Зависни сме од интернетот како што ноќта е зависна од темнината

Здраво интернет кориснику! Штом ги читаш овие редови ти си интернет корисник и во моментов имаш пристап до интернет. Всушност, секаде имаш пристап до интернет благодарение на услугите кои ги нудат нашите телефонски и интернет оператори. Точно е нели? Колкупати во текот на денот отвораш социјални мрежи? Колку часови во текот на денот поминуваш онлајн? Колкупати проверуваш дали на твојата адреса стигнале важни мејлови? Дали се фаќаш себеси како поминуваш часови и часови читајќи статии или други информации за одредена тема која те интересира? Или пак можеби половина ден го поминуваш во гледање филмови и серии благодарение на неговото височество Интернет кој ти го овозможува тоа задоволство?

Откако искрено ќе одговориш на овие прашања, најверојатно можеш да се наречеш интернет зависник. Затоа што речиси сите сме, некои повеќе некои помалку. Тоа е еден од „трендовите“ на денешното време, нешто кое изминативе години ни се наметна природно и спонтано, па кога ќе се вратиме едно дваесет години наназад кога уште кај нас секој немаше пристап до него, се наметнува прашањето: „што ќе правевме доколку го немаше интернетот?“ Јас мислам дека и тогаш ќе имаше што да се прави, но најверојатно деновите ќе ни траеја подолго и ќе беше помалку забавно.
Можеби луѓето ќе поминуваа повеќе време во интерактивни средби лице во лице, но немаше да имаат можност лесно да комуницираат преку океанот со роднината која се преселила на друг континент. Така да, предности и недостатоци има колку сакаш. Сметам дека предностите можат да бидат побројни доколку знаеме правилно да ги искористиме сите ресурси кои ни ги нуди неговото височество.

Како што сме свесни секојдневно дека ни треба храна за да преживееме треба исто толку да бидеме свесни дека и без интернетот може да се преживее, но е неопходен затоа што ни овозможува лесен пристап до многу информации за кои порано многу би се мачеле за да дојдеме до нив. Сега со само еден клик можеме да го имаме „светот на дланка“. Зарем тоа не е чудесно? Повторно се наметнува прашањето: „како ние би функционирале доколку интернетот не постоеше?“ Нормално дека би продолжиле да живееме како што тоа го правеле претходните генерации односно нашите прабаби и прадедовци во нивните услови, но ние сме ја имале таа среќа да се родиме, растеме и живееме во време на „дигитална ера“ кога речиси сè е компјутеризирано и дигитално.

Сметам дека имав огромна среќа што растев во време кога интернетот не постоеше. Поминував многу време во надворешни услови играјќи со децата од маало, како и читајќи енциклопедии и лектири кои заедно ги раскажувавме со мојот најдобар другар. Мислам дека периодот од моето детство секогаш ќе ме потсетува на него, затоа што тој ми влеваше верба во човештвото дека сепак постојат поштени, искрени и фер луѓе, затоа што со него поминувавме часови и часови играјќи интерактивни игри, тој беше оној кој ме научи да играм шах и никогаш не ми попушташе за да можам да му бидам достоен противник.
Можеби близината на живеење си го направи своето, но тој секогаш ќе биде братот кој никогаш го немав затоа што еден период додека растевме мислев дека тој е мојата машка верзија.

Нашиот интернет беа игрите со карти, нинтендото, флиперите, збирањето сликички и пополнување албуми, играњето домино и не лути се човече, гледањето филмови и слушањето музика, учењето да свириме гитара и како тоа јас не го совладав затоа што не се трудев доволно, а тој трпеливо ме учеше. Нашиот интернет беа играњето со топка и додавањето со балони, фудбалот, кошарката и пинг-понг игрите во време кога уште „проблемите не беа спуштени на нашите плеќи“. После тоа некаде во средината на основно школо се појавија компјутерите, па фудбалот и шахот постепено почнавме да ги заменуваме со компјутерски игри и од тогаш почна да се раѓа нашата „компјутерска зависност“ првично, за потоа да прерасне во „интернет зависност“.

Лично јас се трудам да го користам неговото височество за продуктивни цели, односно покрај забавата гледам да имам некоја придобивка плус која ќе ми го олесни животот. И не може никој да се спротивстави на тезата дека животот денес ни е олеснет за разлика од животот во минатото. Слушајќи ги приказните на бабите и дедовците во какви услови живееле можам само да си помислам: „колку среќни суштества сме ние“. И треба да бидеме благодарни поради тоа. Можеби мојот дедо не растел во услови на дигитална ера, но многу добро се снаоѓа во користењето на технологијата, никогаш не му претставувало проблем да ракува со машини затоа што тоа му е дел од струката, а со интернетот почна да се дружи откако си го купи првиот паметен телефон пред шест-седум години.

Ваквите стари луѓе како него ме фасцинираат затоа што го искористуваат докрај сето она што им го нуди времето во кое живеат, а го немале отсекогаш. Лесно се прилагодуваат на промените и не им претставува проблем да учат нови работи. Кога ќе помислам само дека мојата генерација како и сите генерации после неа ќе бидеме „модерни и дигитализирани“ баби и дедовци ми доаѓа некое интересно чувство кое не знам да го опишам со зборови. Сигурно нашите прадедовци и прабаби не ни сонувале дека еден ден нивните потомци толку ќе „напреднат“ и животот засекогаш ќе се промени.

Затоа што животот секојдневно се менува. Од минута во минута. Колку и да не се забележува тоа. Како што се менуваат денот и ноќта, како што сонцето и месечината си ги менуваат улогите по точно определен редослед така и ние се менуваме секој ден. Она што никогаш нема да се промени ќе биде нашата желба „животот да ни биде поубав“. Само во нас лежи моќта и таков да си го направиме. На здравје паузирање!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.