Писмо до мојата помлада ЈАС

Здраво девојче,
Најпрво сакам да ти кажам дека e точно дека ти си храбра, иако не мислиш така секогаш, а ќе бидеш уште повеќе како што ќе доаѓаат годините. Немој никогаш да се сомневаш во твојата вредност, ниту да се потценуваш себеси! Никогаш немој да се разочаруваш за работи коишто не се важни и кои нема да бидат важни после 5 години! Не се обидувај да се вклопуваш и да бидеш како мнозинството бидејќи ти си уникатна, а тоа никако не го сметај за недостаток, твојата уникатност е дар иако можеби ти изгледа како проклетство или неправда. Ќе сфатиш зошто го викам ова, многу набрзо, како што ќе ги запознаваш луѓето и ќе сфатиш дека најважно е тоа што го носат во себе, а не на себе или со себе. Ќе сфатиш дека секогаш си била во право што си ги ставала карактерот и однесувањето на прво место, наместо да бидеш привлечена/заслепена од некоја надворешна убавина што внатре и не е така убава. Биди силна како што си и досега, со текот на времето силата само ќе се зголемува, а животот ќе ти покаже зошто си толку силна и поради што ќе бидеш уште посилна. Отсекогаш беше борец и херој, никогаш немој да ја изгубиш борбеноста во себе, по никоја цена оти хероите не се откажуваат никогаш, а ти не се откажа и нема да се откажеш никогаш! Вети си го тоа на себе. Верувај во себе девојче, верувај уште посилно и ЗАПОМНИ дека единствено ТИ самата си својот најголем пријател, противник и поддржувач. Никој нема да верува во тебе толку силно колку што можеш да веруваш ти во СЕБЕ! Ти си својот најголем критичар и продолжи да го слушаш внатрешниот глас кој ретко кога погрешил. Не се плаши да згрешиш, од грешките ќе учиш, ќе научиш, ќе учиш и учиш дур си жива. И после триесет години од сега ќе имаш што да научиш, но и ќе имаш што да му раскажеш на светот. Продолжи само да веруваш, верувај во себе и во своите способности, верувај во својот потенцијал, капацитет и интелигенција што несомнено ги имаш во себе! На светот му требаат такви како тебе кои со уникатноста можат да бидат инспирација, кои со самата појава прават разлика, каде е и да појдат. Знам дека никогаш не си сакала да бидеш во центарот на вниманието и секогаш ти пречеле погледите вперени во тебе (што на некои „кралици на драмата“ ужасно им сметаше бидејќи сакаа да се на твое место), но издржи ги тие погледи, тоа се само љубопитни очи што сакаат да видат нешто во тебе. И кога ќе се најдеш во центар на вниманието и сите погледи ќе бидат вперени во тебе, немој да бидеш таа што се збунува или засрамува, искористи го тој момент и направи некаква промена, искористи ги твоите 5 минути и покажи се во вистинско светло. Бидејќи светот допрва ќе дознава за тебе, а ти имаш што да му понудиш и покажеш! Чекори по патеката по која што си тргнала бидејќи ќе те однесе на интересни патувања, доживувања кои ќе ги паметиш цел живот. Ќе среќаваш најразлични луѓе, но само оние што ќе ти бидат вистински пријатели и кои ќе те запознаат добро ќе останат во твојот живот, а останатите ќе бидат само минливи патници коишто ќе влезат кратко во твојот свет, но после одреден период ќе го напуштат. Не ти требаат лажни пријатели, како и половични врски. Не ти требаат лажни ласкања и уште повеќе лажни тапкања по грб. Во најтешките и најуспешните моменти ќе видиш кој вреди да остане во твојот живот. Со текот на времето, искуството и мудроста што ќе ги стекнеш, нема да сакаш да губиш време на луѓе што не го ценат твоето време, ќе станеш пребирлива бидејќи знаеш дека го заслужуваш најдоброто и нема да прифаќаш ништо коешто не е целосно, не е реално и не е вистинско! Ќе научиш многу за луѓето и за нивното однесување, ќе научиш да можеш да го разбереш секого, и кога некој ќе ти згреши или нема да те испочитува, го напушташ теренот и продолжуваш понатаму, без многу објаснувања. Ќе научиш дека можеш многу да сакаш, но дека само тоа не е доволно, дека некогаш на некои луѓе мора да им кажеш „збогум“ поради тоа што така си одлучила. Кога една врата се затвора друга набрзо ќе се отвори, ова добро запомни го бидејќи ќе биде проследено многупати во годините што доаѓаат. Ќе согледаш дека секој крај не е крај туку дека е еден нов почеток и дека секој ден е нова шанса и нов предизвик. Твојата среќа ќе зависи единствено од тебе и од никој друг. Ќе правиш жртви и откажувања кои еден ден ќе се исплатат!
