Старо-нов почеток?

30.4.2019, каков интересен датум за почнување нешто ново. Кој рече дека мора на први во месецот да се започне нешто? Или пак во понеделник или во среда за да биде среќно?

На пример јас не чекав ниту први, ниту понеделник, а гледам не сме ни среда, но тоа не ме спречува да ја реализирам мојата нова идеја која ми дојде сосема спонтано и ја нареков: „На пауза со моите монолози“. Ја смислив како некакво „презентирање“ на моите мисли во еден вид на кратки колумни, ама ќе ги викаме монолози. Се надевам ќе „паузирате“ со мене, а јас ќе имам доволно „материјал“ за да го задржам вашето внимание.

Кога подобро ќе размислам, оваа идеја ми се роди утринава спонтано, но зад неа сепак има позадина. Имено, веќе има една недела откако сум со мала повреда на коленото предизвикана од претерана физичка активност, па поради тоа морав да мирувам во најголемиот дел од времето и фактички како да бев „врзана“ за креветот затоа што ми беше забрането да се движам за да не се направат поголеми компликации.

Во ред, го прифатив тоа сосема нормално, ги следев упатствата на ортопедот, бев дисциплинирана речиси постојано со мали исклучоци кога ќе ми станеше здодевно да лежам, па станував до балкон да земам „свеж воздух“. Не ми е поентата да ви кажувам за мојата здравствена состојба туку за тоа како може да влијае врз нас и  нашето секојдневно функционирање дури само една забоболка или главоболка.

Во поголемиот дел од времето си функционираме нормално, здрави сме фала му на Бога (некој повеќе, некој помалку), си ги извршуваме секојдневните активности, зафатени сме со своите мисли, обврски и проблеми сè додека не се случи нешто „поголемо“ од тоа за да нѝ рече: СТОП, сега нема да биде сè според планот. Тоа што може да те запре, може да биде нешто од најмала ситница како силна забоболка па потребна е ургентна посета на заболекар, па до посериозни работи кои не мора да се поврзани со здравјето, на пример ете да речеме се возите со вашиот автомобил и ви се дупнува гума, па вие сте спречени со возењето и морате т.е. сте принудени да запрете.

Гледате како навидум „малечка“ работа може да ви создаде непријатност и да ви го „попречи“ вашето секојдневно функционирање? Да речеме поради тоа што ви се дупнала гумата ќе задоцните минимум половина час на работа, а поради ургентната посета на заболекар ќе мора да прескокнете утрински појадок со вашата пријателка. Додека лежев на располагање имав доволно време за размислување, за читање и пишување и конечно ми се потврди тезата дека „многу арно, не е на арно“.

Што сакам со ова да кажам? Сакам да кажам дека мерата во сè е најдобра. Затоа што и претераното не чини, затоа што дури и активноста која е многу пријатна и предизвикува задоволство и одмор, може да стане досадна, напорна и тешко издржлива. Во принцип, во текот на денот не поминував многу време во лежење и седење, не се грижев многу дали сум уморна, одморот не го сфаќав сериозно и едноставно како да си ја земав „здраво за готово“ потребата за одмор.

Сè додека не се случи сериозната отеченост на коленото која значеше: СТОП! Паузирај! Тогаш телото пискаше: „ова е мојот начин да ти кажам дека тебе ти треба одмор и мора малку да се запреш“. И веќе уште првиот ден почнав поинаку да гледам на одморот и си го сфатив доста сериозно. Сфатив дека ние луѓето се однесуваме како да ја потценуваме таа состојба на „отсуство на болест“ и не се штедиме доволно, колку и да се грижиме за нашето тело и колку и да го негуваме. Колкупати во текот на една недела носеше тешки најлони со различни продукти од продавница до дома со пешачење? Колкупати претера со вежбање затоа што си рече дека „мора да потрошиш повеќе калории?“

Секако, постои и таа друга крајност кога изгледа дека луѓето толку се штедат што дури и за до продавница излегуваат со своите автомобили, се возат со лифтови дури и до првиот кат, избегнуваат скали и се одлучуваат за ескалатори, избегнуваат да работат тешка физичка работа и слично.

Прашањето што ми се поставува е дали тие се штедат себеси премногу или едноставно ги мрзи? Јас секако бев во таа категорија на луѓе кои секогаш ги одбираше скалите пред лифтот, макар и да треба да се искачам на седми кат, бев онаа која намерно ја паркира колата триста метри подалеку од локалот за да можам да „искористам“ малку време за пешачење. И секако дека тоа не е воопшто лошо. Нам нѝ треба физичка активност исто колку што нѝ треба и одморот. Затоа би рекла и заклучила: БАЛАНСОТ е најдобар.

Што и да правите, правете го со мера. Не дозволувајте да дојдете до степен на премореност доколку можете нешто да направите со леснотија.
Никогаш не го потценувајте вашето здравје.
Кога имате здравје имате сè. И чувајте се. Чувајте го и вашето тело.
Затоа што тоа сè памти. И враќа. Можеби после одреден период, но точно се сеќава на секој ваш третман кон него.
Негувајте го вашето тело, но не заборавајте дека тоа ви е единствениот вистински дом. Со него се раѓаме, со него ќе заминеме. Телото има паметен „механизам“ за да стапи во контакт со вас. Вие треба само да научите да го слушнете навремено.

Тоа би било сè за денес, додека го пиев чајот монологот течеше доста брзо, тој уште е врел, а јас веќе го завршив текстот. Што би се рекло, ова беше искажување во еден здив. Ми фалеше ваквиот начин на „комуникација“ со моите читатели.

Би рекла дека ова е еден вид продолжување на претходно почнатиот проект „Ти реков, ми рече“, но со поинаков концепт. Новиов начин на „комуницирање“ со вас го гледам како една нова прилика да ме запознаете „одблиску“, како и да имате причина плус да го отворите нашиот блог и да направите ПАУЗА со читање. Пауза од било што. Пауза од друго читање. Пауза од работа. Пауза од учење. Пауза од што ќе ви дојде на памет.

Ви ветувам дека ќе биде квалитетна пауза. Вие треба само да имате пристап до интернет, да заземете удобна положба, можете да имате покрај вас нешто за пиење и нека почне: „На пауза со моите монолози“.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.