Јас сум ништо, јас сум сè – Ана Патриклиева

„Ќе ми се смилат ли некогаш овие болнички кревети?”, осети грчеви во стомакот. Болничката завеса, која стоеше на неполн еден метар од неа ѝ предизвикуваше мачина ѝ ствараше чувство на тага, на болка. Се сети кога татко ѝ имаше незгода на работа, беше добил скршеници на ребрата и мораше да лежи во болница. Убавка имаше чувство на вина, татко ѝ ја прекоруваше зошто таа ниту еднаш не го беше посетила. Ја нарекуваа бесчувствителна. Но, таа одеше, одеше до болницата многу често, само што немаше храброст да влезе внатре. Ќе постоеше пред влезот на болницата и ќе си заминеше.
Еднаш собра храброст, но стигна само до првиот спрат, ги искачуваше скалилата кога наеднаш нозете почнаа да ѝ се тресат, биењето на срцето беше единствениот звук кој одекнуваше во нејзините уши, дишењето ѝ стана тешко, чиниш сетиот воздух го снема за миг. Потрча надолу по скалите, гледајки само во излезната врата. Се фати за вратата, но беше немоќна да ја отвори. Теглеше со сета сила, но во тој момент силата како да ја беше напуштила. Вратата ѝ се стори чудовиште, а таа се бореше да дојде до воздух. Надвор еден доктор пушеше цигаре и не обрнуваше внимание на Убавка. Откако таа силно затропа на стаклото на вратата, тој со бавни чекори пријде до вратата и ја отвори, презборувајќи ѝ арогантно „Јас не знам што влегувате во болница, кога не можете”. На Убавка почнаа солзи да ѝ навираат, сакајќи да му возврати „И јас не знам што зборувате ако немате нешто добро да кажете”, но премолчи, се заврте и си замина.


Лицето ѝ се згрчи, присетувајќи се на овој немил настан, и продолжи да зјапа во белата завеса растегната на железното постолје. „Зарем не би требало човек да се осеќа пријатно во терапевтска канцеларија? Можеби би требало да му спомнам на докторот, дека завесите ми влеаваат непријатност.” Се подисправи малку, за миг помисли пронашла решение, но за кратко пак се врати во старата позиција, потпирајќи си ги лактите на колената. “Ах, да, и тој веднаш ќе ги тргне за мене, може и тросед ќе донесе да ми биде поудобно. Не Убавко, ова не е филм, ова е реалност. Не само што нема да преземе ништо во врска со тоа, туку и ќе ги стави до тебе да свикнеш на непријатноста, да се соочиш со неа. А што има да ти се смилат креветите или завесите, или било што од оваа соба, та не ќе се згнездуваш овде..” Мислите ѝ беа прекинати кога докторот се појави на вратата, поздравувајќи ја со широка насмевка.

„Како сме денес?” ја крена раката, се поздрави и си седна на неговата фотелја позади бирото, си ги потпре рацете на бирото, испреплетувајќи ги прстите.
„Добро” изусти Убавка.
„Каков е тој одговор? Сакам да слушнам дека си добро” – извикувајќи го последниот збор, „а не, добро.” – овој пат имитирајќи ја Убавка. Таа само му возврати со мала насмевка, збунето се прашуваше дали ова беше еден вид на прашање како што треба да го повтори одговорот „добро” со извикување.


„Дали имаше напади изминатава недела?” сè уште му стоеше насмевката на лицето.

„Имав, два-три напада, но, со мал интензитет.” Одговори по малку разочарано. За нејзино изненадување докторот повторно со широка насмевка извика: „Одлично!“ Кога дојде овде првпат, кажа дека имаш понекогаш дури и по четири до пет напади дневно. Значи напредуваме”.


„Но, јас се уште се чувствувам лошо. Да, ги нема нападите толку често, но мислите, стравовите сè уште се тука.”


