Секое ново изгрејсонце е време за нови почетоци

Порано многупати знаев да го дочекувам изгрејсонцето. Лежев во удобната и мека постела, читав или пишував додека не ми дојдеше сонот, а кога конечно ќе чукнеше на прозорот, паѓав во негови прегратки. Миговите на потполна тишина кога градот спие, а црцорењето на птиците единствен звук што се слуша од отворениот прозорец се непроценливи, но дента ги плаќаш со умор и недостаток на сон. Кога го чекаш изгрејсонцето ти си оној што бдее со часови додека другите другаруваат со сонот, ти си оној што ужива во ноќната и утринската тишина без да биде прекинат од силни звуци. Најчесто не го правиш тоа бидејќи многу посакуваш да гледаш како изгрева сонцето, туку го правиш бидејќи инсомнијата ти е редовен ноќен посетител. Само Бог знае колку часови минуваат во непрекинато размислување и лутање со мислите додека се мачиш да заспиеш. Широк спектар на мисли опфаќа ноќното „шетање“ низ мозочните ќелии, а ти се навикнуваш на процесот и неретко уживаш во него. Го прифаќаш како дел од себе, како една фаза која мора да помине и се трудиш да го извадиш максимумот од нејзе. Некогаш се прашуваш зошто баш кога треба „да се исклучиш“ ти текнува на моментите во кои си помислил „не требаше така да постапам“ или „тогаш требаше тоа да не/го направам“, ти текнува на сите пропуштени шанси, (не)изговорени зборови, недоискажани реплики во кавга или непријатна ситуација, се сеќаваш на сите можни опции што си ги имал, а од нив не си искористил ниту една, се сеќаваш на детството, се сеќаваш на заборавените пријатели од градинка, се сеќаваш на првата симпатија и неуспешната љубовна приказна, на сите порази и понекогаш и победи, си пееш текстови од подзаборавена стара песна, и баш тогаш ти текнуваат интересни идеи што едвај чекаш да ги реализираш, но прво мора да преспиеш. Звучи познато? Добредојде во светот на инсомнијата и нејзиното владеење. Најчесто се победува истата, но за тоа се потребни челични нерви и уште појака волја. Дотогаш, ќе се научиш да живееш со неа. Бидејќи знае да биде сурова и да ти го наруши целокупното здравје. Ако страдаш од инсомнија други тогаш ќе ја сфатиш во целост важноста од добар и квалитетен ноќен сон. Да се вратам на изгрејсонцето. Не се среќаваат сите со него, понекогаш луѓето не го ни забележуваат и не му обрнуваат внимание. Да запреме за момент и да му укажеме важност. Само оние кои гледаат поразлично на нештата околу себе, ќе ја ценат убавината на расчистувањето на облаците, смената на денот и ноќта, на моментот кога небото го раѓа далечното сонце. Разденувањето секогаш ме успокојува. И во него има нешто смирувачко. Можеби поради тоа што во моментите кога се дружев со старата пријателка која владееше над мојот сон, кога ќе почнеше денот и сонцето се раѓаше, моето тело дури тогаш можеше да му се препушти на сонот. Патувањето по облаците додека ја сее таа препознатлива слаба утринска светлина го прави сонцето волшебно. И таа глетка е незаменлива! Не знам со што би можела да ја споредам во моментов. Можеби е еднакво убава како и зајдисонцето, но со мала разлика. Едната глетка означува будење, раѓање на нешто ново, нов ден, нова надеж и нови можности, а втората глетка е повлекување, зајдување, исчезнување од хоризонтот и време за мир и некаков завршеток. Најубавото изгрејсонце, како и зајдисонце сум ги пречекала на плажа. Посебноста на чувството што го предизвикуваат едноставно не може да се пренесе и да се опише, туку само да се доживее. Верувам дека многумина го имаат доживеано истото. Време за нови почетоци е секое ново изгрејсонце. Секое зајдување означува крај на еден нов почеток. Смената на денот и ноќта е само доказ дека во животот сè се менува, дека сè тече и дека секогаш после секој крај постои шанса за нов почеток. Можеби не знам уште колкупати ќе дочекам со свои очи да видам изгрејсонце, ниту уште колкупати ќе посведочам зајдисонце, но во едно сум сигурна: додека постои светот ќе постои и изгрејсонцето!

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.