(Матура)ција

Преминот од тинејџерскиот период во адолесценција е доста турбулентен каде се случуваат доста промени како на физичко така и на ментално ниво. Покрај биолошките фактори, се менуваат уште многу други нешта за кои повеќе би се задржала во текстов отколку на биолошките. Созревањето е долготраен процес кој не се случува одеднаш, нему му е потребно време.

Кога веќе личноста излегува од пубертет и од тинејџерскиот период таа преминува во адолесцентен период каде ја очекува една нова етапа, една нова животна доба за која никој претходно не ја подготвил. Со завршување на средното школо се заокружува тој тинејџерски период и матурантите се подготвени за преминот од едно во друго тнр. „животно поглавје“.

Матурантот е пред голем предизвик и треба да направи различни избори за понатамошното живеење, како и за избор на соодветно образование. Можеби некој ќе започне одма со некаква работа, но во поголем број се оние кои се одлучуваат да продолжат со школување почнувајќи со студии. Нема подобар избор од изборот кој сам ќе го направиш, тоа е пораката до идните студенти. Да го одберат оној вид на студии кој најмногу им одговара, се заинтересирани да го продлабочат своето знаење како и желбата да го студираат тоа што го одбрале самите. Секое вмешување на други во изборот би било излишно и потполно непотребно. Затоа што на крајот, самиот студент е оној кој ќе го носи „товарот“ од тој негов избор, сам ќе оди на предавање, сам ќе учи и ќе спрема колоквиуми и испити, и ќе сноси одговорност за своите избори. Уште една порака: знаењето што ќе го стекнете додека студирате (па и претходно) никој нема да може да ви го земе. Затоа учете за себеси, а после тоа резултатите ќе говорат самите по себе.

Самото започнување на таканаречен „нов живот“, можеби и нов живот во нов град за вас, со себе носи доста предизвици, како и големи одговорности кои претходно сте ги немале или биле сосема незначителни. Промената на животната средина, односно промената на местото на живеење некои ќе ја поднесат потешко, а некои многу полесно ќе се адаптираат на новите животни услови. Најважното е дека: во тој период започнува осамостојувањето, а задачите стануваат поголеми и бараат посветеност и редовно исполнување. Сето тоа за да не се скршне од патот, самодисциплината е клучот доколку сакате да ја исполните секоја задача. А, ќе ја исполните доколку силно верувате во себе и во своите способности. Бидете смели и храбри, не се двоумете многу во вашите избори, испробајте нови работи, истражувајте, правете работи кои никогаш не сте ги направиле, без да се плашите за можните исходи. Сепак, бидете внимателни. Овој период е специфичен сам по себе, си има своја убавина како што всушност има секој еден период од нашите животи, но велам овој е специфичен затоа што созревањето е веќе започнато, исправени сте пред многу избори, донесување на одлуки, заклучоци, планови, па можете да бидете и збунети, па дури и исплашени. Но, тоа е сосема нормално. И му се случувало речиси секому барем еднаш.

Она што би помогнало е кога би можеле да се замислите после десет години од вашата сегашна возраст и да пробате преку визуелизација да се видите себеси и вашата положба после толкав период. Што би сакале да правите после десет години? Како се замислувате себеси? Дали сте го направиле вистинскиот избор и можеби би требало да ја работите работата од вашите соништа? Дали можеби сте формирале свое семејство и работите некоја работа само колку да може да се издржува тоа семејство? Вакви прашања може да си поставувате до бескрај, и на многу од нив можеби нема да го знаете одговорот затоа што животот е самиот по себе многу непредвидлив, но доколку си поставувате прашања полесно ќе донесете заклучок што всушност вие сакате да правите во него и како ќе сакате да го живеете. Не е лесно да се направи вистинскиот избор, но кога веќе еднаш ќе е донесен, бидете сигурни во него и замислувајте како веќе сте ја исполниле вашата цел. Колку е попозитивен вашиот став кон исполнување на вашата цел, толку полесно ќе ги „искачите“ скалилата кои водат до нејзе.

На сите кои се колебаат во своите одлуки им порачувам да не се паничат и да веруваат во себе. Кога станува збор за избор за понатамошно студирање тоа може и да почека година или две, додека не бидете сигурни во вашата професионална ориентација. Исто така, постојат и специјални тестови кои ги извршуваат психолози со кои би можеле да се консултирате како би ви помогнале во вашето професионално ориентирање.

Како и да е, пред вас е државната матура која е само последен чекор пред вашиот конечен избор и конечно ќе се случи последно збогување со средношколските клупи. Секој од вас од тие клупи ќе замине со свои сеќавања кои ќе ги памети цел живот. Па, после тоа на генерациски средби можеби и ќе се раскажуваат случките што ви ги одбележале средношколските денови.

Сега ми останува да ви посакам честита матура и успех на секое поле во вашиот живот и многу среќа на тестирањата. Верувајте во себе и бидете одлучни. И запомнете: можете да остварите сè што можете да замислите, доколку верувате во тоа и „работите“ напорно за негово остварување.

До следно! На здравје паузирање.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.