Што значи да се биде жена?

Жена не е само именка од женски род, не е само родово обележје во социјална смисла или полова карактеристика која се базира врз биолошки особености. Жената е многу повеќе од сето ова. Таа е човек или човечко битие – суштество кое е способно за многу работи. Сите ја знаеме приказната за Адам и Ева, а постојат и оние спротивставени теории како настанале луѓето. Нив сега нема да ги земеме во предвид и нема да застапувам ниедно од тврдењата што се изложени во нив. Јас ќе зборувам од човечки аспект, настрана ќе го оставам фактот што сум дипломиран психолог бидејќи ова не се мисли и ставови изнесени директно од науката туку се мои лични ставови што не значи дека не се точни. Жената е божествена, таа е дарител на живот, поткровје, куќа, живеалиште, скривалиште, преноќиште, прибежиште, и сè она што мажот никогаш не може да биде. Иако е речено дека таа е понежниот пол, мислам дека онаа изрека „бори се машки или издржи машки“, треба да биде преименуваа во „издржи/бори се женски“! Знаете зошто? Бидејќи колку што една припадничка токму на тој „понежен пол“ издржува неверојатна болка во текот на целиот нејзин живот ниту еден маж не го прави и може. Не ѝ се за џабе припишани сите овие епитети погоре. И не се само тие, постојат уште многу такви што можат да се припишат на едно вакво суштество кое е носител на животи, од кое излегуваат следни генерации, кое дава и вдахнува ново постоење со сета нејзина насобрана сила, тело и душа. Отсекогаш сум им се восхитувала на мајките што имаат деца, а притоа изгледаат како никогаш да немале, што успеваат да се „организираат“ и секогаш имаат време и за децата, и за домот, постигнуваат да завршат и работни обврски, но и да си посветат време за себе. Звучи невозможно нели? Прашајте ги мајките со по три деца и полно работно време колку е ова напорно и исцрпувачко што за некого изгледа како „никому ништо“, а за некого „невозможна мисија“. Оти ни двете не се точни. Ниту е никому ништо, туку ова е сè, колку труд, жртвувања и непроспиени ноќи се вложени за да се постигне некаков баланс, а ниту е невозможна мисија бидејќи може да се постигне доколку се најдат начини, а супер-мајките секогаш наоѓаат начин. Знам дека овде следи она „нека се живи и здрави бабите што седат дома и чуваат деца“, и она „супер што постојат градинки“, и навистина е така кога ќе размислиш подобро. Ако жената мора да биде постојано дома и да одгледува деца и само со тоа да се занимава никогаш нема да постигне професионален успех и да гради кариера. А, тие што ги прават и двете, наизменично и со балансирање за мене се супер-жени! Ваквите супер-битија се борци, неуморни војници за подобро утре, оптимисти и реалисти што не мислат само за себе, оние што ја гледаат иднината и истата можат да си ја замислат, оние што знаат што сакаат и знаат кога треба да кажат „не“, оние што се гласни во своите барања, храбро ги бранат ставовите што ги застапуваат и кои не дозволуваат да бидат понижувани од никого. Тие бескомпромисно ги следат сопствените правила и не се плашат да „се изгорат“ или да „згрешат“, ниту пак да бидат повредени бидејќи знаат дека грешките се дел од животот и од патот што го зацртале што води кон успех. Знаат дека никој не е светец, а не се ни самите тие, но никому не мислат лошо бидејќи знаат дека „кармата“ ќе си го направи своето, едноставно немаат време да се грижат за туѓи животи и да размислуваат „што ќе кажат другите за мене“, имаат само една цел – да живеат најдобро што умеат. Не сакаат плитки разговори и се трудат да избегнат оговарања, ниту пак учествуваат во „правење сплетки“ оти знаат дека тоа нема да донесе ништо добро. Ја говорат само вистината – знаат дека таа ослободува, но исто така ја ценат искреноста, а многу лесно забележуваат туѓи лаги и кога се зборува невистината. Можеби ќе се направат дека поверувале, но всушност добро знаат дека ги лажете и веќе ја насетуваат измамата. Е ваквите жени се „трн во око“ на сите што го прават спротивното од ова, а исто така се и „мета на оговарање“ од споменатите што не си ја гледаат својата работа. Супер-жените се толку окупирани со својот живот што навистина немаат ниту енергија ниту време што би ги потрошиле на нешто што нема да им биде од значење и што нема никаква корист во нивниот личен развој и напредок. Знаете, тие се зафатени со работа на себе, можеби и на домот, со професионални ангажмани, па и со гледање и посветување време на сопствените деца. Нив нема да ги слушнеш како се жалат „дека свекрвата е крива поради х причина“ или дека истата „не ѝ се погодила“, ниту пак ќе обвинат некој друг поради она што им се случило/случува. Тие се свесни дека самите се одговорни за секоја нивна постапка, но исто така стојат зад секое нивно дело, кажан збор и постапка. Зборот има огромно значење и го исполнуваат секој нивни, постапките (делата) им се усогласени со нивното мислење како и со тоа што го зборуваат. Да, сè уште постојат вакви жени, но не можеш да ги препознаеш од прва во толпата. Некогаш не ни можат да дојдат до израз од тие останатите што мислат дека „го освоиле Монт Еверест“ ако добиле 1338 лајкови на нивната фотографија и тоа да им е најголемиот успех во денот. Не се плашете да ги побарате овие супер-жени во реалноста затоа што навистина постојат, но се поретки, за жал. Не можам да ви кажам како ќе ги познаете, но ако имате искрена и чиста душа мислам дека вашата со некоја друга таква лесно ќе се пронајде и препознае. И почитувајте ги сите жени подеднакво без оглед на нивната возраст, позиција, ориентација, професија, статус, изглед, потекло, образование и слично. Секоја една вреди – секоја заслужува почит и ги има истите права како и секое останато човечко битие што чекори на Земјава. Ако супер-жената е почитувана и правилно третирана, истото ќе го возврати, ако не е, ќе се спротивстави, но и молчејќи ќе замине. Таа е чудесна, дарителка на животи, креаторка на дом, одгледувач, хранителка, заштитничка, чуварка, помошничка, десна рака, ветар во грб, поддршка, рамо за плачење, советник, слушател, најдобар пријател, романтичен/брачен партнер, нечија мајка како и некому мајка, ќерка, сестра, баба, внука и останати фамилијарно поврзани релации. И таа е повеќе од сè наброено, но ова досега е сосема доволно за да се сфати нејзината големина. Моќна, силна, а истовремено и премногу нежна. Жената е градител – мост на кој се обединуваат различни светови.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.