Антигона – Јована Јаневска

Антигона каде си?
Дали повторно се бараш себеси онаму каде најмалку те има? Во туѓи хоризонти и присвоени далечини, во туѓи очи и погледи?
Во туѓи неважни и сосем нејасни мисли и зборови, кажани и премолчени.
Зарем се тие твоето огледало?
Антигона каде си?
Те барам во туѓи души, те нема.
Те барам во туѓи чевли, те нема. Нејсе, одамна ти велев дека таму не ти е местото.
Те барам по душава, растурам и раскревам.
Опустошувам, воздигнувам.
Ги терам мисливе да крварат, но да те најдат. Да те најдат додека не сум изгубила верба и во нив, па да ги пуштам да скитаат како сирачиња, талкачи.
Те барам Антигона, те барам за да те почувствувам, да те видам силна и горда над своето свето во кое веруваш. Да ти ја видам животната радост во очите.
Врати се, со сите лузни и празнини.
Ги помнам сите делови од тебе кои детски несебично ги раздаде на оние кои немаат.
И ќе ги создадам одново.
Ќе ги излечам лузните кои насобрале слоеви разочарувања.
Со години не сум истата откако почна да бледееш.
Со години живеам на заем, се радувам на туѓа среќа, позајмувам Антигона. Со години умирам секојдневно. Некогаш еднаш, некогаш повеќе пати.
Чинам, за тебе дишам и за тебе живеам.
Душата се бори со општеството.
Рони напукнати парчиња од себе, не наоѓајќи ја смислата на постоењето.
Чинам престара е за светов.
Моја Антигона, па ти ѝ беше доволна. Ти и душава, двете наспроти видливото и скриеното, лажното и вистинитото, чесното и подлото.
Ти слепо веруваше дека правдата постои, веруваше во луѓето, веруваше во доброто.
Можеби твоите очи беа сјајни само затоа што во туѓите духови гледаше делови од себе. Гледаше само добро. Онаму каде што го нема, пробуваше да го создадеш.
Ти беше горда Антигона.
Ти не си јас.
Ти знаеше да веруваш со срцето, а не со разумот. Ти не се исплаши од туѓото мислење, од туѓите висини од кои гледаат кон тебе.
Јас? Па јас сум слабак Антигона.
Јас живеам од сеќавањата по тебе.Од годините кога заедно се боревме за она за кое сонувавме.
Затоа врати се, остави ги годините.
Јас не сакам мудрост Антигона.
Сакам детска чистина, радосно срце и живот.Сакам повторно да верувам, макар и по цена на тоа да ставам обрачи на умов.Врати се, претежок е патов ако го одам без тебе.
Сите раскрсници се исти ако те немам.
Не го знам правецот, но крајот го гледам ако не ми се вратиш моја Антигона, моја верба.  

* Инспирирано од девојка на  скопскиот аеродром, која на самиот влез во авионот гласно ја довикува својата пријателка/сестра или познаничка: Антигона, Антигона…

15 Јуни 2019

брегот на Балтичкото море, Neustadt, Германија

Автор: Јована Јаневска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.