(По)бедник или губитник?

На само неколку минути пред почетокот на финалната вечер од Евровизија, седнав да размислам и да ги скротам мислите во нешто што би требало да го наречам монолог или колумна. Има некој кој не сака да победува? Сите ние барем еднаш во животот сме биле победници – кога сме се родиле. Од тогаш веќе немаме втора шанса и единствено нешто кое не можеме да го победиме никогаш ќе биде токму смртта.

Добрата вест е: „дека сè што можеме да замислиме и посакаме, можеме да го оствариме“: И, не, не сакам ова да звучи како мотивирачка порака од книгите за самопомош, туку сакам секој да го чувствува како вистинито и да верува во него. Затоа што постојат илјада и еден доказ и низа примери од многу одамна, но и од денешното таканаречено „современо време“ каде луѓето успевале да надминат многу тешки ситуации дури и кога сите мислеле дека со нив е готово и дигнале раце.

Докажете си го себе спротивното баш кога мислите дека не можете. Предизвикајте се себеси да направите за вас навидум невозможно нешто и кога ќе го направите ќе се убедите дека штом тоа сте го направиле, сè е можно и токму вие можете сè да направите.

Го гледам татко ми веќе месеци наназад, седнува на компјутер и игра шах онлајн со луѓе од целиот свет. За време на играта така е занесен во екранот од компјутерот што дури и доколку му се обраќаш, нема да те чуе затоа што е „сконцентриран“ многу и не сака да изгуби потег или да направи некој погрешен потег. Токму денешната случка што се случи пред малку ме инспирираше да пишувам на оваа тема. Го прашав нешто поврзано со играта и ми рече „дека се нервира кога губи“, ама дека ќе се обидел „да ја извади“ партијата.

Како некој „глас на совеста“ секогаш подготвена да дадам некој мотивирачки совет, му реков дека играта го учи дека секогаш не може да биде победник, но и дека доколку направи погрешни потези сепак накрај може да биде оној кој ќе победи баш како и во животот кога мислиме дека „ништо не нѝ оди од рака и дека сме се предале“ тогаш треба да запнеме и да си го докажеме спротивното. Не дека тој ова не го знаел, но ме мотивираше да размислам малку повеќе околу „победите“ и „поразите“, не само во играта туку и општо во нашите животи.

Шаховската табла и фигурите какви што ги знаеме денес се измислени дури откако играта воопшто била измислена. Отсекогаш ме фасцинирале стратегиските игри, игрите кои бараат логика и размислување, стратегии и едноставно оние кои бараат „користење на мозокот“. Во секоја игра каде што има двајца противници едниот секогаш мора да победи, а другиот да изгуби. И тоа е сосема во ред. Доколку „партијата“ била фер и регуларна, подобриот, тој кој што бил повеќе подготвен и сконцентриран заслужил да ја носи титулата победник. Генерално земено, уште од мали нозе се среќаваме со најразлични игри во кои некој победува, а некој губи. Како на пример „не лути се човече“ иако не е стратегиска игра туку повеќе „игра на среќа“ нè учи дека не може сите да се први и дека оној кој ќе изгуби не треба да се лути, како што гласи и самиот назив. Всушност, секој од нас го носи во себе тој борбен и натпреварувачки дух, само прашање е колку е тој развиен кај секого индивидуално. Спортистите знаат најдобро какво е чувството да си победник, а како е кога губиш, а нивниот натпреварувачки дух е претерано развиен. Што нè учи спортот? Дека нема откажување! Дури и кога губиш, не смееш да се предадеш. Мора да издржиш докрај и да се обидеш да го подобриш резултатот, но кога нема да ти успее, ферски му честиташ на противникот затоа што во тој натпревар тој бил подобар од тебе без разлика на факторот среќа и останатите причини кои допринеле тој да ја добие играта.

Победата над самиот себе е најважна. Кога ќе се надминеш самиот во нешто, не постои поголемо чувство на гордост кое ќе го чувствуваш. Ова го зборувам од искуство. Претходниве неколку недели си зададов една цел, која мислев дека е прилично „голем залак“, земајќи го во предвид краткото време на располагање, но според сите пресметки знаев дека можам да успеам да ја исполнам. Работев доста напорно, во прашање беа многу часови поминати во активноста за накрај да го добијам посакуваниот ефект! И, не, не се работи за физичка активност, туку за тотално ментална. Сега не би сакала да откривам ништо повеќе, затоа што ќе оставам резултатите да говорат сами од себе, во иднина.

Затоа ви велам дека сè што ќе наумите можете да остварите ако верувате во себе и ако сте доволно посветени и ако вложувате во тоа што го правите. Сè друго е гола вода, и сите изговори кои можете да ги смислите. Ќе заклучам со ова: „дека е подобро да бидеш победник затоа што можеш сè отколку обичен бедник кој се дави во сопствениот пораз затоа што не бил доволно храбар за да го оствари тоа што го наумил“.

До следно! На здравје паузирање!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.