Повик

Еве, види. Види и ливчињата од дрвата паднаа. Соголени ги оставија, а ти не дојде. Види, и првите дождови ги измија солзите од лицата на луѓето, а ти повторно не дојде.

Види, зимата дојде, а ти никако да се појавиш. Види дури и декември пристигна и го покри градот со студенило, а ти сè уште не доаѓаш. Те преколнувам погледни од таму каде што си. Тргни ги завесите, засукај ги ролетните и види колку е прекрасно тука, во оваа празнична магија. Во ова живо студенило. Види во еден ден колку љубов има. Види какви погледи се разменуваат меѓу странци, види какви празни страни за испишување на спомени остави. Види какви реки изникнаа од моите солзи од денот кога си замина засекогаш. Види ги овие насмеани лица, види ги разбрануваните мориња. Погледни во моето срце и види ја таа грутка исполнета со болка. Види колку ми недостасуваш.  

Ох, види. И првите снегови пристигнаа. Првите пластови под нашите кондури закрцкаа. Снегулките се вдомија во градот. Види насекаде ги има. Погледни ги овие деца како се радуваат на зимата. Дојди ајде. Зошто не доаѓаш? Зарем се плашиш од студенилото?  Зарем се плашиш дека нема да најдеш никој свој после толку време? Се плашиш дека ќе те одведе овој декемвриски виор? Се плашиш од тоа дека нема да можеш да се одделиш од нас ако се вратиш? Немој, немој. Па ти беше толку храбар човек. Ајде, дојди барем за миг. Дојди да газиш по снегот, да се насмевнеме на зимата. Заедно да навиваме за еден нов почеток. Дојди и нека пресушат овие солзи веќе еднаш. Нека згасне оваа болка, нека здивне оваа изморена душа.

Толку неискажани зборови и грст од непреболена болка.

И кога на прозорецот, во тоа утро некој тропна, јас помислив дека си ти. Но, тоа беше само гулаб, со писмо во клунот. И тоа писмо беше од тебе. Но, ти повторно не дојде.

И овој декември ќе замине. И ливчињата ќе се вратат, луѓето ќе бидат насмеани, и небото повторно ќе биде тажно и морињата разбранувани, но ти нема да дојдеш, нели?

Сепак се надевам. Можеби, наредниот пат кога нешто ќе тропне на прозорецот, тоа ќе бидеш ти. Можеби ти сепак еден ден ќе дојдеш. Можеби.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.