„Види вака Убавче”, направи мала пауза на штотуку почнатиот говор, и запали цигаре. Убавка потајно преврте со очите, знаејќи дека кога докторот ќе запали цигара, следуваат мудрости, но сето тоа беше во ред, она што ја нервираше Убавка, она што предизвикуваше очите да ѝ се превртуваат беше начинот на кој тој зборуваше. Премногу уживаше тој во цигарата, секогаш правеше пауза при секое вдишување и издишување на чадот додека зборуваше, а тоа го правеше многу споро, што понекогаш со една цигара ќе кажеше само една реченица.
Испуштајки го чадот продолжи со говорот: „Најтешката работа на светот е работата на самиот себе. Таа бара многу трпение и многу напор. Не може да се достигне посакувата цел преку ноќ. Ова што ти се случува тебе, оваа твоја состојба, исто така не е преку ноќ настаната, таа се собирала постепено во тебе, без твоја совест, и тлеела, чекајќи момент да избие. Затоа Убавче, трпение спасение.” Насмевнувајќи ѝ се со широка насмевка, ја изгасна цигарата во фишек од хартија, и го фрли во ковчето.


„Има убава насмевка”, помисли таа, загледувајќи се во него, и за првпат го анализираше. “ Има прекрасни заби за негова возраст, а и со оглед на тоа дека е страстен пушач, навистина му се прекрасни забите, бели и правилно распоредени. Можеби му се вештачки? Не, не би рекла, познавам неколку лица со вештачки заби, се познава, неговите дефинитивно се вистински.”


„Го напиша ли домашното?” ја праша прекинувајќи ја во нејзиното зјапање во неговата уста. Домашното беше задача да напише на лист „Кој сум јас”, дадена предходниот пат на терапијата. Често тој знаеше да се шегува и да рече: „Вие што идете кај мене, сте мои ученици”, затоа задачите што ги даваше, ги нарекуваше домашно.


Убавка му го подаде листот, гризејќи си ја внатрешноста на устата. Таа знаеше дека нема да му се допадне одговорот, но истовремено беше нестрплива за разговорот што следеше.


Тој ја подигна десната веѓа, го спушти листот на бирото и со голема љубопитност и рече: „Ајде сега ти мене, објасни ми го ова што си го напишала, што всушност сакаш да кажеш со ова „јас сум сè, јас сум ништо” и се потпре со грбот на столот.


Убавка мислеше дека е спремна да зборува за ова, но всушност таа знаеме. Сериозниот поглед на докторот ѝ влеваше несигурност, го вкопа својот поглед во подот, избегнувајќи го неговиот. “Јас сум сè јас сум ништо”, тивко проговори таа, сè уште држејќи го погледот во подот.

„Добро Убавке, тоа го пишува и овде на листот, го прочитав, но сега барам да ми го објасниш ова, и искрено мислев ќе испишеш цела страница, но не е важно зошто понекогаш и малите работи значат големи нешта. Ајде слушам, почни да зборуваш.”

Толку беше спремна, да му изнакаже сè што ѝ лежи на срцето за ова негово прашање, но збор не излегуваше од нејзината уста, мислеше дека што и да каже тој ќе ѝ се поднасмевнува. „Зошто ми е страв да си го кажам своето мислење, па тој е доктор, тој е овде за да ми помогне, нема право да ме осудува.” Се прашуваше Убавка, сè уште гледајќи во подот.

По неколку минутното молчење, таа почна да зборува „Јас искрено не знам како да одговорам на ова прашање. Сметам дека има милион одговори, и сметам дека сите се точни и неточни.” Докторот без никакво движење, со смиреност гледаше во Убавка, давајќи ѝ до знаење да продолжи со зборувањето. Не сакаше да ја прекине со неговите прашања, сметајќи дека штом таа почнала да зборува, подобро да ја остави, во случај пак да не занеме, а и го интересираше што има таа да каже, со оглед на ова што го кажа таа, му се чинеше занимливо.

„Она што сакам да кажам, на пример еве, јас сум плавуша. Тоа е точно, но тоа не ме дефинира мене, можам да ја сменам бојата на косата уште денес, еве ќе ја сменам во црна. Дали тоа значи, дека со менување на бојата на мојата коса, ќе се смени и она „јас”? Јас не мислам дека ќе се смени, нема да бидам повеќе плавуша, но пак ќе бидам „јас”. Со ова доаѓам до заклучок, дека одговорот „јас сум плавуша” е точен и неточен. Добро, ова не ми е добар пример, бидејќи зедов физичка карактеристика од мене, но сепак мислам дека ме сфаќате што сакам да кажам.“ Докторот само кимна со главата, и ѝ рече да продолжи.

