Зошто не го славам 8 Март?

Најпрво нека им е честит меѓународниот ден на жената на сите жени и оние што се чувствуваат така и што го слават истиот. Во денешнава колумна сакам да кажам зошто никогаш не сум му придавала посебно значење на овој празник. Пред неколку години во колумнава сум пишувала на истава тема, но сега е време за „обновување“ на мислењето како и дополнување. Во последната епизода од „Кулитерација“ спомнавме дека емисијата е посветена на жените, начнавме тема за видовите табуа што постојат кај нас, и доколку сте заинтересирани што се зборуваше во последната епизода од нашата емисија пуштете ја снимката и ислушајте. Таму кажав дека никогаш не сум му придавала посебно значење на денешниот ден токму од причина што сите 365 дена се денови на жената, во секој ден од годината подеднакво треба да се присутни почитта, вниманието кон нејзе, како и љубовта. Не е премногу романтично ниту идеалистички настроено ова тврдење. Знаете зошто? Бидејќи за ова не е потребно многу. Не се потребни никакви материјални подароци за да се искаже вниманието и да се покаже почитта, не е потребно патување од една недела некаде во странство или уплата во СПА центар или викенд во Бањско! Не, ништо од ова не ѝ е потребно на жената која ја знае својата вредност, која верува во себе и во своите квалитети, а притоа е правилно сакана и почитувана од својот избраник. Ако тој знае како да направи таа покрај него да се чувствува најпочитувана и најсакана жена на целиот свет секој ден, и неуморно ја потсетува на тоа, на скромна и доблесна жена нема да ѝ биде потребно ништо од тоа што погоре го набројав за да се увери во љубовта на својот партнер. За некому да покажеш љубов и внимание потребни се НУЛА денари. Зарем е тешкотија да покажеш некому како се чувствуваш покрај него и да му кажеш со зборови колку ти значи? Не мора да се директни зборови на темата, некогаш и оние грижливи прашања навидум обични и секојдневни покажуваат колку некој ни значи. „Дали си гладен/гладна?“, „Дали спиеше убаво?“, „Дали ти е топло“?, „Дали си одморен/на?“, „Како се чувствуваш денес?“, „Што е тоа што денес те измачува, како можам да ти помогнам?“, се сосема доволни прашања упатени до партнерот со кој му ставаме до знаење дека навистина се грижиме за него. Не смееме да ја потцениме моќта на комуникацијата. Ако вие не можете и не знаете да разговарате со вашата партнерка, ако не ги знаете нејзините потреби и желби, тогаш со кого сте вие во врска или во брак? Ако таа не ги знае вашите исто така, значи дека недостига отворена и искрена комуникација која е една од клучните елементи за успешност во врските и подоцна во брачното живеење.

Уште како дете во основно школо кое појма немаше што се случува на денешниот датум, што се крева толкава фама околу купување каранфили и ружи, како се растрчани родителите и децата со кеси полни подароци, се чудев што е тоа толку важно што се случува и што се прославува. Подоцна во погорните одделенија нешто накратко се спомна околу меѓународниот ден на жената и да бидам искрена ништо не ми оставило толкав впечаток на тогашното предавање на лекцијата што не можам ниту да се сетам како ни било претставено значењето на овој ден. Кога веќе бев на возраст каде што работите полека почнуваат да добиваат смисла и кога ги барав одговорите на прашањата што ме интересираат, дознав дека се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Во ред е, секако дека ова има своја историска, политичка и општествена позадина, но кога ќе се вратиме наназад и ќе согледаме колкави биле правата на жената во минатото, каков бил третманот кон неа, како било забранувано нејзиното учество во образовниот систем и во професионалното дејствување и да не набројувам понатака, овој ден навистина има симболично значење. Не велам дека не треба да се спомнува, но зошто да се одбележи со собирање на дотерано женско друштво каде сите се весели, се смеат, јадат и пијат? Нели па за да се собереме така не треба да ни треба посебен повод. Немам ништо против таквите прослави, да бидеме на чисто, но јас така нема да славам. Ниту па ми значи нешто некое цвеќе дадено „ради-реда“ од помодарство кое после една недела ќе овене. И да се навратам сега на школските денови кога во основно школо се случуваше „спектакл“ на денешен ден. Зошто спектакл? Бидејќи родителите беа повеќе потресени од нас децата сами, каков