Го сфаќаме ли значењето на полагањето матура?

Испитот на зрелоста пред кој денес беа исправени сите матуранти од нашата земја предизвикува низа на полемики што се провлекуваат со години наназад. Што всушност значи да се полага матура и дали воопшто ние го разбираме целосниот концепт? Дали нашиот образовен систем е доволно „созреан“ за да може беспрекорно да го спроведе целиот процес без никакви пропусти? Дали ние сме подготвени да организираме таков важен „испит“ наречен државна матура чиишто резултати влијаат врз изборот на професија на идните студенти и да тврдиме со сто процентна сигурност дека резултатите се веродостојни и го одразуваат целосното нивно знаење?

Денешниот ден беше резервиран за полагање на предметот македонски јазик на државната матура како задолжителен предмет. Имав можност да дознам дел од прашањата затоа што блиска личност до мене денес беше ставена пред предизвикот. Знаејќи колку се трудеше во текот на изминатите четири години од средното образование и колку внимание посветуваше на секој предмет поединечно, не се сомневам во успехот. Сепак, имам забелешка околу одредени прашања кои биле дел од овој завршен испит. Во делот кој е наменет за одговарање на прашања од веќе подготвени текстови имало извадок од текст претходно поставен на македонски „веб сајт“. Без оглед на квалитетот на тој сајт и на значењето што го имал тој текст од кој матурантите извлекувале одговори, сметам дека комисијата требало малку повеќе да се потруди околу изборот на соодветен текст. Исто така, сметам и си земам за право да ја дадам оваа забелешка која се однесува на составувањето на самите прашања во делот за литература.

Со години наназад (на веб страната на државната матура можат да се најдат сите претходни тестови кои им биле зададени на претходните генерации) им се поставуваат тотално непотребни прашања дури што и самите професори не би можеле да се сетат и да ги одговорат сè додека не се консултираат со литературата. Колку е важно да се знае името на мајката на ликот Едип во истоимената драма? Очигледно е дека оваа информација нема да смени ништо дури ни доколку не се знае, затоа што е ирелевантно да се паметат имиња на ликови, што со текот на времето и по природен пат се забораваат. Според мене важно е да се запомнат главните дејствија, темата, пораката, жанрот на самото дело како и авторот кој го напишал и од кој период датира. Тоа се сосема доволни податоци кои треба да ги знаат учениците затоа што, со години наназад во текот на нивното школување се форсираат да памтат потполно небитни информации кои ниту ќе им бидат од корист ниту ќе им овозможат некаков развој (личен или професионален) во иднина.

Пораката до секој тестатор за во иднина е следна: „ставете се на нивно место и размислете дали и вие би ги знаеле одговорите на прашањата што ги поставувате?“. Затоа што навистина низ текот на годините можат да се најдат сосема непотребни прашања кои само додаваат дополнителен стрес и предизвикуваат непотребна анксиозност кај учениците. Знаеме дека тоа е стресен настан за нив, па ваквите прашања кои ги прават несигурни само ја влошуваат состојбата. Плус тоа, потполно е јасно дека еден „испит“ со траење од неколку часови не може да го даде и покаже вистинското знаење на еден матурант. Постојат многу причини зошто е тоа така, на пример: грешките кои ќе ги направат ненамерно можат да се должат на фактори како што се зголемена трема, страв од неуспех, збунетост, заборавени податоци баш во моментот кога треба да ги повикаат од меморијата кои ги знаеле убаво претходно, но во тој момент не им текнува, грешки направени од брзање или направени при пренесување на одговорите. Што покажува ова? Дека поради тие фактори многу ученици нема да го покажат своето вистинско знаење. Всушност, главната порака во ова обраќање е дека: целиот процес не го покажува квалитетот и знаењето на учениците туку неквалитетот (неумешноста) на самите професори кои ги подготвувале во текот на годините. Многу дискутабилно е дали овој испит на зрелоста им е од помош на идните студенти и дали ќе ги подготви за следните предизвици кои ги очекуваат од есен. Се плашам дека тоа не е така затоа што самото полагање е како „боење на сите страни од една огромна боенка со само две дрвени боички на располагање“.

Како и да е, самата идеја за проценување на знаењето на идните студенти што го стекнувале низ годините, не е воопшто лоша, но би требало да се обрне внимание на начинот на создавање на тие тестови. Составот и изборот на прашањата да бидат на едно ниво кое нема да се менува со текот на годините, а тоа ниво да овозможи да се препознае квалитетот и знаењето, а не само да се проценуваат мемориските способности. Есејот е добар начин за да се согледаат ставовите на тој што е ставен пред тестот како и креативноста на ученикот да ги аргументира своите ставови и да ги поткрепи со податоци притоа покажувајќи ја сопствената креативност и остроумност. Кога би се направила комплетна ревизија на цел испитен материјал од соодветни, стручни и образовани кадри, би се постигнала некоја промена која ќе води до поуспешно испитување на знаењето.

Па, матуранти, ви честитам што бевте храбри и го поминавте и денешното тестирање кое предизвикуваше доволен стрес за вас.  

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.