Конкурс за книжевни и визуелни минијатури „На маргините“

Во пресрет на четвртото издание на книжевниот фестивал Друга приказна (5–8 септември, МКЦ, Скопје), кој оваа година е тематски насловен „На маргините“, распишува конкурс за маргинални текстуални и визуелни минијатури.

Конкурсот го носи истото име („На маргините“) и собира кратки/мали рефлексивни содржини, напишани или нацртани на маргините, кои вршат упад во содржината што доминира со даден простор (страница, плакат, документ, корица, тетратка, партитура… итн.). Тие треба да упаѓаат во редот на дадена конструкција преку креативно провоцирање, проблематизирање, пародирање, изигрување, по(д)бивање – кратко речено, да ја нарушуваат сувереноста и неприкосновеноста на она што (е дадено да) се чита.

Добредојдени се различни постапки што влегуваат во ваква дестабилизирачка интеракција со доминантата, зададена содржина. Примери може да бидат: стихови, афоризми и белешки смислени и запишани на маргините; допишувања/доцртувања на постојната содржина; зацрнувања и прераспоредувања на текстот што даваат нови значења; и други вакви постапки. Примерите дадени низ текстов покриваат само дел од можните постапки и само сугерираат како би можел да изгледа упадот од маргините.

Манускриптите на цела плејада автори покажуваат дека во текстовите што до нас стигнуваат како книжевни целини, монолити, всушност, се вградени многу „фиоки“ што отсуствувале од првичните ракописи, а други сегменти, по истиот принцип, се извадени надвор од телото на текстот. Во нив среќаваме и најчудни цртежи во кои како да е растоварено она што не се вклопувало во авторскиот план, она што не го пропуштале одредени книжевни, општествени или лични бариери – цртежи кои потем служат како битни толковни клучеви. Ваквите и сличните примери ја илустрираат важноста на институцијата „маргина“ во создавањето текст и, на некој начин, го озаконуваат упадот од маргините во просторот на веќе изграденото.

„Маргината“, сепак, е еднакво важна институција во процесот на рецепција на различните содржини. Од маргиналните записки и цртежи-минијатури на древните препишувачи до современите дигитални арсенали за разбивање на врзаниот текст, како и постмодерните поигрувања со неговата еднозначност и завршеност, маргината останува мегдан, арена за борба со текстот, но и кулоар за учена, цинична полемика со него. (Меѓу)просторот на маргината е првиот (често и единствениот) терен на којшто се одвива комуникацијата со текстот.

Со конкурсов сакаат да се отворат тие терени на интимен разговор со она што се чита. На некој начин, сакаме да го прескокнеме бавниот и несигурен пат на маргиналните минијатури од бележењето до туѓиот поглед. Сакаме, исто така, да го поттикнеме напуштањето на едностраниот модел на читање/рецепција, во којшто авторот зборува, а читателот беспоговорно прима пораки и значења.

Ќе се оценуваат луцидноста и лапидарноста на испратените минијатури, односно нивната моќ во збиен простор и на „окупирана територија“ да извршат вешт, прониклив упад. Минијатурите може да се испраќаат на druga.prikazna1@gmail.com до 4 септември.

Десетте најдобро оценети минијатури ќе добијат книги од едициите на „Темплум“ во вредност од 1.500 денари (вкупно 15.000 денари). Книгите ќе може да се подигнат од фестивалските штандови.

Извор

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.