Зошто не сакам да станам славна?

Една од дефинициите за значењето на зборот „слава“ е: „Широка популарност и сеопшто признание на нечии заслуги, квалитети и сл“. Друга дефиниција е оваа: „ Тоа со кое некој се гордее, гордост“. И третата дефиниција е оваа: „Восклик на признание, пофалба, почесто на умрени“. Според втората дефиниции единствено сакам да сум славна кај своите родителите, и тоа во контекст кога би рекле за мене: „Таа е нашата слава“ (со значење гордост) бидејќи нема подобро чувство од тоа кога ќе ги направиш горди своите родители без оглед за каков успех да се работи. Само таква слава признавам, и токму „славна“ за некои работи кои не мора ни да се видливи со голо око, за нешта што не можат да се допрат, но кога во очите на оние што те израснале гледаш задоволство дека те создале и си прераснал во човек достоен за почит – нема поголемо чувство на сопствена радост и благодарност. Во сите други случаи не сакам да сум славна. Што подразбирам под тој термин? Ако се водиме по првата дефиниција тогаш би рекла дека нема човек кој е свесен за своите квалитети и кој не би сакал да добие признание за истите, но мене тоа не ми е нужно за да знам дека поседувам своевиден квалитет. Едноставно не сакам да го мерам него со бројот на признанија и награди, иако ќе речам дека се драги и добредојдени кај сите што нешто создаваат и творат (во било која уметност, индустрија и секаде каде што се добиваат признанија, а тоа е речиси во секоја гранка од професиите). Никогаш главна цел не ми била некаква си награда или освојување на прво место на било кој натпревар во животот, а најмалку тоа го „целам“ кога испраќам свои дела на конкурси и литературни натпревари. Во полето на литературата досега имам освоено две награди што ми се исклучително драги, и тие само придонеле јас посериозно да гледам на она што го правам и ми биле поттик да продолжам понатаму и да бидам подобра од претходно. Да не се лажеме, секогаш може подобро, секое едно дело може да се пресоздава, да се модификува, да се надополнува, да се „креира“ според замислата. Најважно ми е учеството, мислата дека ете можеби некој што ќе дојде „во допир“ со она што го правам ќе го препознае и ако ништо друго, ќе му остане во сеќавање како „делото на таа и таа што ми остави силен впечаток“. Нема подобро чувство од искрен коментар на луѓе што не ги познавам лично, а биле емоционално допрени од „нешто мое“. Во тој момент кога читам ми се јавува толкава благодарност што не знам да ја опишам со зборови, и си помислувам во себе: „е ова премногу значи, ова е вистинско признание“. Ваквиот искрен коментар од рандом читател/ка ми вреди колку пет признанија. Е сега, доаѓам до моментот што е неизбежен, односно, секој читател сака да знае чие е делото што го чита. На почетокот кога го почнав блогот малкумина знаеја кој стои зад објавите, потоа дојде на ред „Поетски звуци и љубовни шепотења“ што беше нормално со мој потпис. После неа следеа неколку е-изданија и моето име стоеше на нив. Што се случи? Секако дека тоа не ме прави славна ниту во кој било момент сум се почувствувала така, но со самото тоа што некаде стојам потпишана не сум тотален анонимус, што не е ниту добро, ниту лошо. Патем, денеска со социјалните мрежи веќе ретко кој е анонимус и секој што има профил има пристап до сите други профили така што многу е лесно „да се биде забележан по нешто“ (може да биде позитивен или негативен пример). Бројот на следбеници и лајкови по истите мрежи не го прави некого „популарен“ или „попопуларен“ од останатите „обични смртници“ што не вклучиле опција „следење“. Всушност, во виртуелниот свет кој некогаш беше бегство од реалниот свет, а денес реалниот свет е бегство од виртуелниот, секој има право да се претстави како сака и секој од нас избира што ќе прикаже, сподели, напише, и слично. Моќта, но и влијанието на истите мрежи стана огромно во последнава декада, според многу докази, факти и статистики. Колку се тие позитивни или негативни зависи токму од оној што ги употребува. За нивното значење во друга прилика. Сега се враќам на „главната тема“ – „станување славен“. Ако се водам според третата дефиниција – оддавање признание, пофалба на веќе починати луѓе, тогаш најверојатно ова не е нешто што го посакува секој, но тоа често им се случувало на писателите и уметниците во минатото низ историјата. Секој сака да биде препознаен и признат, но дали тоа е на сметка на излегување од приватноста и од „удобната зона на непознатото?