Куфер

Авионските компании и аеродромите, автобуските, метро и железничките станици беа најпосетени во тој период од годината. Испраќања, дочекувања, насмевки, солзи, изненадувања, мавтање со раце додека не исчезне од видикот оној што го испраќаме. Нема што не посведочиле овие места кои патем во тој период од годината имаа најмногу посетители. Најголемиот профит на овие компании им се случуваше токму тогаш.
Тие луѓето ги гледаа како бројки, не како живи суштества.
Пасошки контроли се случуваа постојано, а билетите во еден или повратен правец се делеа како локум. Забрзани чекори, расплачени деца и родители што (не) ги смируваат, групи од гужви како на фудбалски натпревар чиниш доаѓа крајот на светот па сите се собрале на едно место чиниш тоа е спасот за преживување на колапсот на Земјата. Не се памети колку вкупно земјотреси, потреси, цунами, торнада, пожари и дехидрирање преживеала. За ова се молчи оти се убедени дека така ќе го избегнат крајот. На еден џиновски простран аеродром во кој имаше купишта патници кои со нетрпеливост чекаа да куцне часот на нивниот лет, одеднаш се слушна гласна сирена. Громогласниот и силен звук ги збуни и преплаши сите подеднакво, и вработените и останатите присутни.
Тогаш настана хаварија од луѓето. Некој трчаше избезумено оставајќи ги личните предмети каде ќе стигне, децата се обидуваа да го надвикаат неподносливиот и бучен звук кои беа силно грабнати во рацете на нивните родители, гужвите почнаа да се растураат и повторно да се собираат, а набљудувано од страна тоа само навидум наликуваше на најжестока рагби борба, но со пет пати повеќе рагбисти на терен. Звукот не престануваше и стануваше сè посилен.
Паника од невидени размери ги фати патниците и оние што очекуваа некого. Вработените избезумени се обидуваа да смират секого што ќе го сретнеа, но безуспешно. Во очите им се читаа стравот и изненаденоста.
Патните куфери беа распрскани насекаде, стотици од нив беа изгазени и не се знаеше кој кому припаѓа. Впрочем никого не го интересираше да го земе со себе својот товар сè додека можеше да си спаси жива глава. Никој не знаеше ниту од што бега, ниту што се случува, а сепак речиси подеднакво реагираа.
Бегаа од невидлив непријател, а не знаеја каде тргнале. Набрзо од аеродромот беа затворени сите влезни врати и никој не смееше да го напушти местото.
Рагбистите во обид да избегаат беа спречени во намерата.
Со појавување на тој звук сите заборавија каде беа тргнале и за миг заборавија на нивните закажани летови. Реакцијата на страв „бори се или бегај“ беше презентирана на тоа џиновско пространство. Како да беше приреден групен експеримент во кој учествуваа оние што ќе се најдеа таму на лице место. Многумина помислија дека несреќно се нашле на погрешно место во погрешно време и за нив ова беше крајот на светот. Погледите од висина, фотографијата со крилото од авионот сликано преку прозорот, мачнината, турбуленциите, инструкциите на стјуардесата, аплаузите на слетување и сè она што ги очекуваше беше заборавено и им се чинеше толку далечно и никогаш остварливо.
Масовна паника и желба за спасување преовладуваше на местото.
Во брканицата каде имаше многу туркање, паѓања и безумие никој не размислуваше рационално. За време на безредието што настана како последица на пет минутен свиреж на сирена за која никој не знаеше што предупредува, куферите се распрскаа на сите страни уште повеќе. Некои толку беа изгазени што дури ни со хемиско чистење не можеа лесно да се исчистат. После петминутното доживување на огромно количество стрес сирената го означи крајот и местото одеднаш стана тивко. Со неа завршија сите можни звуци што ги предизвикуваше толпата.
Настана гробна тишина. Со тоа стишување сите автоматски застанаа и прекинаа со трчањето. Рагбистите изгледаа како публика на фудбалски натпревар што молчи додека се пее химната на нивната земја. Немаше храбар да го прекине тој посакуван звук – на тишината. Толку потребна како никогаш дотогаш сите ја посакуваа во тие најдолги пет минути од нивните животи.
Конечно ја добија и беа збунети. Откако се убедија дека не постои повеќе опасност им текна на багажот што небрежно го оставија зад себе. Секој почна да си го бара својот товар несвесни дека покрај тој физичкиот со себе носат и уште по минимум два куфери. Во едниот куфер се собрани сите емоции, чувства, спомени, победи, порази, откажувања, губења, добивање, каења… А, во другиот се собрани сите идни желби, надежи и соништа што се натрупале во него со текот на времето уште откако сме се родиле. Двата се поврзани со најважните работи и личности во нашите животи.  Потрагата по сопствениот куфер ми го наметна прашањето: „Кој куфер е потежок, оној во кој се собрани личните работи или оние два куфери што секој ги носи со себе до крајот на животот?“

One comment

  1. […] На следниов линк можете да пристапите до објавата, а меѓу наградените се и Викторија Саздовска со втора награда во категорија „куси прозни дела за возрасни“ за делото со наслов „Сирената на бегството“, и Наталја Наумовска со прва награда во истата категорија „куси прозни дела за возрасни“ за расказот насловен „Куфер“. […]

    Ми се допаѓа

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.