Богата жена – Соња Смилеска

Од утрото чувствувам некој немир во душата, влегувам од една во друга соба, а не знам ни што барам, ни што сакам. По некое време застанав пред шкафчето со кутиите и албумите со фотографии.
Ја отворив вратничката, а не знаев зошто.
И само што се обидов да извлечам еден од многубројните албуми со фотографии за да разгледам што има во него, пред мене се лизна една поголема фотографија. Погледнав во фотографијата и истиот момент нешто ме стегна во душата. Ја подигнав од подот и се загледав во неа. Одеднаш ме преплавија сеќавања, се сетив. Точно пред 15 години е направена оваа фотографија на прославата од 50 годишнината од бракот на моите родители. А, на неа беа моите родители, јас, сестра ми и брат ми со нашите семејства, точно 15 души. Нежно со раката минувам по нашите ликови. И во моментот како да го заслушав гласот на мајка ми, ми вели: „Виде ли ќерко, јас навистина бев богата жена, а сега тоа богатство ви го препуштив на вас, негувајте ги и чувајте ги вашите семејства, грижете се и чувајте ја нашата фамилија.“

Седнав на фотелјата, ја залепив фотографијата на градите и прошепотив: „Знам мамо какво богатство ни остави, знам дека богатството е во семејството“.

А спомените, сеќавањата веќе во мене се ројат од сите страни, ме преплавуваат, како на забрзана филмска лента се редат, сакаат да ја раскажат нашата приказна. Го зграпчив бележникот и забрзано ги запишувам настаните што ми се редат пред очите…

Живеевме во маало каде што секој од некаде од внатрешноста беше дојден и тука во големиот град, на сосема нови темели го градеше својот дом, своето огниште. Тука, во нашето маало најблиски роднини ни беа соседите од улицата. Сите беа работници и само неколку побогати семејства. А, на улицата вриеше од деца од сите возрасти, игравме, се дружевме и се штитевме меѓусебно. Татковците главно ни работеа, а мајките беа домаќинки. Секое семејство си се грижеше само за себе, но секој се грижеше и до тој до него, во несреќата му помагаше, а на среќата му се радуваше. Можам слободно да кажам дека семејствата од нашата улица беа како една сложна голема фамилија.

Ние бевме три деца, сестра ми, јас и брат ми, татко ми беше работник, а мајка ми беше домаќинка. Животот со една плата и пет члена во семејството не беше воопшто лесен. Но, мајка ми и татко ми беа неуморни борци, сакаа да ни овозможат топол дом, мир и љубов и добро образование. А, за сето тоа да се постигне требаше многу труд, љубов и мудрост. Моите родители тоа секојдневно го чинеа, а притоа и нас нè учеа на овие животни вредности. Нè научија да бидеме добродушни, мудри, одлучни, сочувствителни, човечни и вредни, да не се плашиме и срамиме од никаква чесна работа.
За да имаме сè што ни треба и да ни се подобри материјалната состојба, моите родители се зафатија и со земјоделски работи, а во рамките на нашите можности и ние им помагавме. Воедно и вредно учевме. А, годините си минуваа и веќе сè повеќе почнуваа да се чувствуваат разликите меѓу сите нас од маалото. Многумина од младите се вработија, се омажија и оженија. А, заедно со сите тие промени настапија различни проблеми, подеми и падови.

А, моето семејство ги живееше едни од најубавите години. Во него владееше слога, почит, љубов. Сите ние вредно работевме и учевме, одевме напред, бевме ценето и почитувано семејство. Често доаѓаа соседите кај нас и секој ќе си кажеше по некоја мака. Моите родители ги сослушуваа, ако требаше ќе кажеа и по некој совет, а понекогаш колку што можеа и лично ќе се вклучеа и ќепомогнеа во решавање на нивниот моментален проблем. А мајка ми често потоа знаеше да рече: „јас сум богата жена“. Ние децата ја слушавме зачудено, не можевме да сфатиме во што го гледа мајка ми нашето богатство кога одвај крај со крај врзуваме.

