Бидете љубезни со сите бидејќи секој што ќе го сретнете води тешка битка

Платон не го мислел ова залудно кога го изговорил – дека секој води тешка битка и затоа советувал да бидеме љубезни едни кон други. Денес е светскиот ден на љубезноста кој за првпат се прославува од 1997 год.
Љубезноста ништо не чини – а значи толку многу! Никогаш не можете да знаете во кој момент вашата љубезност некому ќе му го промени денот, ако не и животот. Постојат еден куп примери или начини на кои можеме да покажеме љубезност. Бидејќи сметам дека сите знаеме што значи да се биде љубезен, претпоставувам дека секој има направено барем еден таков потег или некој ви направил вам, нема да набројувам што сè значи да се биде љубезен. Во некои моменти децата знаат да бидат многу пољубезни од возрасните, и од нив треба да се учи. Љубезниот потег детето го видело некаде, исто како што некаде ќе го научи лошото однесување. Значи, како што децата знаат да бидат позитивен пример и го отсликуваат домашното воспитување преку начинот на кој се однесуваат, ние возрасните треба нив да им служиме како пример во секое време. И не само заради потребата да претставуваме позитивен пример, туку и поради тоа што треба да бидеме доблесни и одговорни возрасни што ќе си подадат рака во неволја или ќе си помогнат кога е потребна помош. Потрагата по престиж по секоја цена, трката за постигнување материјално богатство, станувањето популарен и притоа менување како личност поради слава, борбата за превласт, за повисока работна позиција и унапредување во кариерата, како да ги избришаа од луѓето сите добри особини, карактеристики и оние малку доблести што им беа останати.
Оти, човекот во обидот да стане „нешто повеќе“ честопати знае да ја изгуби индивидуалноста, а во тој процес судирајќи се со најразлични случувања полека почнува да го губи чувството за емпатија. За да се стане најдобар во нешто, не значи дека треба сите други да се „изгазат“ или да се надминат, не значи дека тогаш нема да ти требаат другите, не значи дека нема да има подобар од тебе. Знаете, љубезниот човек секогаш треба да биде таков, во секое време без оглед дали ќе биде забележан од останатите или не, без оглед на неговата позиција, професионална ориентација, (не)ситуираност, ниво на образование, потекло, место на живеење…Љубезниот човек не разликува на кому ќе му направи добро дело, кому ќе се насмевне и кому ќе го поправи расположението. Во неговите очи некоја служителка, продавач во маркет, работник во фабрика и директорот на таа фабрика, сите се исти и се однесува кон сите подеднакво.
Заедничко за сите овие работници е што се луѓе, а со самото тоа што се луѓе треба да се почитуваат. Не поради позицијата, не поради „користа“ или „потребата“ што би ја имале од нив. На љубезниот човек исти му се и уличните и расните кучиња бидејќи и на едните и на другите без размислување би им дал од својот ѓеврек. На таквиот човек исти му се сите деца, и оние што се фино дотерани по последна мода и оние што ќе ги види на улицата во парталава облека, со една разлика што на овие вториве кога би имал можност одма би им купил или поклонил други и потопли алишта, бидејќи ним им се повеќе потребни, исто како да им го прави тоа на своите деца.
Но, постојат и такви кои не размислуваат воопшто на оваа тема. Токму таквите треба да ги разбудиме! На тие што нема ни око да им трепне кога би се случило нешто неубаво пред нивни очи, на тие им фали љубезност од некоја причина, можеби поради тоа што никој претходно не бил љубезен со нив. Кога би имало повеќе емпатија, кога не би имало луѓе гладни за љубов, топол збор, внимание и поддршка, тогаш сите би биле потопли и би се почитувале повеќе едни со други. Додека јас го пишувам ова, свесна сум дека таму некаде (без оглед на локацијата) постојат луѓе што немаат интернет и што никогаш не допреле тастатура, а сепак кога би се нашле во ситуација да помогнат некому, со нивните можности, веднаш би го направиле тоа без никакво размислување. Додека постојат и оние што имаат тастатура во секоја соба од нивниот топол дом и не ни помислуваат колку се благословени што можат да си го дозволат тоа, дури и не покажуваат ни благодарност, а камоли да помислат да помогнат некому. Немојте да бидете како вторите колку „високо“ и да се искачите. Потсетете се од каде сте почнале, ако не вие, од каде почнале вашите родители или нивните родители. Останете благодарни и човечни, великодушни и приземјени без оглед на сè. Помагајте секогаш кога сте во можност оти помошта и вам може еден ден да ви затреба, во неочекуван момент. И можете да ја добиете од некој од кој најмалку сте очекувале. И кога трпезата ќе ви биде преполна, не ја фрлајте храната и не градете високи ѕидови, поделете ја со оние што немаат.  Оти таквите луѓе му се потребни на светот, оти само таквите широкогради и великодушни, тие ќе го направат светот подобро место за живеење. Колку повеќе ќе ги има нив, толку подобро за сите.

 „Топлата насмевка е универзален јазик на љубезност“ – Вилијам Артур Вард

„Прави работи за луѓето, не заради она што се или заради тоа што го прават за возврат, туку заради тоа што си ти“ – Харолд С. Кушнер

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.