Ќе те чекам на зајдисонце

 Сега кога завршува и оваа година во која те запознав тебе, сега кога на кантар се ставаат сите работи што сме ги направиле, сега кога за кратко заминуваш од животов, сега кога стрелките ќе се бакнат, кога ќе има одбројувања, сите ќе се надеваат на една поубава година со повеќе љубов и помалку омраза.

И во новата година зајдисонцата ќе чекаат на мојата љубов. Кога сите снегови ќе престанат и кога ветровите ќе се стишат, кога зимата ќе се измори и нема веќе да го поседува градот, ти ќе дојдеш. Кога планините и морињата ќе се бакнат, кога месечината и сонцето ќе се сретнат, ти ќе дојдеш, а јас ќе бидам на истото место чекајќи те на зајдисонцето.

И сега кога оваа срча на недостасувањето ме боде во срцето, верувам дека брзо ќе помине. Знам, ќе чекам да дојде утрото, ќе го поздравам тоа изгрејсонце, но никогаш нема да го сакам толку многу како зајдисонцата. Бидејќи ти на зајдисонца доаѓаш. Тоа означува крај, а сепак почеток на сепак нешто ново, нешто темно, но прекрасно и исполнето со ѕвезди. Кога балерините на темнината од месечината ќе се појават од едната страна, од другата страна, со последните сили ќе бидат зраците на сонцето. Едните ќе го земат сјајот на другите и небото ќе добие прекрасна портокалово-жолта боја. Ќе се засрами од тој танц на љубовта, но ќе се гордее што е сведок на таква љубов. Тогаш дури и во морињата ќе се појави тоа руменило, дури и тоа ќе се разбранува, ќе испрати магија во воздухот во тие неколку секунди, пред целосно ноќта да го заземе пиедесталот.

Види колку магично, и ти сè уште не веруваш во чуда? Кога има недостаток од храброст, зарем може љубовта да вирее без божја помош?

 Се плашам, ох се плашам. Се плашам дека кога ќе дојде тоа зајдисонце, ти нема да дојдеш. Навистина, а што ако не дојдеш? Што ако ти припаѓаш само на зимата, на снеговите, на оваа година што е на прагот на заминувањето? Што ако во еден миг часовникот нема повеќе да ,,чука” и што ако јас почнам повторно да живеам во минатото? Ох, немој. Не ме оставај на тој страшен ѕвер. Само појави се од тој агол од зад кој чекам да се појавиш. Дојди на тоа зајдисонце, дојди со топлите ветрови, дојди со летните денови, да ги оставиме овие мразулци позади нас. Дојди кога пролетта ќе расцути, кога градот повторно ќе добие шарена боја.

Бидејќи јас ќе бидам таму. Ќе те чекам кога ќе биде зајдисонце, рамо до рамо со ангелите на едно засекогаш.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.