“ Големите успеси, достигнувања кои се од голема важност за културата, заедницата и поширокото општество одат рака под рака со излегување од анонимност и колку повеќе за нив се слуша толку повеќе успешниот не е веќе само познат по неговото име и презиме туку и според она што го постигнал. Како и да е, не секој исто гледа на поимот „слава“ (досега многупати спомнат во текстов), но сите го разбираат неговото значење. Според мене таа не се постигнува само кога ќе те препознаваат секаде каде што ќе појдеш, ниту пак кога твоето име и фотографија ќе стои по билборди или реклами. Ниту пак кога ќе се појавиш на ТВ во некоја емисија или ќе прифатиш интервју во некое радио или весник (може и нет портал). Потенцирам: мојот став е  дека е сосема во ред појавување и гостување, тоа значи дека некој те препознал и дека имаш што да кажеш штом те поканиле, но од друга страна поентата ми е дека со достапноста на социјалните мрежи и опциите што ги нудат – многу поверојатно е дека таму ќе бидеш попрво „забележан/а“ отколку на друго место. Дали е тоа во ред или не, оставам на читателот да заклучи. „Сакам да сум славен и кај Бети да сум главен“ ми текна во моментов на овој стих од „Неправда“ од Лева патика. Сметам дека секогаш ќе биде подобро да си „главен“ во животот на тие што навистина те почитуваат, те разбираат и поддржуваат, отколку „славен“ според број на следбеници на Инстаграм или Фејсбук. Иако зборот не го поистоветувам само со популарност на мрежите, тој секако дека има поголемо значење. Но, според мене вистинското е она – кога некој ќе го изговори името и презимето – секој што ќе го слушне да го асоцира на она најдоброто што произлегло или го направил споменатиот чиешто име е изговорено. Тоа може да биде и некој јунак од маалото што сите го знаат на прекар, никој по вистинското име, тој е славен само кај оние со кои бил во блиска средба и присуствувале на настанот, но неговото дело било толку добро што неговото име ќе се врзува за прекарот што го добил токму поврзан со случката која ќе се прераскажува. Можеби не било направено нешто толку големо и општествено прифатено дело, но во очите на оној кој ја примил добрината тој јунак ќе биде засекогаш запомнат. Така што, славата носи и предности и недостатоци, а вистински славните добро го почувствувале тоа на своја кожа. За почит се оние што знаат „да се носат“ со неа и „не ги удира по глава“ бидејќи знаат дека по ништо не се разликуваат од останатите освен по нивните достигнувања. На крајот од денот сите сме под исто небо и сите дома сме обичните луѓе со свои проблеми, слабости, несигурности, маани, недостатоци и доблести, без оглед на професија, вера, достигнувања и престиж. Бидејќи престижот не смее да биде главна цел на ниеден човек, затоа не сакам да сум славна. Без оглед каде ќе ме одведе животот понатаму, јас ќе бидам истата онаа што сум и сега. Никогаш нема да форсирам ништо ниту пак да се изразувам експресивно насила или да се преценувам со грандиозни мисли за себеси. Ми се чини дури и дека несигурноста што сум ја чувствувала знаела да „ме закочи“ во некои работи кога не сум сакала да бидам експонирана (пример кога за моето прво „книжевно бебе“ немаше никаква промоција ниту пак медиумска „бука“) бидејќи тоа не сум го правела за да постигнам друга цел освен онаа за која сум била одлучна – ставање на хартија она што излегло од мене. Во денешно време секој може да стане „славен“, но во вистинска смисла на зборот според првата дефиниција сепак е реткост. Не сакам да бидам сметана за „славна“ според бројот на следбеници што ги имам или според бројот на лајкови или коментари на некоја фотографија, бидејќи сум далеку од тој епитет. И подраго би ми било кога би останало вака, не сакам да сум славна, но сакам да правам општествено добро, нешто по кое ќе бидам запаметена макар и кај стотици луѓе од вистински причини отколку кај сто илјади од лажни и нереални. Може уште многу да се зборува на темава, ова се некои мои ставови и видувања, со кои не очекувам сите да се согласат. Најмалку ќе се согласат оние чиешто најголемо достигнување е прикачување на фотографија на која добиле 1298 лајкови, реакции и 43 коментари. Не живееме за лајкови, коментари и популарност или станување „славен“, животот има многу поголема смисла и цел од тоа да се биде активен во виртуелен, а исклучен од реален свет. На здравје паузирање! До следно!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.