Животот не е инстаграм

Како долгогодишен корисник на една од најпопуларните социјални мрежи на денешницата со голема сигурност можам да го изнесам својот став околу користењето на „инстаграм“. Значи моето мислење се базира исклучиво на моето искуство како корисник на оваа мрежа, а не како некој кој „професионално“ се занимава со оваа интернет „апликација“ која достигна огромен број на корисници или како што вика „Википедија“, нивниот број во месец мај годинава изнесувал 1 билион. А, тоа не е мала бројка воопшто. Со тоа сакам да кажам дека големата бројка е баш погодна за оние кои ја користат апликацијата за рекламирање на својот бизнис, нивните производи, услуги и слично.

Поголемиот број знаат на кој принцип функционира ова социјална мрежа, и како што е случајот со „фејсбук“ кој патем го има купено инстаграм, двете мрежи (поврзани) нудат доста опции. Првичната цел поради која ја започнав оваа колумна е содржана во самиот наслов кој гласи: „Животот не е инстаграм“. Малку звучи иронично затоа што кога ќе размислам малку поубаво „оваа апликација најмногу се користи за некакво „претставување“ на нашите животи или нивно „прикажување“ на различни начини. Почнувајќи од поставување слики, кратки видеа, па потоа и снимање на фамозните „стори“ (приказни), па сè до прикачување на пократки и подолги видеа во делот наречен „IGTV“.
Колку и да звучи иронично оваа изјава, сите што имаат инстаграм профил можат да потврдат дека е точна.

Прво, постојат повеќе цели поради кои еден се одлучува да си креира инстаграм профил. Најчесто, тоа е поради забава и „пополнување на време“, па потоа со текот на користењето се „навлекува“ на функциите што се понудени и почнува да ги употребува за различни намени. Нема интернет корисник што ја има инсталирано оваа апликација, а да не ја посети барем три пати дневно. Лично јас таму губам речиси повеќе од два часа во текот на денот без оглед дали тогаш сум објавила слика, кратко стори или некое видео каде што читам поезија прикачено на IGTV и сметам дека таму трошам премногу време. За личниот избор поради кој останатите ја користат оваа мрежа не можам да зборувам на долго и на широко, но за мене можам да кажам дека се трудам „пополнувањето на време“ да биде колку што е можно покорисно, па затоа се трудам да следам профили од кои може нешто корисно да се научи или да се прочита нешто што би можела да го применам во некој аспект од моето живеење.

Профилите кои најмногу ги следам се поврзани со фитнес, здрава храна, здрави рецепти, профили со корисни цитати и мудри мисли, а ги следам и омилените музичари, како и актери и останати ликови од музичкиот, филмскиот и уметничкиот „свет“. Исто така, покрај личниот профил имам и уште еден кој го користам исклучиво за поставување на содржини поврзани со „книги“ и литература, а двата ги користам за да ја „доближам“ поблиску до моите следачи на некој начин уметноста која и самата ја правам најчесто преку поставување на видео-рецитали кои ги спремам со уживање. (Овде ќе бидам искрена и морам да кажам дека видеата не ми се воопшто професионални затоа што ги снимам со обична камера од мобилен, за професионално изработени видеа ќе ми треба дополнителна опрема која сега не можам да си ја дозволам, за жал). Се трудам да црпам инспирација од сè што ќе видам наместо да се споредувам со останатите. Затоа што оваа мрежа не би требало да прави да се чувствуваме инфериорни или некомплетни само затоа што на пример немаме огромна бројка на следбеници или ако нашиот живот ни малку не наликува на оној кој го гледаме по различните профили. Затоа што „животот не е инстаграм“! Можеби на прв поглед мислиме дека имаме некаков „увид“ или претстава за начинот на кој живее одреден инстаграм корисник што го следиме според фотографиите што ги објавува или видеата што ги прикачува, но таа претстава е само една обична слика која сме ја формирале која може да нема никаква врска со „вистинската стварност или реалност“. Може да биде само приближно вистината така формираната претстава затоа што како што реков и претходно, многу работи од секојдневието не се споделуваат и остануваат засекогаш зад затворени врати меѓу четири ѕида во најмала рака.

