Некогаш е подобро да молчиш

Денес беше од оние денови кога немав инспирација за пишување, затоа што мислев дека немам ништо паметно да кажам. Денот ми помина прилично брзо, се занимавав малку со чистење и ги правев последните подготовки за посета на саемот. Знам само дека лани не го посетив и ми беше многу криво, но паричникот така имаше наредено. Па, за оваа година да не биде така штедев колку да можам да појдам и сосема малку да биде подновена библиотеката. Иако имам ограничен буџет, уште сега се радувам што ќе имам шанса да се наоѓам во таква атмосфера преполна со книги.

Кога подобро ќе размислам, денес не ми се ни зборуваше нешто многу, но јас не сум јас ако не си го кажам моето мислење. Некогаш знам да бидам толку сурово искрена што можеби и соговорникот ќе се најде навреден на некој начин. Не сакам да ги повредувам чувствата на другите, да не бидам разбрана погрешно, внимавам што ќе кажам, но некогаш толку лесно и отворено знам да ја „плеснам“ вистината во лице што соговорникот не е толку навреден колку што е оставен без зборови и најчесто се наоѓа затечен и не знае што да ми врати.

Мојот начин на пристап е секогаш отворен и директен и најмногу од сè мразам лажење, сплеткарење и дволичност односно луѓе од типот „едно мислам, а друго кажувам“. Само оние кои се искрени и директни ќе можат да разберат за што пишувам. И не секогаш ова е добра карактеристика. Ние знаеме дека нашата искреност може да нè чини многу, односно да ја платиме прескапо цената на тоа што сме биле искрени. Затоа, некогаш јазикот треба да не биде побрз од умот, или што би се рекло: „два пати мери, еднаш сечи“, преведено во смисла: „два пати размисли пред да кажеш нешто“. Баба ми вика дека сè може да се исчисти и поправи, но она јазикот што ќе го каже никогаш не може да се избрише. И не може да биде во право повеќе од ова. Оваа нејзина мудрост секогаш треба да ни е на ум. Посебно тешките зборови, еднаш кажани – засекогаш остануваат такви, па дури и да бидат заборавени. Но, по некое непишано правило, некогаш луѓето повеќе ги паметат лошите и тешки зборови, додека оние убавите како да ги забораваат. Сметам дека секој носи одговорност за она што го зборува. Нема ништо попривлечно и поубаво од човек кој си стои на зборот и го исполнува она кое што го ветил. Сè друго е празно ветување и „млатење празна слама“.

Искрено, кога тргнав да го пишувам текстов, воопшто немав ниту идеја ниту некој план за што би пишувала, но драго ми е што сепак излезе нешто од мене, дури и во ваков ден, кој „не е баш мој ден“. Затоа можеби денешниот монолог изгледа малку хаотично. Јасно ми е дека секој ден е различен и енергијата не е секогаш на највисоко ниво, ниту пак позитивизмот и оптимизмот. Она што сакам да го кажам е дека сè што правиме треба да е со мерак и од срце, зошто само тогаш вистински ќе уживаме во тоа што го правиме. Затоа не сакав да се форсирам претходно, чекав момент кога ќе ми дојде желба за пишување и еве ја, се јави и дојде. И мислам дека овде би го завршила овој монолог, само сакам да посакам убав остаток од викендов на секој што ќе ги прочита овие редови. И запомнете: „еден лош ден не значи и лош живот“. Затоа што кога ќе погледнеме од друга перспектива, дури и во лошиот ден сигурно може да се случи нешто убаво, никогаш не е постојано сè црно или сè бело. И во белото има малку црно, но и во црното малку бело.

Овде ќе се одјавам. До следно. На здравје паузирање!

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.