Пруст, мадленот и меморијата

На денешен ден е роден еден од највлијателните романсиери на 20 век, Марсел Пруст.

Преку Пруст за првпат дознав за мадлените.

Што се тоа мадлени? Тоа се едни од моите омилени француски колачиња кои се јадат со кафе и чај и кои едноставно мора да ги пробате. Се разбира, откако ќе го прочитате неговото капитално дело и кога ќе дознаете дека за Пруст тие се нешто многу повеќе од обично француско колаче. Тие го означуваат минатото, она минато кое тивко се прикрадува во нашите животи, без да не праша зошто е тука. На тој начин, како да станува сегашност, како да се разбиваа таа дихотомија која постоела меѓу минатото и сегашноста, се чини како никогаш и да не постоела.

Или можеби се работи само за носталгија за изгубеното време? Ќе сфатите колку сите ние сме носталгични по изгубеното време, по оние безгрижни детски денови кои посакуваме толку често да ни се вратат.  

Во суштина, така се вика и неговото капитално дело „Во потрага по изгубеното време“.

Тоа е историја на цел еден живот, за еден наратор кој нема име, за еден наратор којшто ја бара смислата на животот и ја наоѓа во уметноста.

Еве го и славниот извадок со мадлените:

А откако го препознав вкусот на парчето мадлен натопено во чај од липа што ми го даваше тетка ми (иако сè уште не можев да откријам, па тоа морав да го одложам за многу подоцна, зашто тој спомен ме правеше толку среќен), старата сива куќа на улицата, во која беше нејзината соба, се надоврза како театарски декор на малиот павилјон, што гледаше кон градината, а го беа изградиле за моите родители врз нејзината задна страна (тој единствен скратен ѕид што дотогаш постојано го гледав); а со куќата и градот, од утро до мрак и по секакво време, Плоштадот на кој ме праќаа пред ручек, улиците каде што одев да се изнатрчам, патиштата по кои одевме да шетаме кога беше убаво време. И како во онаа игра во која Јапонците се забавуваат топејќи во порцелански сад со вода мали дотогаш исти парченца хартија кои штом ќе се стават во неа, се истегаат, се виткаат, се вапсуваат, стануваат различни, се претвораат во цвеќиња, куќи, трајни и препознатливи личности така сега сите цвеќиња од нашата градина и тие од паркот на господин Сван и вивонските лотоси, добрите луѓе од селото и нивните мали домови и црквата и целиот Комбре со околината, сето тоа, добивајќи форма и цврстина излезе заедно со градот и градините од мојата шолја чај.

Односно, ова е извадок од првиот том „Накај Сван“, а самото капитално дело тежи 7 тома, а тоа се:

  1. Сван (Комбре и Една љубов на Сван);
  2. В сенка на расцутените девојки (Околу госпоѓа Сван и Имиња на места);
  3. Светот на Германтови (прв и втор дел);
  4. Содом и Гомор;
  5. Затвореничка;
  6. Бегалка (Исчезнатата Албертина);
  7. Повторно најдено време

Читајќи го Пруст гледате дека сеќавањата кај него доаѓаат неповикани, тие се сензуални чувства, тие се сеприсутност на минатото и сегашноста, на сеќавањата и набљудувањата.

Во ова монументално дело кое го отсликува француското општество во тоа време, доминираат големите теми како љубовта, љубомората,  смртта, сеќавањата…Тоа е место каде авторот се спознава самиот себеси на еден толку суптилен начин и ни посочува дека мудроста е во себеспознавањето, таа се состои во тоа да научиме да се присетиме на она што сме го доживеале и што станало дел од нас, а ние само треба да посакаме.

Се надеваме дека за момент ве заинтересивме за овој голем писател и ќе посакате да прочитате барем еден том од неговото монументално дело и се разбира да ги направите и пробате овие вкусни француски колачиња кои ќе станат неизоставен дел од вашите сеќавања.

Повеќе за авторот ќе најдете овде.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.