Нашиот корен – Соња Смилеска

Сузана уште додека беше во затвор се разведе од Миле. Сега по излегувањето од затвор отиде да живее во станот што го наследи од родителите, а тој остана да живее во нивниот заеднички стан. Нивните деца, Диме и Маре во моментот беа на студии во странство. Сузе во овие неколку месеци се повеќе се задушуваше во овој стан.
Ја прогонуваа спомените и настаните што се случуваа во овој ист стан. Затоа реши да го продаде и да си купи нов, за да може да започне целосно нов живот во што ја подржаа и децата и брат ѝ Томе. Додека да купи нов, на покана од тетка ѝ Милка од Битола, реши привремено да престојува таму. Станот многу брзо го продаде и според договорот требаше да го испразни и да им го предаде на новите сопственици најдоцна за еден месец.
Веднаш се зафати со планирање што сѐ треба да направи за да го испразни.
Веќе имаше одлучено поголемиот дел од облеката и постелнините да ги подари во Црвениот крст, а од покуќнината, разни предмети и апарати за домаќинството ќе ги подари во старачки домови или на некое сиромашно семејство.

Лесно е да се направи план каде сѐ и што ќе даде, но реализацијата е многу тешка, во што се увери уште првиот ден. Колку и да не сакаше, скоро секој предмет ја потсетуваше на нејзините родители, на неа и на брат ѝ. Одлучи на помош да го повика брат ѝ Томе затоа што сфати дека иако таа го наследи станот, сепак предметите подеднакво им значат и им припаѓаат на двајцата и затоа за нив треба заедно да одлучат и да ги средат.

– Сузе, ѝ рече Томе, ти знаеш дека јас ништо не сакам, освен некои предмети што ме врзуваат за детството и младоста, од тоа сепак би земал нешто. Ќе дојдам попладне.

До пладне Сузе средуваше работи за кои беше сигурна дека освен употребна, за неа и брат ѝ немаат некоја важност. Но попладнето кога дојде и Томе, тие имаа навистина тешка задача. Не можеше сѐ така да се отстрани и да се даде или фрли.

На дното од големиот плакар во спалната соба пронајдоа еден стар куфер. Во него имаше разни документи за целото нивно семејство, наредени хронолошки во папки и пликови, сѐ како што им се случувало низ животот.

Тука беше ставена венчаницата на нивните родители, изводи од раѓање, крштеници, документи и решенија за добивање или за купување на станови, ученички книшки и сведителства, дипломи од Сузе и Томе. А сето тоа прикажано и низ многуте фотографии грижлово и хронолошки средени во десетина фото албуми. Со еден збор историјата за животот на нивното семејство. Сузе и Томе беа тажни, се присетија на училиштата, наставниците, оценките, згодите и незгодите што им се случуваа.

Кога отворија една помала кутија беа уште повеќе изненадени. И во неа беа хронолошки наредени документи, но од дедо им и баба им, родителите на татко им. А на крајот имаше еден стар албум полн со стари пожолтени, главно црно-бели фотографии од целата негова фамилија. Имаше фотографии од венчавките на неговите сестри, од нивната и на крајот една фотографија ставена во рамка од венчавката на неговите родители.

Сузе му рече на Томе:

– Брате ова богатство ти припаѓа тебе, ти си коренот на нашата лоза, сигурна сум дека ова тато го спремил за тебе. Ти треба да го чуваш и да го доградуваш. А јас од некои работи ќе направам копија за мене и тетка Милка.

– И јас така мислам, и исто како тато ова богатство ќе го чувам и ќе го доградувам. Ние не сме гол корен. Коренот на нашата лоза има гранки и лисја, ние имаме наследници. Му благодарам на тато што ни го оставил ова богатство.

Потоа одделија и по неколку предмети кои ги потсетуваа на нивниот живот со родителите и предмети кои знаеа дека им значеа на нивните родители. А во спалната соба на ѕидот висеше и врамена фотографија од венчавката на нивните родители.

– Сузе, рече Томе, ќе ја земам и оваа фотографија, таа ќе најде место во мојот дом.

И за албумите со фотографии, одлучија да стојат на едно место, исто кај Томе.

Доцна вечерта откако Томе си отиде, Сузе иако беше изморена не можеше да заспие. Постојано мислите ѝ се враќаа на поминатото попладне со брат ѝ, на спомените, фотографиите, предметите и разговорот што го водеа.

