5 најчести типови луѓе на саемот на книга – Александар Николовски

За повеќето читатели, главниот пролетен саем на книга со сигурност е најочекуваниот настан во годината. Во тие неколку дена на едно место можат да се најдат изданијата на сите издавачки куќи од земјата и дел од оние од соседството по за некого повеќе, а за некого помалку, “саемски” цени. Во продолжение ви претставувам пет типови посетители на саемот на книга кои сигурно сте ги сретнале или пак во кои можеби ќе се препознаете и самите.

1)Претпазливо-калкулативни

Овој тип на посетители дефинитивно се оние најподготвените. Со прочитани еден куп рецензии и коментари на Goodreads и слични сајтови, групи и форуми за книги, уште од дома од разгледаните понуди и каталози веќе имаат пресметано точно колку пари ќе потрошат и кои книги ќе си ги купат. Би требало да ги препознаете ако ги видите со списоците во рака. Или пак, најпрво убаво и без брзање ќе свртат неколку пати по халата и ќе ги разгледаат сите штандови и цени и потоа на крајот ќе се вратат само по она што го одбрале. Тие не се залетуваат лесно по книгите со “напумпани” цени и внимаваат на својот паричник. Со мали исклучоци, кај нив нема дополнителни купувања од предвидените. Веројатно добар дел од нив штеделе со месеци пред саемот. Нивната придобивка е тоа што претходно купените книги нема да им тежат многу време во рацете додека наоколу разгледуваат што друго да купат.

2)Ширум отворени за предлози

Ви се случило ли да не разгледате ниту една понуда од издавачите пред да отидете на саемот или што би се рекло да отидете неподготвени и на слепо? Е па, ова веројатно сте токму Вие. Ваквите посетители можеби имаат омилени автори и жанр, но често пати ги купуваат книгите кои им се понудени од страна на штандерите или пак без размислување посегнуваат по книгите кои ќе забележат дека моментално ги купуваат најголем дел од другите посетители.

3)Извидници

Има и такви читатели кои немаат многу буџет за саемот од било која причина или пак едноставно само се љубопитни, но сепак сакаат да извидат и колку толку да бидат дел од саемската атмосфера и да ја почувствуваат самата еуфорија. Ваквите посетители ќе ги препознаете по тоа што тажно и забезегнато гледаат наоколу позитивно завидувајќи им на останатите што носат купишта полни ќеси и само длабоко си воздивнуваат. На крајот од саемот излегуваат најчесто со само една или две книги и со надеж дека следниот саем ќе можат да си дозволат многу повеќе.

4)Крајно неодлучни

Постојат и такви посетители кои без разлика на буџетот со кој располагаат, навистина тешко се одлучуваат кои книги ќе ги купат. За нив изборот на книга е како да донесуваат некоја важна бизнис одлука. По неколку пати ги препрочитуваат кратките содржини од задните корици на книгите и по два-три пати се навраќаат на нив, па ги земаат, па ги оставаат, па пак ги земаат, па се премислуваат до немај каде. Во оваа група спаѓаат и оние што директно на штанд од својот мобилен телефон читаат рецензии за книгите за кои не можат да се одлучат. Со еден збор тие никако не знаат да пресечат, но понекогаш на крајот завршуваат и со купување на сите оние книги меѓу кои им била дилемата. Според мене овие љубители на книгата се малите “ноќни мори” на секој штандер.

5)Со (речиси) празен паричник, но среќни

Покрај планираното, овие читатели купуваат и купуваат скоро сè што ќе им се допадне или ќе им предложат. Опремени со доволно готовина и неколку картички, како пчела летаат од штанд на штанд и купуваат се додека можат да ги носат книгите. Просто не можат да одолеат кога штандерот ќе им рече: ,,Оваа книга ни е најнова, ја видовте ли?” Дури и цената на најновите книги кои им се допаѓаат да им е малку висока, сепак меракот е голем и не сакаат да ја остават за следен саем. Неретко со себе си носат некакви торби на тркалца или куфери за подобар транспорт, или она најдоброто- човек плус за да им помага во носењето (и плаќањето) на саемскиот улов.

*Кој од овие типови на посетители сте Виe или со кој од нив најмногу се поистоветувате?

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.