Осаменото дрво

Сместено на најпосетената улица во градот, со неговото дебело и цврсто стебло кое се издигаше во височините ова листопадно дрво беше нем сведок на сите попатни минувачи. Со оглед на тоа дека најмногу успеваше во шуми во природата и дека најчесто го одгледуваа во овоштарници вистинско чудо беше што со текот на годините успеваше да се одржува и обновува на тоа место со години. Можеби најмногу му одговараше светлината која тука навистина ја имаше во изобилство па тоа би било единственото логичко објаснување. Отсекогаш бев онаа што се воодушевува на тој предел од градот. Беше раздвижен и посетуван од многу туристи, а и во близина беше сместен паркот. Честопати знаев да навратам во истиот парк и да седнам на некоја од клупите кои имаа поглед кон осаменото дрво. Му се восхитував и можев со часови да го набљудувам не правејќи ништо. Во сите временски периоди беше убаво, но најмногу го сакав кога црешите беа созреани и веќе подготвени за берба.

Црешата ја нареков осамена затоа што речиси и никој да не ѝ обрнуваше внимание освен кога ќе беше полна плодови па случајни минувачи доколку имаа време застануваа за да скинат понекој плод од нејзе. Кога немаше на неа готово овошје никој не ја ни погледнуваше. Го доби епитетот осамена затоа што стоеше сама и изолирана на аголот од улицата, а покрај неа немаше ниту едно друго дрво. Ме потсетуваше на некој осамен старец кој често можеше да се види во парковите како седи сам на некоја клупа и е задлабочен во своите мисли. И двајцата беа стари и осамени со единствената разлика што црешовото дрво не можеше да зборува.

Иако не можеше да зборува, тоа со самата негова појава многу зборуваше. Зборуваше повеќе и од она што би можело едно дрво да каже со својата појава. Кажуваше за смената на годишните времиња, покажуваше за моќта на природата и онаа дарба што ја имаат растенијата да произведуваат плодови кои ние имаме можност да ги вкусиме. Способноста за размножување го покажува само природниот процес на проширување на видот кој го имаат и луѓето на поинаков начин. Го гледав дрвото и се прашував само што би правело човештвото доколку не постоеја растенијата и целокупната природа. Одговорот е очигледен.

Ретко кога денес некој има време и застанува да им се восхитува целосно на даровите на природата. Затоа што и едно природно цвеќе кое само израснало во некоја ливада носи порака. Затоа што моќта на природата не смее да се занемари никогаш јас не би можела да најдам посоодветен начин за да ја изразам мојата восхитеност кон неа. Можеби дрвото не можеше да ме разбере доколку му зборував, ниту да го почувствува моето присуство, но бев благодарна затоа што јас можев да го гледам, да го мириснам, да вкусам негов плод, да го вадам, да се грижам за него… Бев неизмерно благодарна што воопшто можев да помислам на предностите кои ги имам наспроти тоа осамено дрво. Неговите корени пуштени длабоко во земјата ќе надживеат минимум пет генерации, а јас се прашував дали и некој во иднина ќе ги гледа дрвата и општо самата природа на начин на кој ви раскажувам за нив.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.