Снеговите на надежта

,,Чекам”, ми рече.

,,Што чекаш?” прашав.

 ,,Чекам снеговите да ги потрупаат спомените, да го заледат моето сурово минато”, ми рече и со насмевка ја наведна главата. Седеше покрај брегот, на тоа мало бетонче скроено како за неа. За тажната девојка која беше секогаш очи во очи со морето кое се брануваше пред неа, како да ѝ ветуваше дека снеговите оваа година побрзо ќе дојдат. Како да ѝ ветуваше дека со првиот снег и нејзината болка ќе биде избришана. И кога зората ќе запееше и кога ноќта ќе заплачеше, девојката беше таму. Таа му припаѓаше на брегот, со погледот вперен во далечините пред неа. Таа само го очекуваше доаѓањето на првиот снег, на првиот ветер, можеби и дожд. Го очекуваше доаѓањето на некој свој човек и никогаш не се предаваше од помислата дека ќе дојде. Прифаќаше сè , само да дојде нешто што има моќ да ја одведе некаде далеку од тие тешки спомени што се беа вгнездиле во нејзиното кревко срце, па не сакаат да престанат да болат. Морето ѝ го вети доаѓањето на првиот снег, вети дека ќе ѝ го донесе тој што го чека толку години, но не ѝ вети заборав на нејзиното минато бидејќи заборавот е само илузија. Такво нешто не му е познато на срцето. Зарем некој заборавил нешто како никогаш да не се случило? Зарем сите ние не се трудиме да заборавиме, но сепак тоа што сакаме да го сместиме во заборавот најмногу се вселува во нашите мисли со секој нов изгрев на сонцето? Ние никогаш не ги забораваме нештата, туку само се навикнуваме да живееме со болката, со спомените и со сè што ни се случило во минатото. Ни се доделува некоја невидлива сила од небесата и сме подготвени да се сносиме со тој товар. Е сега прашање е дали и ние ќе чекаме првите снегови барем малку да ни помогнат да ги стишиме работите во нашите глави или пак тој ќе всади уште толку болка наместо заборав и само ќе ги отвори старите рани запишувајќи уште толку трепети над болните спомени.

И таа година снегот пристигна многу рано. Навистина беше чудно. Но јас знаев и се насмевнав. Кога паднаа првите снегови, си помислив: ,,Ех животе дали навистина волку рано го испрати снегот за да ја избришеш болката на таа девојка и за да ги затрупаш нејзините спомени под твоите тешки покривки?” Се запрашав дали таа сè уште чека седната покрај брегот да дојде тој што ќе ги избрише сите лоши сеќавања или пак веќе го земала пенкалото во свои раце и почнала да ја пишува својата иднина. Подоцна судбината ми шепна дека првите снегови направија таа да дише подлабоко и повторно да му се радува на животот. Знаев дека таа го фатила за рака она што навистина го сака и се упатила во некој поубав живот. Се израдував бидејќи конечно го дочекала она што го сакаше целиот свој живот. Се израдував бидејќи едно срце повторно се излечи од болката и се соживеа со иднината, во надеж дека еден ден сите срца ќе можат тоа да го направат.

Автор: Викторија Саздовска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.