Интересен податок кој би сакала да го споделам е дека во одредени денови „сторињата“ барем на оние кои јас ги следам изгледаат речиси идентично. Најчесто тоа е за викенд кога најчесто се паузира од работа и луѓето излегуваат повеќе, или кога се случува некој концерт или сличен настан, па на „располагање“ има еден куп слични, речиси идентични „сториња“ од музички настапи, атмосферата на концертот или клубот и сето тоа „декорирано“ со пијалак или храна. Тоа ми е еден така досаден шаблон па лично јас избегнувам и да ставам такви видеа, но и да ги гледам кај другите затоа што сметам дека немам никаква корист од сознанието кај одлучиле да се забавуваат одредени луѓе што ги пратам. Или сега во последниве денови на пример актуелни беа сторињата со виножито. Секое второ објавено стори беше со слика од божилакот само сликано од различна перспектива, што го доживеав доста монотоно.
Кога нашиот ракометен тим стана Европски шампион речиси и да немаше некој што не стави слика или видео од пречекот, без оглед дали присуствувал на истиот или било преземено од нет. Фактот што не ставив ниту едно видео, ниту тоа што не напишав статус, не значи воопшто дека не се радував на нашите спортисти или дека не бев горда на нив. Едноставно не сакав да бидам како повеќето иако се радував еднакво како сите останати кои искрено се радуваа. Но, тие имаа потреба да ја споделат радоста, што не е воопшто проблем, затоа што наши спортисти не испишуваат историја секој ден. А, сега спремете се за „навала“ од сториња со плажи, мориња, базени и зајдисонце и слични летни активности.  Подгответе се и за „спамирање“ со еден куп сториња објавувани редоследно. Ваквите навистина знаат да бидат „одбивни“, затоа што не ги интересира сите секој детаљ од нечиј ден.

На еден профил во биографија, некој имаше напишано: „не јадам сè што сликам и не сликам сè што јадам“. И тоа е интересна премиса која само ја потврдува мојата „теза“ дека животот не е инстаграм ниту фејсбук или било која друга социјална мрежа. Со оглед на големиот „тренд“ на прикачување на слики од „фенси“ храната од некој убав ресторан со поглед или храна подготвена во домашни услови, но украсена специјално за да биде сликана „претставително“ на инстаграм не е ни чудно да се гледаат луѓе насекаде со телефоните во раце како си го сликаат јадењето или пијачката пред воопшто да ги пробаат.

Исто така, зад секоја слика и зад секое стори или видео (посебно оние на „инфлуенсерите“) прикачено постои „позадина“ па дури и цела „приказна“ или цел тим ангажиран за сликата или видеото да испаднат такви какви  што се прикачени. Поради „ефектот“ што го има убавата фотографија како и од естетски причини се подразбира зошто се трошат дури и по еден до два часа само за да се направи една слика, а додадено на тоа е плус и нејзиното едитирање и дополнителното обработување. Затоа и тие со огромен број на следбеници внимаваат какви слики ќе објавуваат затоа што на некој начин „имаат големо влијание врз нивните фолоуверси“. Да не зборувам за спонзорствата што ги остваруваат со рекламирање на различни работи.

Во оваа наша дигитална ера во која имаме можност да живееме, одредени социјални мрежи како на пример YouTube и како што е Инстаграм овозможуваат дури и да се направи „кариера“ и да се заработува доволно за убаво и лагодно живеење и само од тие приходи без потреба од друга стабилна работа. Со „снимање“ и прикажување на сопствениот живот или поточно кажано „начинот на живот“ и сето тоа склопено во видео (внимателно избрано што ќе биде, а што не прикажано и споделено во јавноста), со доволно големиот број на прегледи и споделувања, па и лајкови, овие денешни „модерни“ кариери се доста популарни и огромен е бројот на луѓе кои почнуваат да се посветуваат целосно на овој „начин на (за)работ(к)а“.

Но, нека нè ве залажуваат „совршените“ слики на инфлуенсерите или совршениот изглед на „инста моделите“ затоа што се такви какви што се само на слика, додека во реалниот живот е сосема поинакво. Во вистинскиот живот (оној што се случува кога не ги држиме телефоните во рака или додека ги правиме тие фотографии кои ги споделуваме) работите не се „испеглани“, нема „фотошоп“ како и „простор“ некој да ни стави „лајк“ или да ни остави некој „коментар“ за тоа што ни се случува. Сепак, реалниот живот е вистински извор како и мотивација (внатрешна или надворешна) за да настанат тие „испеглани“ фотографии или за да бидат снимени тие „видеа“. За среќа, на овие платформи можат да се најдат доста корисни информации доколку ги „следите“ вистинските луѓе кои ќе можат да ве мотивираат за било што ќе посакате вие во зависност од областа што ве интересира. Затоа и треба да се направи „паметно селектирање“ кого сè ќе следите или ќе дозволите да ве следи (нели има простор за избор дали профилот може да ти биде отворен или затворен, како и доста други опции поврзани со споделување и приватноста).

Уште би пишувала на оваа тема, но за потребите на денешното обраќање, мислам дека нема потреба да ширам повеќе и ќе застанам овде. На здравје паузирање!

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.