Посветеност

Се разбуди со тешкотија и не сакаше да го напуштиш топлиот кревет? Или пак ти си од оние кои едвај чекаат да скокнат од кревет и да го почнат денот со сите пропратни утрински ритуали? Или можеби се наоѓаш на средина од овие крајности, некогаш има денови кога си во првата група, а некогаш во втората, и тоа е сосема во ред. Ние како човечки суштества покрај другото сме создадени да се движиме, да создаваме, да ја користиме нашата физичка енергија како и менталната, но и да ги полниме истите. Не можеме нормално да функционираме ако сме „празни“, ако немаме енергија, и ако не ни се задоволени сите физиолошки потреби. Какво е значењето на посветеноста во овој случај? Секојдневно јадеме за да не бидеме гладни така? И тоа го правиме речиси механички. Секојдневно извршуваме физиолошки потреби, имаме хигиенски навики што мора да ги извршуваме секој ден за хигиената да ни биде на високо ниво, потребен ни е квалитетен сон и посветено го правиме тоа цел живот. Ова се само примери од оние вообичаени работи на кои им се посветуваме и без да бидеме целосно свесни за тоа и без премногу да размислуваме за нив бидејќи сме ги прифатиле како такви, и поради нив преживуваме. Но, што е со посветеноста кон остварување на нашите цели, планови и намери? Дали сме целосно посветени на нашите хобија, слободни активности, грижата за менталното здравје како и за нашиот личен развој? Не се работи за тоа што ќе правиш во еден ден, туку за тоа што се стремиш да правиш цел живот. Не се работи за тоа што денес ќе потрошиш икс часови во нешто, а другиот ден ќе заборавиш на истото. Се работи за создавање на здрави навики, и за нивно извршување со посветеност и истрајност. Бидејќи редовноста, константното практикување на одредена активност како и упорноста (истрајноста) се клучни за создавање здрава навика која придонесува да се успее во нешто (одредена замислена цел). Ниедна промена ниту се случила ниту ќе се случи преку ноќ. Потребно е време за процесот на промена, но и активност (преземање мерки и чекори) од нашата страна бидејќи времето само по себе не носи резултати. Ние ги правиме резултатите, а времето е само мерна единица која ни покажува колку ни било потребно за нешто да направиме/постигнеме. Би ви порачала секогаш да се потпирате на себеси и самите да си бидете најголема поддршка. Ако не верувате во себе најмногу, кој друг ќе верува во вас? Бидете својот најголем критичар, но и најголем поддржувач кој знае да ги прифатите работите какви што се, но и да ги промени секогаш кога е потребно. Бидете доследни на себе и не ги газете своите зборови. Зборот вреди онолку колку што е исполнет и колку се стои на него. Стојте зад своите зборови и тие нека бидат усогласени со вашите постапки бидејќи во спротивно се лажете и сами, но и тие околу вас. Посветеност. Не само како пишан збор или ветување. Туку како начин и форма на живеење. Посветеност кон сопствениот живот, посветеност кон луѓето што ви значат, посветеност кон она што ви носи леб, посветеност кон она што ве усреќува и ве прави подобри личности. Посветеност кон активности што ве исполнуваат со позитивна енергија и ви ја полнат душата. Посветеност кон себе во секоја форма, оти на крајот од денот се имате само вие и со своите мисли заспивате. Нека бидат благи и мотивирачки тие мисли. Немојте да бидете сурови кон себе никогаш, какви и да сте. Засакајте се себеси и не дозволувајте другите да ви покажат како да се сакате. Вие се познавате најдобро и бидете искрени, кој ќе ве сака повеќе од самите што можете да се сакате? Најверојатно еден ден вашите деца, но и тие ќе пораснат еден ден, нема да им бидете целиот свет, па тие ќе научат исто така најмногу да се сакаат само себеси. Засакајте го вашето тело бидејќи тоа е единственото постојано ваше живеалиште. Со него човек се раѓа, во годините што минуваат природно трпи секакви трансформации, но и подоцна во секое време можете да го трансформирате. Но, душата и она што го носите внатре во вас, тоа останува макар и да си го промените полот. Бидете свои и одлучни. Запомнете дека од никој друг не зависите освен од самите вас. Помошта која ви е најпотребна, во секое време побарајте ја од себе. Ќе видите дека сте силни, ќе видите дека можете. Ќе видите дека вредите. Вие вредите многу повеќе од тоа што го носите како облека или накит, вие вредите многу повеќе од вашата професија, сексуална ориентација, целокупен изглед и сите ваши избори во животот. Вие сте луѓе што треба да му се посветат на својот живот и да се трудат да останат човечни пред сè бидејќи на крајот од денот сите сме еднакви под ова небо. Натпреварот, конкуренцијата, трката за подобар живот, желбата и трудот за квалитетно живеење, трчањето по успеси, дипломи, сертификати, признанија, награди итн. не треба да бидат пречка за да останеме луѓе и несомнено не треба да бидат причина ние да си ископаме очи меѓусебно или да почнеме да шириме омраза. Ако човек на човека му е волк, како што рекол еден мудрец пред многу време, дајте човек на човечка да му биде пријател и брат. Нема полесно и истовремено потешко нешто од тоа да се биде човек. Затоа, бидете луѓе и помагајте си меѓусебно, наместо да си вадите очи. На овој свет сме привремено, па дајте престојот да го направиме пријатно место за живеење. Ослободете се од стегите и од тежината што ве задушува. Ослободете се од тешкотиите со позитивни мисли и афирмации. До следно, останете свои и сакајте се!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.