А, таа како да ни ги читаше мислите, ќе речеше: „Сите сме заедно, живи и здрави, вие добро учите, не сте ни направиле никаков проблем, не сте не засрамиле, имаме топол дом, во него има радост и смеа и се разбира по некоја расправија, но тоа е за да се трудиме да бидеме подобри, па зарем тоа не е богатство. Немаме доволно пари, па повеќето немаат, но битно е дека се друго имаме, имаме здраво семејство“.

Годините минуваа, сестра ми, јас и брат ми пораснавме, пораснавме во секоја смисла на зборот, завршивме средни училишта, факултети, се вработивме. Потоа следеа нашите формирања на семејства, раѓањето на нашите деца. Сега веќе бевме голема фамилија со три семејства, со вкупно 15 души. Со нашето растење, растеше и задоволството на моите родители, беа пресреќни. Какви што беа вредни, на сите ни ги изгледаа децата давајќи им многу љубов, внимание и секако лекции од и за животот.

За сите поголеми државни и верски празници скоро секогаш бевме заедно, но бевме заедно и кога на некој му требаше помош без разлика дали се работеше за физичка, материјална или морална помош и поткрепа. Знаевме и да се расправаме меѓу себе, да се лутиме. Но, имавме доблест и да си ги признаеме грешките, да се потрудиме да ги поправиме истите, а воедно и да се извиниме ако е потребно.

И наново и наново мајка ми ќе кажеше: „Јас сум богата жена, ние сме богато семејство“. Сите ние оваа нејзина изрека ја знаевме и точно знаевме кога ќе ја изрече, но воедно веќе ја знаевме вредноста и тежината на овие зборови, знаевме дека навистина сме богато семејство.

По повод 50 годишнината од нивниот брак им организиравме прослава и тогаш ја направивме таа заедничка фотографија. Набрзо потоа мајка ми се разболе, но сите ние секогаш бевме до неа. И покрај болеста, кога ќе не видеше ликот ќе ѝ светнеше, очите ќе ѝ заискреа. И притоа не пропушташе да каже дека сите ние сме нејзиното богатство, сила и гордост. Болеста се повеќе ја навјасуваше, почна да заборава, некогаш дури и не нè препознаваше. Но, никогаш не заборави да ни каже и на нас и на другите луѓе што ја посетуваа дека таа е богата жена.

Во тие болни времиња често ја посетуваше една соседка. Беше од тие поимотните, но во суштина со голема празнина во душата. Еден ден така седната до мајка ми ја заслушав како ѝ вели: „Ти навистина си богата жена, секогаш сте сите заедно. А, јас на толкаво богатство всушност сум многу сиромашна жена, сама и осамена, имам деца но ниту дошле, ниту ме прашале како сум“. А, мајка ми тивко, со веќе изнемоштениот глас, но сепак гордо ѝ вели: „Да, навистина сум богата жена, тие се моето богатство“.

Многу години поминаа откако мајка ми не е веќе со нас. Но, богатството што ни го остави ние грижно го чуваме и негуваме. Фамилијарно се собираме кај татко ми, кај сестра ми, кај мене, кај брат ми и се дружиме, празнуваме, си помагаме. Семејствата веќе ни се проширија, а се надеваме дека наскоро ќе има уште поголеми проширувања. Од коренот што некогаш го засадија моите родители никна високо право стебло, се разграни и се повеќе се разгранува, со секој ден е се поубаво, побројно и побогато.

Го затворив бележникот, а душата ми е тажна, но и полна со тивка среќа. Ги бришам солзите кои ме пратеа додека се сеќавав на мајка ми, на таа едноставна богата жена која целиот свој живот ни го посвети на нас, ни даде непроценето богатство.

Автор: Соња Смилеска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.