Кукли зад прозорецот – Јована Јаневска

14 Јули 2019

Ostsее, Neustаdt, Holstein

Eutiner straße, 14:30h

Понекогаш верувам, навистина верувам дека мојот дух некогаш ќе ги посетува сите места кои силно сум ги чувствувала, овоземна, жива и физички присутна. Седам на пристаништето. На околу три метри од мене е стариот дрвен брод со собрани едра. Под нозеве кои висат над длабочини пливаат медузи.
Последниве два дена се случува фестивал на отворено налик на панаѓур. Бендови, мали крофни, мирис на германски традиционални јадења подготвени од брзи, подвижни кујни. Небото е мрачно, но градот е собран на пристаништето. Сама сум. Велосипедот го врзав на брегот од спротива и морав пак да ја погледнам шифрата што ја запишав во тефтерот, бидејќи мојата меморија е ризница за живи слики, приказни и спомени, но не и за бројки. Размислувам за годиниве, ја чувствувам младоста во вениве, ѝ се колнам дека ја ценам, а таа повторно  не ветува вечност. Младоста е бунило. Животот секогаш го гледав јасно до дваесет и третата, подреден и однапред организиран. Понатамошниот тек создаваше некаква магла во главава. Последниве две години чувствувам како несвесно ја барам смислата на сопственото постоење. Ја барам низ книги, низ туѓи животи и записи, низ градови и улици, низ туѓи мислења и светови. Последниве седмици во сосем неважни мигови, правејќи обични нешта кои ги налага секојдневието како миење садови или пиење чај, доаѓаат мисли кои ми носат некакви одговори. Полека сфаќам дека изворот на мојата сила е само мојата верба. И не знам дали е доволен зборот за да го објасни значењето на таа внатрешна, поинаква енергија која можам само да ја чувствувам, но не и да ја објаснам. Оти и за зборот е мачење да го тераш, да го искаже она што се наоѓа на некоја друга висина.

Спроти мене е големиот ресторан, изграден во стилот на Балтикот. Црвени цигли и голем спуштен кров. Мириса на печена риба. И на морска вода. Ги слушам луѓето, зборуваат литературен германски, ако се потрудам да слушам би ги разбрала нивните неважни разговори, но мисливе се на некоја друга височина. Само кога пишувам, повторно допирам до себеси. Како да си велам: Како си? Кажи ми искрено што чувствуваш, не мораш сѐ да сокриваш зад насмев. Физичката присутност во општеството е нужна,  но со духовната можеш да му пркосиш.

Дневното сонување одамна ми го олеснува животот. Уште од детските денови, мислите ми беа на некое друго, непознато место на кое треба да одам, на кое знам дека сега или по седум години ќе одам, како задача, како мисија. И така додека траеа школските часови и моето описменување, групните другарски површни разговори или нападите од его и суета на соговорниците, јас ги замислував вибрациите кои тие места ќе ми ги предизвикаат, во главава ги визуелизирав сите квартови и детали, го создавав мирисот кој ќе ми го донесат. Од дете знаев дека мирисот кажува многу. Од дете на мајка ми и велев дека секоја куќа има свој мирис. И дека мирисот на некои куќи носи мир, на други неспокој. Куќите и манастирите ги памтам исклучиво по мирисот. И прозорците.

Звукот на бродовите го победува звукот на автомобилите. Пред мене е еден друг мал ресторан кој го привлече вниманиево уште пред неколку дена. Еден кат, голем покрив, стар германски тип на градба, со темно-жолта боја и дрвени прозорци. Пригушени светла, бршлен, дрвени маси, цвеќе и две јапонки кои пијат кафе на малата тераса. Келнерите служат облечени во традиционална германска облека. Има нешто убаво во местово. Нешто старо и мирно. Пешачејќи низ тесните улички, со кафеави скитнички чизми и фото-апарат во торбата спремен за фотографирање стари и по нешто посебни,  прозорци и врати, наоѓам места кои се вклопуваат во она што сум јас. Наоѓајќи ги нив, се наоѓам себеси.

Стара куќа, изградена од цигли кои од времето добиле боја на тиркиз, стари рамки околу прозорците, напукнати стакла. Осама. Две скали кои се спојуваат со тесната калдрма.

Зад едниот прозорец немо гледаат две кукли изработени од платно и слама. Една до друга. Заборавени неми сведоци, исфрлени на брегот од јазот на времето.

Автор: Јована Јаневска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.