подарок треба да им се поклони на учителките, класните раководителки и наставничките. Дали вие сте биле сериозни? И не, не зборувам за моите родители туку општо за сите родители тогаш, а гледам и сега има такви. Со закон треба да се забрани подарувањето подароци на просветните работници во образовните установи! Знаете зошто? Бидејќи некои не се задоволни од едно цвеќе во саксија или од 30 каранфили (од секој ученик посебно). Имаше примери во мојот град само во друго училиште, каде што се збираа пари за на наставничката да ѝ се купел телевизор! Ако тоа не е злоупотреба на работна положба и на некој начин „уценување“ на учениците, што е тогаш? Не знам за која наставничка ова се однесуваше ниту па ме интересира, но ќе речам дека ова страшно го критикувам и нема никогаш да го одобрам. Вашата единствена и главна задача е да ги учите децата, да им пренесете знаење и да ги научите на работите што можат да се научат само во школо во тие неколку часа дневно што ги имате на располагање! Сè останато не е во ред и не е за никакво оправдување! Лечење комплекси врз мали и малку поголеми деца не е на место и никогаш не смее да биде злоупотребена или искористена детската добрина, искреност и наивност! Па, тогаш поскромните учителки со учтива насмевка ги прифаќаа подароците и ни велеа дека не смееме за нив да се трошиме, додека други со великодушна и горда насмевка „ликуваа“ што учениците „толку ги сакаат“ и од нив не може да се слушне ниту збор изговорен со скромност, како тоа да е сосема нормално да се трошат пари на бирање на подарок за нејзиното височество „наставничка“. Тие истите нескромно што прифаќаат подароци се оние кои во заедничката просторија ќе се фалат со тоа што го добиле помеѓу колешките како да освоиле некојси орден од највисок степен. Сепак мене ќе ми биде подраго доколку истите тие наставнички еден ден нема да можат да престигнат од гордеење и „фалење“ како нивните ученици постигнуваат успеси и се гордеат со истите како за нивни деца, искрено се радуваат за успесите на секое дете што им поминало во клупите и го зборуваат тоа отворено, јасно и гласно. Да знаете дека учениците можеби нема да се сетат што ви подариле 8 години по ред на некојси празник, но никогаш нема да заборават како сте направиле да се чувствуваат, и како сте ги пофалиле или критикувале. За да не замине темава во сосема друга насока, ќе завршам со мојот аргумент или аргументи зошто нема да го славам овој празник. Прво, не се чувствувам како жена туку како девојка припадник на женски пол, а и кога би се чувствувала како жена мојот став би бил ист. Никогаш не смееме да ги заборавиме жените борци во минатото што направиле многу поважни работи за човештвото, а се премалку спомнувани. Не смееме да ја заборавиме ниту важноста на жената која стои како капија на влезот и излезот на овој свет со зборовите на Иво Андриќ. Знам дека заслужувам да бидам почитувана и сакана секој ден, а не само денес. Знам дека не ми се потребни цвеќиња и подароци за да проценам кога сум почитувана и ми се покажува внимание. Кој ги поистоветува поклоните со израз на љубов и знак на внимание тој не сфатил ништо. Затоа нема да славам 8 Март, бидејќи ниту на сопствениот роден ден не му придавам преголемо значење, ако не за целото човештво мене барем треба да ми е посебен ден во годината. Но, не ми е, туку ми е само обичен ден со едно поинакво значење. Поради тоа одбирам да бидам девојката која секој ден си го слави поради тоа што е жива, која се радува на ситници и во секој ден наоѓа за прославување барем по една малечка „победа“. Да живеат жените, а со тоа и мажите, да живее љубовта, да царуваат мирот, хармонијата и среќата насекаде, оти се премногу скапоцени, а некогаш премалку вреднувани па дури и потценувани. Жени, девојки, мајки, сестри, баби, тетки, стрини, вујни, колешки, пријателки, братучеди, работнички, девојчиња, почитувајте се и држете се заедно! Во светот каде веќе доста се постигнало од страна на женскиот пол да не заборавиме дека треба да бидеме храбри, доследни и смели ако сакаме промени. Во машко-женски свет, жената секогаш ќе има предност, не дека сум женско туку поради фактите што од биолошка, што од социјална природа. Почитувајте ги жените и сакајте ги секој ден – повторувам, а не само денес.
А, вие жени – не си ги заборавајте вашите права никогаш!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.