Биди човек каков што му треба на светот!

Биди човек – помогни. Колкупати сте се нашле во ситуација да треба да помогнете некому, а колкупати некој требало вас да ви помогне? Колкупати во тие истите ситуации ниту сте помогнале ниту ви било помогнато? Сигурна сум дека можете да се сетите најмалку на три такви ситуации. И знаете што? Во таквите ситуации може да ја согледате туѓата човечност и емпатија. Благодарение на мојата алтруистичка природа која ме „тера“ да се грижам за другите кога се во неволја, сум се нашла во ситуација да помогнам многупати и без да ми биде побарана помош. Целта на оваа колумна не е да покажам колку сум човечна и колку многу сакам и можам да им помагам на другите, туку да повикам на „будење“ на колективната човечност и да ве поттикнам да бидете алтруисти. Изборот на мојата професија не беше воопшто случаен, па така сметам дека моја „должност“ е да се обидам да правам промени секаде каде (и колку) што можам. Во надеж дека сите што ќе го прочитаат овој текст ќе бидат инспирирани да гледаат малку поинаку на нештата, и ќе бидат поттикнати конечно да ја прифатат вистината – дека на светот му треба повеќе човечка добрина! Добрината што произлегува од еден човек претставува добробит за целото човештво. Ако му помогнете на еден човек, исто како да сте му помогнале на целиот свет. Знаете, секој човек е претставник на светот во кој живееме, а сите заедно сме само привремени гости на планетата Земја. За жал, и покрај толку многу години, децении, столетија, векови, злобата и омразата во светот уште не се искоренети. Бидејќи нашиот престој на оваа планета е привремен и непостојан, се прашувам која е поентата да се троши скапоценото време што го имаме на банални работи, на злосторства и омраза? Зошто за промена не се обидеме да шириме љубов, помош, пријателство и среќа? Да се спротивставиме на глобалната омраза, војни, неправди и злосторства со сите можни средства што ги имаме на располагање! А, едно од тие средства е помошта и подадената рака едни кон други. Наместо во другите да гледате ривали, противници, и да развивате компетиција – гледајте во нив инспирација и шанса заедно со нив да растете и да постигнувате заеднички успеси. Западната и источната култура се разликуваат во повеќе погледи, едната ја негува индивидуалноста, а другата колективитетот, но сепак заедничка е потрагата по успех и подобар живот. Не постои човечко суштество кое не би сакало да има мирен и спокоен живот, но во 21-от век за жал сè уште постојат деца кои се голи и боси притоа изгладнети до смрт, деца што работат уште од најрана возраст и се третирани како работна сила, луѓе што живеат во комплетна сиромаштија и едвај сврзуваат крај со крај, луѓе што немаат најосновни и нормални услови за живот, луѓе што се опасни по својот и туѓите животи, луѓе што злоупотребуваат оружје, луѓе што тргуваат со деца и други луѓе, па и човечки органи, луѓе што сакаат да нанесуваат штета на другите, луѓе што немаат каде да ја поминат ноќта и облечени во парталави алишта, неизмиени со месеци коишто се хранат по контејнери (бездомници), луѓе што не го почитуваат ближниот свој ниту пак се почитуваат себеси, луѓе што се материјалисти и се заслепени од богатство и од идејата за слава и стекнување материјални добра, луѓе што би газеле преку лешови само за да го добијат тоа што сакаат и вака до бескрај. Сега имаме донекаде комплетна слика какви луѓе постојат во светот, а на сите нив им недостига емпатија, но и многу љубов која за жал не ја добивале поради некои причини. Но, да не се фокусираме само на негативностите, за среќа, уште постојат луѓе што се полни со љубов и која сакаат истата да ја шират, луѓе што имаат блага насмевка и топол збор речиси за секого. Луѓе што не прават разлика помеѓу социјален статус, класа, раса, пол или религија или поделба по некоја друга основа. Луѓе што ќе ти излезат во пресрет дури и кога не ти го знаат ни името. Луѓе што би скршиле половина од својот ѓеврек и без размислување би ти го дале иако умираат од глад. Луѓе што сакаат да ги гледаат другите среќни и задоволни бидејќи сакаат радост и живост, односно тие самите се оние што бескрајно му се радуваат на животот. Оти такви луѓе знаат дека животот е прекраток и скапоцен, па не сакаат да го трошат бесцелно. Луѓе што нема да побараат услуга поради тоа што ви направиле услуга. Луѓе што не ти ја гледаат облеката туку ти ја читаат и сакаат душата. Луѓе што те милуваат со поглед и збор, без да те допрат. Луѓе што се како сонце бидејќи блескаат секаде каде што ќе се појават. Луѓе во чие присуство растете како индивидуи и се чувствувате богати бидејќи ги познавате и се во ваша близина. Луѓе што се духовно богати и од кои можете да научите животни мудрости. Луѓе што раскажуваат приказни и истите ги зближуваат луѓето. Луѓе што би оделе на крај на светот со вас само бидејќи ве сакаат. Луѓе што ве почитуваат, а не гледаат корист од пријателството ваше. Луѓе што ви се како семејство, а не се крвно поврзани со вас. Луѓе што би препливале и океан само за да ве видат. Луѓе што се рамо за плачење во најтешките денови и луѓе што се радуваат на вашата среќа исто како да е нивна. Луѓе што мотивираат, што се неизмерна поддршка и кои имаат најдобри намери. Ете, такви луѓе му требаат на светот! Оти, помошта многупати може да биде бесплатна и да не ве чини ништо, а за некого да значи цел еден свет. Кога ќе направите некого среќен поради вашиот мал гест на внимание и подадена рака – сте му подариле помош и радост на цело човештво. За да го направиме светот подобро катче за живеење, најмалку што можете да направите е да покажете човечност – помогнете секогаш кога можете.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.