Во еден момент ѝ пролета мисла и се запраша што ли стана со големата фотографија од нејзината венчавка што беше закачена во спалната соба од станот каде што сега живееше Миле. Дали Миле ја отстрани или ја фрли фотографијата, дали во тие моменти на нејзините деца ако беа присутни, им текна дека сепак треба да ја сочуваат, дали ја сочуваа и каде е? И не само таа фотографија, во тој стан исто така има спомени од 23 годишниот живот на нивното семејство. Дали некогаш ќе може да влезе во тој стан, дали Миле ќе ѝ дозволи да ги собере, да ги спакува и да ги среди фотографиите, документите и предметите што им значат, за да останат како наследство за нивните деца. А можеби Миле во момент на револт и лутина веќе сѐ уништил и исфрлил, ги искорнал корените на нивното семејство.

Не, тоа не смее да се случи, си велеше во себе, секое семејство какво и да е, има корени, тие постојат, не можат да се уништат, имаат и гранки, тоа се нивните деца. Значи и околу овие работи во иднина ќе треба да се ангажира.

Наредните денови работата им одеше полесно и за две недели станот беше целосно испразнет. По претходен договор со тетка ѝ, сите нејзини работи ги спакува во големи кутии и истите со комбе требаше да се однесат во Битола.

Приквечерта и таа стигна во Битола кај тетка ѝ. Седнаа да се напијат кафе и Сузе ѝ го даде подарокот што го спреми за неа.

Тетка ѝ веднаш ја отвори кесата и најпрвин го извлече албумот, а по него и една рамка со фотографија во неа. Таа немо гледаше во фотографијата, а солзи ѝ течеа низ лицето. Во прв момент не можеше ни збор да изрече, толку многу беше изненадена, возбудена и растажена.

– Сузе што е ова, од каде ја најде оваа фотографија, иста ваква имаше во во куќата на моите родители, рече растреперено.

Со прстите нежно минуваше по фотографијата, како да ги гали, како да се поздравува со своите родители. Потоа го отвори албумот, а во него стари фотографии со мајка ѝ, татко ѝ, брат ѝ, сестрите, сите тие кога биле деца, млади, фотографии од нивните свадби. Некои од овие фотографии и таа ги имаше, но вака наредени една по друга, сѐ како се случувало како на филм, премногу ја возбуди. Не можеше воздух да поземе, а не пак да каже нешто.

– Тето, ѝ рече Сузе, кога ги средувавме работите од мама и тато најдовме еден стар куфер, а во него тато ги средил сите документи и сите фотографии за нашето семејство, сѐ како што било по ред. Во посебна кутија ги имаше средено документите и фотографиите од сите вас, неговото семејство. Не сакал да се

изгубат. Сигурно ги спремил за Томе, тој го зема куферот со нашето богатство, да го чува и да го доградува. А јас направив за мене и тебе копии од еден дел за кој сметав дека и ние треба да ги имаме. Сега се сеќавам на зборовите на тато, велеше: „Коренот на нашата лоза треба да си го чуваме без разлика каде патот ќе не однесе“.

Тетка ѝ плачеше, ги лееше долго собираните солзи.

– Сузе, ѝ рече, дали знаеш дека никој во животот истовремено толку не ме израдувал и натажил, ти благодарам што ми го подари ова непроценливо богатство. Ќерко, многу ме разнежни, не можам да престанам да плачам и да се сеќавам. И не знам, можеби е глупаво и детинесто, никогаш гласно не сум го изговорила ова, ама ете сега ќе кажам, нешто ме гуши во душава и морам да го извадам од себе, толку години го носам во себе.

Јас и тетин ти сѐ имавме во животот, само едно, највредното го немавме, немавме пород. Такви беа времињата и не се одлучивме да посвоиме барем едно дете, ќе го изгледавме. Мои деца бевте вие внуците, посебно ти и Томе. Кога станав професорка мои деца беа учениците, со нив ги доживував сите радосни и тажни моменти, на нив им ја подарив мојата љубов и внимание.

Но историјата од нашиот живот нема кој да ја сочува, затоа те молам, по нашата смрт сочувај од нашите животи по нешто. Сочувај го нашиот живот преточен во хартиите и фотографиите, нека остане некој белег од нас. Гледаш како татко ти сето тоа го спремил и го наменил за вас, знаел дека ќе го сочувате тоа богатство, како што рече ти, коренот, лозата. Во таа лоза една гранка би сакала да ни припаѓа на нас, на мене и на тетин ти.

Стана Сузе и ја прегрна тетка си, толку многу ја растажи оваа цврста, енергична и весела жена. Од секој збор што го изговори извираше копнеж, неисполнета желба за свое дете. Но животот таков е, тоа е судбина, си помисли, а на тетка и и рече:

– Ти ветувам тето дека така ќе биде. И без да ми кажеше јас тоа ќе го сторев, ти си дел од нашата фамилија, од нашиот корен и лоза.

Автор: Соња Смилеска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.