови искуства, проширување на видици, чувство на уште поголема одговорност, но и доказ дека повеќе глави мислат подобро од една.

Пред самиот крај: не сакам да звучам како на сè ова да му придавам преголемо значење, да испадне дека го хиперболизирам или му давам некој грандиозен облик, нели за сите нас е само уште еден ден од низата други во календарот. Сепак, не можам да останам имуна на фактот дека овој ден мене ми го промени животот од корен, дека ме „одведе“ до многу луѓе што дел успеав да ги сретнам во живо, а дел допрва, дека ме направи поодговорна и поодлучна, дека успее да го извади и најлошото и најдоброто од мене, дека ме научи на многу нешта што веќе сум ги знаела, но требало да ги откријам, дека стана дел од моето секојдневие и дел од мојот начин на живеење, нешто без кое не може да помине ниту еден ден, а ни ноќ 😊. Можам да продолжам уште, но доста се набројувања.

Сега мислам дека е појасно што мене ми значи овој обичен ден бидејќи и овие зборови што ги пишувам се премалку во однос на она што го мислам и што можам да го напишам и искажам. Ние заеднички продолжуваме понатаму, знаеме дека очекувањата на сите не можат да бидат исполнети, но се надеваме дека барем малку сме успеале да воведеме зрнце надеж и некоја мала промена во вашите светови. Ова што го правиме со многу посветеност преку мотото „Блогот што ќе го промени вашиот свет“, сакаме да биде барем половина вистинито и за нас голем успех е кога ќе прочитаме дека барем кај еден од вас ова се случило! Се радуваме на фактот дека ни успеало повеќепати да добиеме „фидбек“ дека некому сме му го разубавиле денот или дека сме му подобриле расположение, па затоа ќе продолжиме да го правиме и тоа, покрај останатото.

Нека е честит 7-от роденден на блогот, желбите се замислени и истите ги испраќаме во надеж дека барем половина ќе се исполнат. Ќе си посакаме само многу здравје затоа што е најпотребно, љубов и многу успех за идните денови! Среќна 7-ка и среќно тргнување во школо!*

*Употреба на персонификација, блогот расте со бебешки чекори, а со него и ние.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.