„Маџун“ на академик Влада Урошевиќ ќе доживее промоција

На 24.01.2019 (четврток), со почеток од 19 часот, во Кино Култура, ќе се одржи промоција на најновиот роман „Маџун“ на еден од најзначајните македонски писатели, академик Влада Урошевиќ.
Влада Урошевиќ

Вовед во делото, и разговор со авторот ќе води Владимир Јанковски, а авторот ќе чита делови од романот.

За книгата, проф. Лидија Капушевска-Дракулевска ќе истакне:

Романот „Маџун“ на Влада Урошевиќ е структуриран од три дела и тоа: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството. Веќе самите наслови на одделните поглавја ја откриваат доминантната тема на детството која како Aријаднина нишка се провлекува низ многуте лавиринтски патеки на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Зашто, романот „Маџун“ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман-загатка…

Композициски, „Маџун“ промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата… Авторот користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната.
На микрокосмосот на детството како тематска доминанта, нормално, и` одговара детската визура на светот која внесува очудување на рационално уредената реалност. Во оваа пригода, треба да се нагласат уште неколку карактеристики на оваа проза како што се: мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија; сите тие го збогатуваат совршениот раскажувачки стил и придонесуваат за високиот степен на култура на јазикот и изразот, повеќекратно потврдени преку писателската практика на Урошевиќ.

Влада Урошевиќ (1934, Скопје) македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член на Македонската академија на науките и уметностите, како и на повеќе академии во странство. Има докторат по филолошки науки; како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, држел курсеви по историја на европските литератури од XIX и XX век.

Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), објавил десет збирки поезија. Помеѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Во повеќе книги се собрани критиките и есеите во кои, главно, зборува за македонските писатели. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Помеѓу антологиите што ги составил се одделуваат: „Црниот бик на летото“ (1963), избор на поезијата на помладата генерација македонски поети, „Црна кула“ (1976), антологија на фантастичниот расказ во литературите на некогашната Југославија, и „Големата авантура“ (1993), антологија на францускиот надреализам.

Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски „Цвеќињата на злото“ на Ш.Бодлер, како и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.

Влада Урошевиќ е единствен македонски поет кој ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на Струшките вечери на поезијата. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред.
Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.

Извор: Cooltura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.