Каде се новинарите?

Денес за разлика од порано постојат многу поголеми можности за избор на идна професија како и олеснителни околности за успешно завршување на високо образование, но за жал многу помали шанси за успешно вработување, посебно одма после дипломирање. Темата за вработувањето ќе ја оставам за наредна прилика, сега ќе зборувам за новинарството како професија.

Изборот на идна професија не е воопшто лесна одлука доколку не знаеш точно што сакаш да работиш во иднина и доколку не си воопшто сигурен за истото. Некогашните студенти полагале приемни испити за да би можеле да се селектираат најдобрите и најспособните како би го продолжиле образованието, а денес матурантите полагаат државна матура која на некој начин е замена за тие некогашни приемни испити. Резултатите од државната матура се некое мерило или показател колкави би биле шансите матурантот односно идниот студент да се запише во државна или приватна квота.

Да се навратам на новинарството. Тоа е една јавна професија која бара многу знаење, истражување, посветеност, информираност и постојано и будно следење на случувањата. Како таква, таа е доста одговорна професија и она што ние го знаеме и гледаме на телевизиските екрани или го читаме во весниците и списанијата е само една четвртина од тоа што значи „да се биде новинар“. Не, јас не сум новинар по професија, додека според Википедиа може да се наречат новинари и оние кои водат јавен дневник или блог, но и без да се трудам да правам споредба намерно, можам да направам разлика на новинарите некогаш и новинарите денес, во нашата држава. Не се сметам за новинар, но со оглед на тоа што веќе речиси седум години сум влезена „во светот на блогерството“ иако на ограничена тематика која се занимава со литературата одговорно тврдам дека секоја една информација која ќе произлезе од личноста што се декларира за новинар, треба да биде точна, проверена и веродостојна.

Дали лесната достапност на студиите или олеснителните околности со помош на кои секој кој ќе посака (фигуративно) може да стане новинар се фактори кои допринесуваат оваа професија да биде избрана и истовремено „злоупотребена“? Не може секој новинар да се нарече новинар во вистинска смисла на зборот. Па, се прашувам денес, каде се вистинските новинари? Каде се оние одговорни лица кои споделуваат информации на начин на кој треба да бидат споделени без политичка обоеност и без пристрасност? Каде се оние јасни и концизни изјави кои не те тераат да се сомневаш во веродостојноста на изворите?

Додека сè што го работат новинарите е сведено на број на прегледи, лајкови, коментари, следење на социјални мрежи покрај бројот на продадени весници или списанија, нивниот квалитет кој е заменет со квантитет, нема да имаме успешно новинарство. Затоа што на денешните новинари изгледа како да им е многу поважно што јадела некоја „инфлуенсерка“ на нејзиниот петти одмор по ред отколку тоа што во нашата држава постојат минимум пет семејства во секој град кои немаат можности и финансии за да си дозволат повеќе од еден оброк во текот на денот.  

На некој начин со новинарството поврзано е и водителството. Водителите покрај на ТВ екраните исто така се доста „популарни“ на социјалните медиуми кои ги користат како дополнителен извор на заработка со „рекламирање“ на одредени производи или со правење на „giveaways“ кои им го зголемуваат бројот на следбеници. За жал, голем број од нашите водители (со чест на исклучоци) кога се пред екраните не говорат на литературен јазик и наместо тоа употребуваат жаргонски изрази. Сметам дека тоа треба да го остават за зад екраните, но додека се претставуваат јавно пред народот и ги водат своите емисии со гости или без, треба да се потрудат да говорат правилно и на македонски литературен јазик без користење на србизми во најмала рака. И да, секој не може да води емисија. Како што секој не може да биде електричар или водоводџија. Со лесната достапност на слики и „ставање на тацна на приватноста“ не може секој водител/новинар да се осуди и да си земе за право да прави емисија. На сметка на тоа што некој поставил слика на социјална мрежа, некој си прави гледаност на неговата емисија без никаква поента и без да побара дозвола за употреба на сликата. Апсолутно без никаква поента затоа што како прво, водителот не е повикан да биде „моден критичар“ и да „дели модни совети“, никој не го бара тоа од него, а тој ги „прозива“ јавно луѓето чиј изглед одлучил да го коментира. Епа ете, ова е чист пример до каде е нашето новинарство и колку се „модерни“ и „развиени“ нашите телевизиски и печатени медиуми.

Правото на слобода на говор и слободно изразување не смее да биде злоупотребено по никоја цена! Кај нас доста се злоупотребува, на пример со тоа што се прават секакви емисии кои немаат поента и кои не нудат ништо друго освен некаква си забава. Не, сите не ги интересира дали Рајко и Петко се скарани или уште се во контакт, дали Рајна била на одредена прослава и Петка ја дружела облечена по „најнова мода“, но со премногу нападна шминка. Значи не! Слободата на медиумите почнува веќе премногу да се злоупотребува. Не смее тоа што веќе „било споделено“ на социјалните мрежи како „фејсбук“ или „инстаграм“ да го земете како оградување или оправдување за вашата мизерна објава/статија само за да привлечете што е можно поголем број на кликнувања и прегледи. Да, доколку една индивидуа одлучила да споделува моменти од својата приватност, не значи дека ви дала дозвола тоа на било кој начин да го злоупотребите!

И да, новинарите се изгубија некаде во трката по прегледи и „лична корист“ и слепо следење и послушност на оние „кои им диктираат“ одозгора. Слободата на медиумите е само една мала „заблуда“ затоа што многу други работи се случуваат „во заднината“ кои ние ниту можеме да ги видиме ниту да ги дознаеме некогаш.

Критиката не е со цел да се „плука“ бесцелно по нашето новинарство, туку да се даде некаков „сигнал“ од оваа страна кој треба да сигнализира дека е време да се направи некоја промена. И тоа позитивна промена, за промена. За среќа, сè уште постојат квалитетни новинари кои покрај притисоците си ја вршат работата како што треба, како што постојат и водители кои водат стварно добри и квалитетни емисии.

Среќа па, постои опција да не се гледа телевизија инаку кој ќе го трпеше „шундот“ од некои емисии кои стварно немаат смисла. Овој текст е само еден мал чекор од многуте чекори кои треба да бидат преземени за „сигналот“ конечно да биде слушнат од сите, а најмногу од оние кон кои е наменет.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.