Чекор

Стојам пред огромно огледало насред соба која не ми е позната, ѕидовите се испишани со некои букви чиешто значење не можам да го разберам. Во огледалото не се гледам себе, не можам да го видам ликот ниту сопственото тело – има огромна црнина. Се плашам да гледам во тоа црнило подолго од три секунди. Треперам од страв и почнувам да го допирам сопственото тело, ги штипнувам рацете за да се убедам дека сум уште тука. Да, тука сум и постојам некаде во просторот во некоја имагинарна реалност, или во бескрајниот универзум, но дефинитивно не сум на место каде што треба да бидам. Што се случува? Како се најдов овде? Се обидувам да најдам излез втурнувајќи го погледот на сите страни околу собата. Зарем е можно оваа соба да нема врати? Од каде сум влегла? Зошто не можам да излезам? Небаре се наоѓам во видео игра и треба да најдам начин да излезам од собата каде што сум заробена. Не е ова игра, ова е некоја гадна замка што ми ја приредува некој за која сум убедена дека за брзо ќе ѝ дојде крајот или сепак е игра? Се обидувам да најдам излез само со поглед, нозете не можам да ги движам затоа што сум како парализирана. Не можам да пуштам чекор чиниш некој ми ги залепил стапалата за студениот под кој беше чист како стакло. Како е можно собава да е толку светла, подот така беспрекорно светнат, а огледалото и ѕидовите вакви? Чекај, што пишува тука? Зошто воопшто ги шарале белите ѕидови со вакви неразбирливи реченици и букви? Како да зборовите требаше да ми помогнат, да ми дадат насока за спасување. Се убедив дека мора да најдам начин да се помрднам, но чекорите ме издаваа, нозете не соработуваа со мене, не ме слушаа. Само еден чекор е потребен, ајде, ти можеш, се охрабрував себеси. Моето убедување и молење звучеше идентично на она кога некоја мајка го учи своето дете да прооди и го бодри да ги пушта чекорите напред, без страв одржувајќи рамнотежа. Само што јас не бев ниту дете ниту требаше допрва да научам да одам, а се чувствував беспомошно баш како бебе. Се прашувам кој ли ја смисли оваа игра затоа што почнува да не ми се допаѓа! Ми доаѓаат секакви мисли во глава, не можев да се сетам што се случувало пред два часа, дали ме киднапирале? Знаци на насилство нема, не ме боли ништо, а сепак сум премногу исплашена бидејќи не знам што се случува. Стравот не ме напушта долго време, уште сум како парализирана, но рацете и главата можам да ги движам. Повторно го погледнувам огледалото откако собрав храброст, и повторно не можам да се видам, освен темнината. Испуштив крик налик на рането животно затоа што бев избезумена, беспомошна, исплашена и во тотална неизвесност. Во главата ми беше речиси уште потемно, како од скоро да сум добила амнезија, речиси и сопственото име си го заборавив. „Не е фер! Ааааа! Ова не е воопшто фер! Нека прекине оваа игра одма!“, викав на целиот глас. Немаше никаков одговор. „Ме слуша ли некој?“ – се дерев со сета сила што беше останала во мене. Повторно мртва тишина. Откако гласот ми пресуши почнав силно да плачам во себе, обидувајќи се да се сетам на претходните настани. Потонав во сопствената самотија, болка, страв и ужас. И солзите пресушија и сега на ред беше повторно да се вклучи разумот. Се обидов да најдам светла точка во сиот тој океан од темнина мислејќи дека најважното нешто е тоа што сум жива и дека што и да ми се случува еднаш ќе мора да престане. „Сигурно нема да умрам овде гладна и жедна, нема да биде ова начинот на кој ќе го завршам моето постоење. Убедена сум дека ќе дојде светлина (иако и прозорите не можев да ги видам). Смири се и диши длабоко“, се тешев себеси. „Ќе се најде начин да излезеш од овој пекол, ова сигурно не е ни налик на пеколот што постои таму некаде, ниту пак е слично со Пеколот од Данте“. Кога конечно ми се израмни дишењето, се смирив и решив пак да се обидам да погледнам во огледалото оти во него мора да се крие вистината, нема веќе тргање на погледот и гледање во чисто светнатиот под што блескаше од чистота. Накрај, не ми преостануваше ништо друго освен да чекам да се случи чудо, мора да погледнам уште еднаш и после тоа да се помирам дека вечно ќе останам заглавена тука во собава со ишарани ѕидови. И никој нема да знае што се случило со мене зошто никој нема да може да влезе за да ме побара. Ќе си умрам како куче скитник изгладнето и уморно што пред крајот на зимата ги пуштило конците. Ќе си умрам и никој нема да се сети на мене, ниту ќе ме бара. Ќе си умрам во тишина, тотално спротивно на тоа како сум дошла на свет. Ваквите црни мисли ме убедија за последен пат да си го побарам ликот во огледалото. Само што го насочив погледот кон него, тоа пукна, почна да се крши на ситни парчиња, како одеднаш да експлодира, а јас почнав силно да викам без глас. И тогаш се разбудив од кошмарот.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.