„Можам да ви дадам и друг пример, еве да речеме, денес плачејќи се кријам од сите, дали тоа ми дава карактеристика на слаба личност, кога утре може планини да поместам. Затоа сметам дека одговорот на ова прашање е релативен. Она што ќе го идентификуваме како самите себе во одреден момент во времето, ќе биде различен во друг момент.” Крвта ѝ струеше на Убавка, дури образите ѝ се беа вцрвиле. “ Она што го мислам дека јас сум сè, всушност мислам на енергијата. Ние, како и универзумот сме создадени од чиста енергија. Знам, знам дека нашето тело е составено од атоми, но ислушајте ме. Квантната физика вели ако се оди подлабоко и подлабоко во работата на атомот, ќе се види дека таму нема ништо, само енергетски бранови. Еден атом е невидливо поле за сила, еден вид на минијатурно торнадо, кое емитува бранови на електрична енергија. Од ова, можам да кажам дека сите ние сме енергија, и ако сè е енергија, и јас сум енергија, значи јас сум сè. Звучам лудо зар не, но дали знаете дури дека постои навидум парадоксално гледиште дека ние сме ништо, ние не постоиме.”

Убавка продолжи со зборувањето, овој пат со крената глава. Беше изненадена од самата себе си, како таа дипломатски објаснува, дури мафташе со рацете додека зборуваше, како да си ги беа смениле местата со докторот, таа зборуваше, тој слушаше со повремено кимнување на главата.

„Добро, знам малку претерав, дури почнав за физика да зборувам, верувајте ми, ја сфатив целта на ова прашање, потполно ја разбирам суштината овде…“

„Ајде да ги оставиме филозофите да филозофираат” докторот ја прекина Убавка, но за негово изненадување и тој веднаш беше прекинат, таа не му дозволи да си ја заврши мислата, и со повисок тон му се обрати „Ми велите да не филозофирам, а ми поставувате филозофско прашање, па како очекувате да ви одговорам тогаш? Концептот на личен идентитет ги збунува филозофите со векови, па како би можела јас да одговорам на ова прашање? Еј, да! Па можеби сум филозоф некој, па да напишам на листот јас сум филозоф, еве ви одговор.” Со дланките кренати во воздух, насочени кон докторот, таа почна да се смее, со што му побуди насмевка и нему.

„Одговорот не е за мене, ами за тебе. Тебе ти е потребен, за да имаш внатрешен мир.”

Ногата почна да ѝ се тресе во брз ритам, трпението ѝ се намалуваше, сакаше што побргу да заврши оваа сеанаса. „Докторе, одговорот на ова прашање е релативен, јас сметам дека мирот не е во пронаоѓањето, туку во прифаќањето. Треба да ја прифатиме моменталната ситуацијата, без разлика дали ни се допаѓа или не, со прифаќањето на моменталната ситуација, или на она јас, ние го пронаоѓаме внатрешниот мир, оставајќи простор за надоградување. Затоа извинете, јас го ценам вашиот збор, не се ни сомневам во вашите методи, но не можам да мислам исто како вас. Тоа е мојот одговор.”

Ликот на докторот му беше ведар, имаше блага насмевка. Запали цигара, и погледна кон часовникот. “ Јас не би ни сакал да размислуваш како мене, јас сум овде за да ти помогнам ти самата рационално да размислуваш, а по денешнава сеанса гледам дека имаме голем напредок кај тебе. Доста е за денес, нема сега да закажеме за нареден пат, туку дај си малку време на самата себе и кога ќе имаш потреба од мене, јави ми се, ќе се договориме за средба. „Види го ти него, не го ни насетив, цело време јас зборував, мислејќи дека сум открила нешто ново, а цело време тој стоел позади мене, како дух, поттикнувајќи ме сама да дојдам до заклучок.” Размислувајќи во себе, ја подаде раката кон докторот, се поздрави, и излезе од ординацијата со некакво чувство на олеснителност.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.