Она што го вложуваш во себе е траен влог што ќе допринесе да растеш како личност! Секогаш стои цврсто на земја и не заборавај од каде е твоето потекло. Секогаш барај ја среќата во себе, а не во другите, остани благодарна, задоволна од тоа што го имаш и биди скромна, но никогаш не биди задоволна со помалку отколку што заслужуваш! Не дозволувај никој да си игра со тебе, зошто ако некој се обиде тоа да го прави ќе сфати дека на тој терен ти секогаш ќе бидеш победникот, а тој другиот губитник. Знам дека ќе има моменти кога нема да сакаш да станеш од кревет и кога ќе мислиш дека се’ е залудно, но тогаш сети се дека ги имаш најблиските кои те сакаат и веруваат во тебе, дека ќе има причини за кои ќе вреди да живееш и умреш. Не се грижи за физичкиот изглед толку многу, не се грижи за некои необјасниви поими, не размислувај за смртта толку многу, не се секирај за нешта коишто ти го окупираат тоа паметно мозоче, а кои не вреди да им се посвети ниту минута. Запомни дека грижата за себе и за телесното и психичкото здравје е најважна, па за ништо на светот немој да ги запоставуваш. Запомни дека промените што ќе ти се случуваат се твоја лична одлука и дека телото е чудесно, магично и дека ти ја имаш контролата врз себе, своите мисли и она што го правиш. Запомни дека сите промени што ќе ги правиш нема да бидат постојани, туку постојано ќе се менуваш, и тоа е сосема во ред. Еден ден ќе бидеш комплетно задоволна бидејќи ќе го пронајдеш клучот кој толку долго си го барала. А, тој ќе биде толку блиску цело време, но ќе се разбудиш. Ќе се разбудиш и ќе сфатиш дека ништо не е поважно од сопственото здравје, мир и хармонија. Ќе сфатиш дека нема потреба да се наметнуваш никому оти тие што сакаат да бидат дел од твоето секојдневие ќе бидат само по нивна волја и точно ќе знаеш кому вреди да му посветиш добар дел од твојот ден. Ќе научиш да го цениш сопственото време бидејќи како што ќе минуваат годините ќе сфатиш дека тоа не може да се врати назад, и на секоја секунда ќе гледаш како на скапоценост. Ќе се спознаеш себеси и тек тогаш ќе сфатиш уште колку ќе треба за да се спознаеш, ќе ја сфатиш вредноста на животот многупати, и секогаш поради одредени големи и важни настани што ќе ти се случуваат. Ќе погледнеш назад и ќе го видиш она мало девојче од пет годинки со љубопитност огромна колку Ајфелова кула, со отворени врати пред кое претстојат многу избори, со иднина којашто го очекува без да знае колку светот може да биде суров. И ќе посакаш да имаше некој во тој момент за да ѝ шепне: „живеј, не се грижи и смеј се, затоа што ќе вреди“.
Искрено,
твојата постара Јас

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.