Девојката од брегот се спаси

Ох, се восхитив кога видов како таа го подигна својот глас после долго време. Кога се осмели да го каже она што го мисли без да се плаши. Кога за прв пат се спротивстави и застана цврсто без да затрепери ниту за миг. Читаш ли ти девојко борец, душата ѝ се исполни на оваа твоја сенка, која ги следи сите твои борби, кога виде како конечно се осмели да проговориш и да се спротивставиш на она што со години душата ти ја јадеше дел по дел. Пресреќна сум за тебе млада девојко. Повторно ми докажа каков борец си ти. Ох луѓе, колку е само таа девојка силна. Не, не е од бајките. Ова е животна реалност, а таа e најголемиот јунак за самата себеси. Успеа да се спаси од тие чудовишта, нема потреба од херој. Таа стана самата за себе херој.

Успеа, ајде да ракоплескаме сите за неа. Оваа сала наречена живот, каде сите ние сме или актери или набљудувачи, нека затрепери од громогласен аплауз во нејзина чест, затоа што таа успеа. Успеа да се спаси од таа меланхолија со која долго време крвнички се бореше. Успеа да си се поврати себеси. После години поминати во таа очајна дупка, успеа да се избори и да ја види светлината. Ги тргна оковите и се искачи некако магично низ стрмнините. Ајде да се восхитиме сите заедно, да се восхитиме на таа човечка сила што точно можам да ја препознаам во секој што го чита ова.

Успеа да вдишe од чистиот кислород и да издише загушлива токсичност. Таа ја прослави својата слобода. Ох, какво преубаво чувство беше тоа. Таа слобода што прави душата да расцути како румените булки кога сонцето ќе се искраде близу нив.

 Ја виде таа блескава иднина која ја чекаше веднаш зад таа препрека која ужасно ја заплашуваше и ја држеше целото време на дното. Малото ниво на храброст во нејзиното срце долго време ја држеше таму, каде од време на време имаше поплави, имаше бури, имаше татари што срцето и го ампутираа. Нејзината душа многупати беше окупирана од таа војска, која беше навооружена со немилосрдност и стрелаше во нејзината кревка душа. Доаѓаше тој доктор и ѝ ставаше инфузија за да заспие и барем за миг да не ја чувствува болката, да не ги слуша тие звуци на загуба.

Ноември донесе еден глас од далечината. Не знам ниту како ниту зошто, но таа после долго време реши да се обиде уште еднаш. Овој пат одеше на сè или ништо. Одлучно реши да го остави минатото и уште еднаш да се обиде. УСПЕА. Луѓе, таа успеа. Се искачи и веднаш се упати кон брегот, кој убедливо ги знаеше сите нејзини болки. Вдиша длабоко и ги рашири рацете. Стави една прекрасна насмевка и издиша. Ја подаде раката кон далечината каде почувствува нечиј допир. Ох, тоа беше неговиот допир. На тој нов, мистичен човек кој имаше очи со боја на сафир, кој многу нечујно влезе во нејзината душа и ги избриша сите болки. Стави април во овој ноември и нејзиното битие го пороси со малку магија за закрепнување.

Таа дупка, тој еден живот го остави зад себе. Тоа болно минато го препушти на ветерот да го однесе и никогаш повеќе да не ги врати мирисите на едно минато. Сè закопа во гробот на сеќавањето, за да остане таму засекогаш без да претставува терет на нејзината душа.

Таа го залужи тоа. Таа девојка од брегот заслужи да биде сакана после толку многу години. Заслужи оваа есен да не плаче покрај брегот. Но, од секоја војна има некој губитник. Од војната на оваа девојка од брегот, имаше само еден губитник, кој загуби навистина многу. Оној што низ сите битки беше победник, оној што ги доби сите битки, за жал ја загуби војната. Доби толку безначајни битки кои притоа помогнаа да се изгради оклоп околу нејзиното срце. Самиот успеа да си постави сопка, самиот се најде во дупката која ја подготви за неа. Сега верувам дека очајот полека го обзема секој дел од неговото срце, додека тој седи со рацете обвиени околу главата до таа светилка која влева уште повеќе вознемиреност.

Само со многу солзи, многу непобедени битки и една добиена војна можете да се ослободите од таа токсичност и да вдишете иднина. Само со ослободување од минатото, можете да продолжите напред. Ве предизвикувам да го видите тој прекрасен зрак и да ја почувствувате топлината од новите прилики на своја кожа. Да ракоплескаме за сите нас, кои успеале во тоа и за оние кои верувам дека се на чекор до победата. Само продолжи да се бориш ти читателу и не се откажувај во каква и ситуација да се наоѓаш моментално. Моето срце се надева на твојата победа. Новата иднина и светлината се на чекор до тебе, токму тука, веќе и ги гледаш. Бори се.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.