Кога е предоцна?

Здраво повторно! Денес половина ден мислев дека било петок, а всушност е четврток. Со оглед на тоа што си бев убедена дека е петок, сè мислев дека утре треба да пишувам монолог, а требало денес. Во тек е евровизијата втора полуфинална вечер, нашата Тамара има настап и можам само да ѝ посакам среќа и успешно влегување во финале.

Можеби малку доцнам со објава, но подобро покасно, отколку воопшто да не го „испочитувам“ договорот кој го направив со себе односно си ветив дека три пати неделно ќе објавувам монолози. Затоа што сакам да исполнувам ветувања, а посебно оние што ќе си ги ветам на себеси, решив и овој пат да биде така.

Инспирирана од доцнењето со објавата, едноставно се запрашав: „кога е предоцна“? И сфатив дека нема ниту еден конкретен одговор. Првото нешто кое ми се јавува како прашање на прашањето е: „за што предоцна?“. Ние луѓето имаме навика да ги гледаме работите некако од некоја временска перспектива, па се случува да чуеш некој како вика: „време ти е за ова или она“, „времето ти помина“, „сега е веќе предоцна“, „сега е вистинско време“ итн. А, чекајте малку, каде тоа времето оди кога ќе помине? Или каде се гледа вистинското време, можеби на часовник?

Поентата ми е дека за ништо не е предоцна, ама баш никогаш! Независно од тоа за што се работи, дали за запишување на факултет и дипломирање, па и магистрирање и слично, дали за влегување во врска или стапување во брак или за раѓање деца. Едноставно, не смее да се форсира ништо! Или добро познатата што многумина ја употребуваат: „сè во свое време“ што е пак поврзано со времето, но овде времето е земено во позитивна насока иако мене пак не ми е нешто омилена изрека. Затоа што не смееме да се потпираме само на времето или да чекаме „погодно време“ за нешто да се случи. Самите ние сме креатори на нашите животи и ние го „раководиме“ вистинското време. Единственото вистинско време што го признавам е: СЕГА или сегашниот момент. Затоа што кога сме присутни во моментот и целосно сконцентрирани на тоа што го правиме и мислиме ние сме во хармонија со сегашниот момент. А, тоа хармонизирање е многу важно затоа што значи дека не сме заглавени ниту во минатото, ниту пак во иднината.

„Сега“ е она што го имаме, и она на кое можеме да влијаеме, не утре, не во некои подобри времиња, не „кога ќе дојде време“! Заглавувањето во минатото нѝ пречи да се сконцентрираме на сегашниот миг и го полни нашиот мозок со мисли поврзани со него кои се целосно непотребни. „Требаше да го направам тоа и тоа“, „не требаше да дозволам да се случи тоа“ или „тоа што се случи тогаш посакував никогаш да не се случеше“. Овие искази се потполно деструктивни! Затоа што минатото е завршено. Тоа што си го направил или не си го направил останува таму, дури и последиците да се видливи во сегашниот момент, тоа што се случило, а не си сакал да се случи веќе е случено и не можеш да се вратиш назад и да го промениш. Тоа што не се случило, а си сакал да се случи – е одлука или избор на која не може да се влијае, затоа што не се случило поради некоја добра причина, која можеби никогаш нема да ја дознаеш. Минатото останува таму каде што и припаѓа. Тоа што сме дозволиле да се случи некогаш и некаде било наша сопствена одлука која тогаш сме мислеле дека е исправна и нема каење доколку донела негативни емоции затоа што и тие нè научиле на некоја лекција.

Мислите поврзани со грижата за иднината од типот: „не знам што ќе се случува и ми е страв од тоа што доаѓа“, „што ако се случи нешто непредвидливо?“ или „загрижен/а сум за мојата иднина и мојот живот во иднината“, треба да се отфрлат! Затоа што и тие како деструктивните мисли поврзани со минатото не носат ништо позитивно. Односно, донесуваат негативизам и непотребна анксиозност како и загриженост кои не се воопшто здрави и се потполно некорисни „состојби“ што предизвикуваат несоница, стрес, па и се причинители и за други нарушувања. Опседнатоста со нештата кои треба допрва да се случат е непотребна. Затоа што тоа што треба да дојде, ќе дојде и ќе помине. Сè доаѓа и поминува, но никогаш не е предоцна за ништо! Сакате да промените работно место? Слободно, не е воопшто касно да направите различно професионално ориентирање. Сакате да почнете нешто ново кое ви се чини премногу „голем залак“ и мислите дека сте престари? – Грешите. Слободно почнете, затоа што никогаш не е предоцна! Сакате да почнете нов бизнис, но се плашите од неуспех? – Почнете го, не е предоцна за тоа дури и ако нема да ви успее, барем нема да ви биде криво затоа што сте се обиделе. Во спротивно ќе ви биде криво што воопшто не сте се обиделе.

Сакате да го промените местото на живеење, но мислите дека ќе ви биде тешко за адаптација во новата животна средина? – Оставете ги тие мисли настрана и направете го тоа баш од кое најмногу се плашите, кога ќе се победите себе, можете да победите сè!

Повторно без идеја за што би пишувала и во овој монолог, мислите си течеа самите додека прстите се движеа по тастатурата. И така, малку следејќи ги настапите на евровизиските претставници, а малку пишувајќи овде, дојде време за гласањето. За уште некое време ќе дознаеме дали можеме да се наречеме сто процентни #PROUD од нашиот претставник? Во секој случај, Тамара според мене заслужува да биде и победничка на овогодинешната евровизија, но евровизија е во прашање, така да… Како и да е, ние уште сега сме ГОРДИ на неа, без оглед на тоа што ќе се случува вечерва и во финалето.

До следно! На здравје паузирање!

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.